Денеска Симона ќе наполнеше 24 години, наместо да се радуваме, ние ќе тагуваме на нејзиниот гроб: Сашо Ангелески за својата ќерка која почина од последици од корона
28 јули. Обичен ден како и сите останати во годината. Но, за Сашо Ангелeски, новинар во Вториот програмски сервис на Македонскот радио-Радио 2 и неговата сопруга 28 јули 1997 година, бил најпрекрасниот ден. Им се родило првото чедо, ќерката Симона. Нивниот дом бил исполнет со среќа, на нивните лица биле видливи солзи радосници.
Денеска, точно после 24 години, во нивниот дом се присутни тишината и тагата. А на нивните лица солзи проткаени со голема болка. Симона, веќе ја нема. Почина пред четири месеци, од последици на коронавирусот. Но, според Ангелески, неговата ќерка починала поради неажурноста и нестручноста на доктрите.
- Наместо да се радуваме, ќе тагуваме на нејзиниот гроб. Денеска требаше да ја бакнам и да и кажам „Срекен роденден, принцезо моја“. Да и подготвиме изненадување, со сопругата, помалата ќерка Ивона и кучето Сторми. Денеска, по традиција, требаше да ги викнеме нашите најблиски на торта. Можеби ќе го славевме и нејзиното дипломорање. Така беше планот. Ништо не зборуваме. Не гушат солзи. Боли, премногу боли. Секој ден наутро и навечер одиме на нејзиниот гроб. Премногу ни недостасува. Дури и на нејзиното куче, кое постојано чека да се врати дома и да го погали. Легнува на нејзиниот кревет, а по лицето му се леат солзи како на човек. Ни ја скратија радоста – вели Ангелески на почетокот од нашиот разговор.
Симона била ведра и насмеана млада девојка. Никогаш не знаела да каже не. Во секој момент била подготвена да помогне.
- Беше послушна и со големо чувство на одговорност. Амбициозна и исполнителна, особини со кои успеа да се вработи во Скопска Пивара. Студираше на Економски факултет, насока сметководство и ревизија. Беше пример за вредностите кои во оваа земја ги нема – открива тој.
Матичната докторка не одговараше на повиците
Недела навечер,14 Март. Симона се пожалила на главоболка. Измерила температура, имала 37,1.
- Ја побаравме нејзината матична докторка, ,на којашто не сакам ни името да и го спомнам.И покрај нашата упорност, таа не се јави. Утредента, наутро откако и закажаа термин од Скопска Пивара, отидовме во Систина да направи ковид тест. На пат кон дома поминавме кај матичната да ја прегледа и да ни даде терапија. На мое големо изненадување, таа не сакаше да го стори тоа. Со пациентите разговараше преку прозорец..И покрај тоа што инсистирав да ја прегледа, таа не прифати. На моето прашање зошто не се јавува кога ја бараме, таа дрско ми одговори „И јас си имам свое приватно време и немам намера да одговарам на телефонски повици“. Во време на корона кога имаше обврска да е достапна 24 часа, таа беше дрска и неколтурна – појаснува Сашо.
Вечерта стигнал резултатот од тестот. Кога слушнала дека е позитивна, Симона почнала да плаче, од страв да не ги зарази и останатите од семејството. Се јавиле кај матичната, бил достапна, бидејќи веќе ги добила резултатите. Препишала терапија за лекување.
- Ивона, помалата ќерка не сакаше да ја остави Симона сама во соба. Сакаше да и помага побрзо да оздрави. Исто и мојата сопруга, беше цело време покрај неа за да ја храни, масира и да и прави третмани. Како резултат на тоа и двете се разболеа од ковид. Утредента после договорен термин преку Одговорната Компанија Фитофарм каде што работи мојата сопруга, ги однесов да се тестираат.Тестот и за двете беше позитивен.Наредниот ден, беше вторник, успеав преку наши роднини да договорам да им се направат лабараториски испитувања во Поликлиниката Јане Сандански..Отидов кај матичната, но таа не сакаше да ми даде упат, со изговор дека е рано и не може ние кога сакаме да правиме лабораторија. По долго убедување и расправии конечно ми даде упат. Во средата навечер стигнаа резултатите на Симона. Дидимерите беа покачени на 1750 – го појаснува Ангелeски текот на состојбата на неговата ќерка и дополнува дека во консултации со стручна матична докторка, почнале со аплицирање на клексан.
- Се јавивме кај сите роднини и пријатели да го најдеме лекот. Замислете, во време на пандемија немаше клексан и покрај тоа што сами си го плаќаме. Замислете каков е нашиот здраствен систем. Најдовме замена на лекот. Но, морав да се консултирам со матичната на Симона, дали лекот е во ред. Таа повторно не одговараше на повиците. Со „тешки“ врски успеавме да најдеме клексан. Уште вечерта наша сосетка која е медицинско лице и ја внесе првата доза. Наместо преку матичната докторка, со роднински врски договорив рентгенско снимање во Поликлиниката Јане Сандански. Матичната докторка требаше да прати само упат до Поликлинаката.И тоа не сакаше да го направи со образложение дека е многу рано за рентген. Ми рече „ Се слушам со Симонче, таа е супер. Ќе направиме рентген после понеделник, сега уште е рано“ . Докторката мислеше на понеделник, 22 март, а Симона почина еден ден подоцна, на 23 март. Матичната докторка била подготвена само ако се влоши состојбата да и даде упат на Симона за Градска општа болница „8 септември“, кој тогаш беше Ковид центар, а пациентите ги примаа без упат – со тага и со лутина раскажува Сашо.
Ја префрлаа од клиника на клиника
Во меѓувреме состојбата на Симона била стабилна и се чувствувала добро. Сепак Ангелeски на 20 март решил да ја однесе на контрола во „8 септември“. Тогаш првпат ја прегледал доктор, откако била позитивна. И направиле рентген снимка и лабораториски испитувања.
- Додека чекавме резултати по предлог на докторката и со образложение да ја освежи Симона, иако немаше проблем со дишењето, ја ставија на кислородна поддршка. Водејќи се по начелото дека сме во стручна институција и кај стручни лица го почитувавме тоа. По два часа докторката нé повика со сопругата и на наше големо изненадување нé информираше дека Симона мора да остане во болница. Во тој шок момент за нас, не знаев како да реагирам. Симона беше во одлична состојба, сама си дишеше, немаше респираторен ниту каков друг проблем. На прашањето зошто треба да остане кога е во одлична состојба, го добив одговорот: „Во право сте, девојкава е во супер состојба, но резултатите не ми се допаѓаат. Ќе ја задржиме неколку дена со цел да и се подобрат.“ –открива Ангелeски и додава дека нивната агонија тука не застанала, бидејќи немало слободен кревет, а апаратот за мерење сатурација бил неисправен.
- Донесоа друг апарат. Сатурацијата на Симона беше 98%. Дотрча докторката и еуфорично, како да добила на лото, не извести дека нашла слободен кревет и со возило на Брза помош ќе ја префрлат на Клиниката за неврологија. На мојата реакција зошто таму, одговорот беше дека и тоа е Ковид центар. Повторно останав нем, но предлогот на стручно лице ме натера да прифатам. Надвор врнеше снег помешан со дожд, а мојата сопруга и Симона ги внесоа во ладно како фрижидер амбулантно возило. Ова го дознав подоцна, во спротивно немаше да дозволам да влезат во него. Се вратив дома да земам потребна облека за Симона и отидов на Клиниката за неврологија. Не беа таму. Се слушнав со Симона и ми рече дека е на Клиника за кожни болести. Останав скаменет. Ми појаснија дека некој друг пациент дошол претходно и го сместиле во тој кревет. Отидов на Клиниката за кожни болести, го прашав дежутрниот доктор за состојбата на Симона. Ми објасни дека не е ништо страшно и дека тој веднаш ќе ја покрие со терапија за три дена. Повторно верував во белиот мантил – вели Сашо.
За нас нема повеќе ниту празник, ниту радост
Утредента прво се слушнале, а потоа се виделе со Симона. Тоа била нивната последна средба.
- Разговаравме, се смеевме, ни рече дека одлично се чувствува. На заминување помалата ќерка Ивона и рече: „Мони, ај појави се на прозор да знам која ти е собата„. Се појави на прозорецот ни мафташе. Ние и возвративме со солзи во очите – вели тој и појаснува дека додека била во болница контактирале преку видео повик , но нему му било најбитно да се информира за резултатите на Симона.
