ДАЛИ СЕКОЈА ОД НАС ГО ПЛАЌА РОЗОВИОТ ДАНОК?

Добивај вести на Viber

Интимен гел за девојчиња! Ми скока на „Фејсбук“ од некоја реклама. Спакуван во розе амбалажа, пресладок на изглед. На самото шишенце пишува дека е наменет за интимната област кај девојчиња од две години. Прво што си помислувам е: Добро е што имам машко дете! Неколку секунди потоа ми се вклучува црвеното светло в глава, она што како аларм ми го буди револтот кон консумеристичките практики. До каде сè се подготвени да одат во име на профитот?!

Сте слушнале ли за терминот розов данок? Веројатно некои од вас се добро запознаени со родово базираната ценовна дискриминација или би рекала со родовиот јаз кога е шопингот во прашање. Даноците на женските производи се голема тема во глобалната економска политика, но колумнава нема да ја обременувам со теоретски парадигми, туку ќе се обидам да пишувам низ јазикот на секоја една од нас... 

Сите реклами зборуваат со јазик на трансформација, имено, дека продуктие кои се произведуваат секогаш ќе разубават нечиј живот, изглед, стил, одлуки. Тоа им е работа – да нè направат жедни за повеќе. Нè буцкаат да го почувствуваме недостатокот од она што го немаме. Вештачки креирана празнина која треба да се пополни со шопинг! Не се изземам ни себе си од темата „шопинг енд факинг“, односно од морето консумеристички бубашваби кои особено овој период, пред празниците, се со зголемен апетит за купување и трошење. Признавам, една сум од нив, само овој пат, реално, ме кочи ситуацијата во општеството со короната. Бројките на заразени ескалираат до плафон, па, ни на крај памет не ми е да се шетам по трговските центри и да минувам часови во разгледување на светкавите излози од кои врескаат етикети и амбалажи со скриени пораки: Купи ме, за да те направам среќна!

Но, да не бевме во ваква вакум година, како некој чуден експеримент за издржливоста на човештвото, веројатно веќе ќе бев по продавници да ја барам мојата ретуширана среќа. За жал, не сум толку „просветлена“ колку што би сакала, и не сум толку ослободена од товарот на материјалното, иако сум свесна за ѓаволштината на истото. Одамна ја направив шпагата врз: ДА СЕ ИМА ИЛИ ДА СЕ БИДЕ? Во тој расчекор се најдов себе распната меѓу двете крајности, па решив дека едното не мора да го исклучува другото, освен ако не претендирам да живеам во манастир.

А, кога е шопингот во прашање, денес, нешто друго ме здоболи – розовиот гел за интимна нега за девојчиња кои се уште носат пелени! Не наоѓам ништо спорно во потребата од хигиена, но имам проблем со потребата да се измислат потреби само за да се продава. Дали навистина на двегодишните девојчиња им се потребни посебни, специјални гелови за интимна нега? Зар истата работа нема да ја заврши детскиот сапун? Дали уште од мали нозе е потребно да се прават дистинкции меѓу момчињата и девојчињата? Дали од мали сме тренирани да користиме производи кои се поскапи кога се спакувани во розе боја? И дали навистина розовиот брич, како што вели една моја пријателка (случајно имењачка) вреди повеќе од синиот кој е со поефтина цена?


Разните стилизирани производи за девојчиња и жени се дел од полемиката за розовиот данок (pink tax). Во една студија направена во Њујорк,  во која се споредени цените на 800 производи, се потврдува дека женската консумација е далеку позасегната од алчната капиталистичка челуста за профит од машката, на пример. Темава ме поттикна да размислам и за еден друг аспект, а тоа е сексуализираниот имиџ на девојчињата. Се разбира, коренот на овој проблем не го барам во некој розов шампон, но ете истиот ми ја разлета мислата и на едно друго сериозно поле за истражување - еротизацијата на општеството и создавањето нови родови иконографски стереотипизации.

Значи, освен тоа што постојат цели линии декоративна козметика за девојчиња од предучилишна возраст, што само по себе е смешно или застрашувачко, има и играчки кои сè повеќе наликуваат на порно ѕвезди како што се на пример, куклите Брац (BratzDolls).

Истражувајќи повеќе на темата, во книгата на Сенка Анастасова го прочитав следново: „За време на божиќните празници во 2011 година, францускиот Вог (Vogue) ја објави најконтраверзната колекција на (злоупотребени) девојчиња кои едвај имаат седум-осум години, нашминкани и облечени како возрасни моделки, со високи потпетици и бунди. Лежат на леопард-прекривки, нашминкани со јаки кармини, со тежок накит, разголени и женствени. Фотографиите на кои девојчињата заводливо зјапаат во фотообјективот ги направил Шариф Хамза, а тој јануарски број го уредувал Том Форд“. Прашањето што се наметнува е – дали сексуализацијата на девојчињата е, всушност, една од тенките линии што води до детска порнографија?

Ова не е единствениот дегутантен пример. Скандалите во светот на малолетните моделки продолжуваат со лансирањето на секси долна облека за бебиња и за девојчиња (од 4 до 8 години), како нова линија на дизајнерката Софи Морин. Во овој едиторијал, девојчињата се стилизирани како возрасни жени со фризури како Брижит Бардо и Еми Вајнхаус, со очила за сонце, накит, перја, со градници и брендирани гаќички. Народот има еден израз – што е многу – многу е!

Да не се лажеме, зад овие уметнички форми се крие сексуална сугестибилност и профит. Чуму има потреба мали девојчиња да играат на картата на истакнување на женските телесни атрибути? Што ќе ни се розови гелови за интимна нега на двегодишни девојчиња кога постои вода и сапун? Мојот став не е прашање на редукција на изборот, уште помалку е скратување на слободите на секој потрошувач/ка да одбере да купи и користи што му душа сака, ниту пак е некако сувопарно пуританство, туку е преиспитување на вредностите што им ги наметнуваме на децата (девојчиња или момчиња) од најмали. Шопинг одлично се римува со факинг, ама не и кога се децата во прашање... 

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој