Данската кралицата им ги одзеде титулите на внуците: Син ѝ се пожали - „Тажни сме и повредени, децата не разбираат што се случува“

Данскиот принц Јоаким вчера соопшти дека неговите четири деца се повредени од одлуката на нивната баба – кралицата Маргрете (82) да им ги одземе кралските титули.

Овој 53-годишник, помладиот од двата сина на Маргрет, додаде дека само пет дена пред јавноста дознал дека неговите деца - Николај (23), Феликс (20), Хенрик (13) и Атина (10) ќе треба да се збогуваат од титулите принц или принцеза.

„Сите сме многу тажни. Никогаш не е лесно да ги видите вашите деца повредени. Тие се ставени во ситуација што не ја разбираат“, рече тој во интервју за данскиот весник „Екстра Бладет“. 

Данската кралица го објави овој потег во средата, велејќи дека се надева дека тоа ќе им овозможи на нејзините внуци „да ги обликуваат сопствените животи без да бидат ограничени од посебните обврски и должности“ кои доаѓаат со формалното членство во кралското семејство. 

Оваа одлука не важи за децата на нејзиниот најстар син и престолонаследник Фредерик - принцот Кристијан (16), принцезата Изабела (15) и близнаците - принцот Винсент и принцезата Џозефина (11).

„Долго размислував за ова и мислам дека ќе им биде добро во иднина. Тоа е причината", нагласила кралицата. 

„Добив пет дена да им ја соопштам оваа одлука. Во мај ми беше претставен план кој се базираше на фактот дека тоа може да се случи, но кога секое дете ќе наполни 25 години. Сега ми дадоа рок од пет дена да им го кажам тоа. Атина во јануари ќе полни 11 години“, додаде Јоаким. 

Според договорот, Николај, Феликс, Хенрик и Атина од 1 јануари 2023 година ќе бидат познати како Неговата Екселенција грофот од Монпезат и Нејзината Екселенција грофица од Монпезат.

Сепак, тие ќе ги задржат своите позиции во линијата на наследување на тронот.


Фото: Видео People - printscreen колаж