- Звонев на телефонскиот број што ми го дадоа за информации. Никој не се јавуваше. Ако некој дигнеше слушалка, тоа беше од помошниот персонал и не можеше да даде никаква инфомација. Конечно околу пладне го добив дежурниот доктор, кој не смееше да се претстави со име и презиме. Ме информираше дека Симона е во добра состојба, стабилна е, сатурацијата и е 97 и прима редовно терпаијата. Вечерта околу 21 часот ми звонеше непознат број, Се јавив, а од другата страна женски глас. Се претстави како дежурен пулмолог и ми рече: „Не може младо девојче да го третираме на Клиниката за кожни болести, немаме ниту соодветни медикаменти, ниту пак апаратура за лечење. Се слушнав со директорите од ковид центриите и се испокарав и успеав да најдат кревет на Инфективна клиника. Ние овде се менуваме на секои пет дена и секој си дава терапија по негово. Кога ќе дојдам на работа, од каде да знам кој што давал и како ја лечел “ Останав нем и се повеќе убеден ова е вистината за здравство на Р. Северна Македонија – заклучува Сашо.
Понеделник 22 март. Утрото, Симона се јавила да им каже дека се чувствува добро. Околу 14 часот Сашо успеал да го добие дежурниот доктор кој го известил дека таа е во многу добра и многу стабилна состојба и потенцирал дека му е најдобриот пациент. Ноќта ја посетил и доктор, пријател на семејството, кој потврдил дека девојчето е во одлична состојба. Првпат заспале мирно.
- Утрото на 23 март се разбудив околу 6 часот и чекав да дојде 8 часот, терминот кога се јавуваше Симонче. Но, овојпат ја немаше. Не фати паника со сопругата. Во 9. 30 се јави наша роднина која има пријателка на инфективно. Ни пренесе разговор од колегиумот. Докторите по визитата рекле дека Симона била добра, со стабилна сатурација, малку кренала температура, ама ништо не било страшно. Чувствуваме голем немир. Не можев да ја смирам сопругата. Одлучив да одам на клиника, но не знам зошто решив да се качам во автобус, иако секаде одам со автомобил. Мобилниот цело време го држев во раце, чекав да се јави Симонче. Во еден момент ми зазвони непознат број. Не знаев дали да се јавам. Автобусот застана на постојка. Излегов и се јавив. Женски глас со прашање: „Дали е тоа Сашо таткото на Симона“. Реков да. Таа продолжи „ Се јавувам од Инфективна клиника, Симона почина“.Како да ме прободе нож во срцето. Се струполив на земја. Притрчаа случајни минувачи.Почнав да врескам, да плачам. Одев по улица, а луѓето зачудено ме следеа – вели Сашо за најтешкиот миг во животот и додава дека со трчање и покрај големиот стрес се упатил кон дома сам да им ја каже тажната вест на сопругата, ќерката и мајка му.
- Паѓав, станував, соседите ме гледаа со солзи ва очите, застануваа да ме прашаат што ми е. Влегов дома со пискот и насолзени очи ги гушнав сопругата Ивонче и мајка ми. Им беше јасно. Мајка ми од тага, во истиот миг доби мозочен удар. Сопругата и Ивона се стурполија на подот. Морав да бидам силен, морав да се грижам за сите. Се слушаа пискотници и лелеци. Нашата принцеза веќе ја немаше. Ја уништија оние во кои верував дека се таму за да ја лечат. Големите доктори на нашето здравство, кои беа наградени за уништените млади животи. По два дена од тага и болка почина и мајка ми – завршува Ангелески кој не може да ја преболи загубата на својата ќерка Симона и со солзи раскажува
- Животот застана без да праша колку боли загубата на едно чедо. Боли празнината што ја остави нашата среќа. За нас нема повеќе празник, нема повеќе радости. Остана само аманетот да ја израснеме нејзината сестра во личност како што беше Симона. За нашата ќерка ќе копнееме до последниот здив. Таа е уште една преубава звезда на небото. Ќе го слави својот 24 роденден со ангелите. Сега и таа е ангел најпрекрасен. Таа е нашето најмило срце. Ја сакаме бескрајно. Секогаш ќе биде со нас, нашата најмила , убавица Симонче – завршува Ангелески.
Ивона за својата сестра Симона
-Мила моја сестричке, сакав денеска да ти направам најубаво роденденско изненадување. Ми недостасуваш премногу.Ти секогаш ми го трасираше најубавиот пат во животот ,ти беше и ќе бидеш моја звезда водилка.Ти си мојата најсакана дадичка. Секогаш ќе бидеш во моево срце една и единствена, моја сакана сестричка Симонче. Те сакам најмногу на светов.
Од Алек за својата сакана
- Ако растат ружи во рајот, знам дека ти си една од најубавите таму. Беше мојата прва љубов, радост, среќа и надеж. А ,сега морам да продолжам да живеам само со убавите спомени на тебе. Летај високо, ангелу мој, секогаш ќе бидеш дел од моето срце. Засекогаш твој Алек.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА