Денот ми почнува најубаво со зборот „мамо“: Утринско кафе со Анастасија Илиевска

Добивај вести на Viber

Денот ми почнува рано, имајки предвид дека моите работни обврски поврзани со уредувањето на утринската емисија на ТВ Алфа почнуваат рано наутро. Најчесто и не ми треба будилник, бидејќи имам две мали рачиња кои ме будат, па така денот ми почнува најубаво со зборот "мамо". Ако некогаш не сум можела да функционирам без кафе, сега работите се сменија, бидејќи по будењето не ми е приоритет кафето, туку доручекот на Дениција. Ама затоа сопругот секогаш ми прави кафе и доручек, па такa, јас се грижам за Дениција а тој за мене.

Ме мотивира ќерка ми. Кога стануваш родител светот ти се менува целосно. И фокусот и мотивот. Се што правам, правам за подобро утре, во кое таа ќе живее подобро и посреќно. 

Најголем дел од денот ѝ го посветувам на Дениција. Таа сèуште не оди во градинка па така моите дневни активности се распределуваат според нејзините. Додека наутро ги завршувам работните обврски, таа си игра со татко ѝ, а откако ќе го испратиме на работа најчесто шетаме или играме надвор. Потоа таа спие, па јас успевам да завршам уште некои работни обврски. Откако ќе се разбуди често ми прави друштво додека правам ручек, или таа паралелно прави ручек со нејзините играчки. Преслатки и драгоцени моменти. Приквечерината и вечерта ја користиме за семејно дружење и семејни активности. Или можеби за дружба со пријателите.  

Периодот на карантин и први рестрикции беа во истиот период со мојата бременост, па искрено седењето дома и добро ми дојде, во смисла на изолација и превенција од заразување. Од тогаш почнав да работам од дома. Тогаш ми беше лесно да се организирам и да сработам сè. Сега ми е  покомплицирано, со оглед на тоа што можам квалитетно да работам само кога ќерка ми спие. И затоа многу е лошо кога некој ќе искоментира: дека кога работиш од дома, не работиш туку одмараш. Не, не одмараш. Напротив работиш и во периодот кога треба да се одмориш. Се на се, многу работи се променија, а сите ние постојано се адаптираме и прилагодуваме. 

Секој ден е засебен и различен од претходниот. Па ако преку ден "жонглирам" со обврски, вечерта е помирна. Се трудам, да најдам време за себе и за сопругот. 

Сакам и да гледам филм или серија и да читам книга. Филм не сум гледала одамна исто и серија. Но затоа, периодов прочитав неколку книги поврзани со родителство и детска психологија. Книгите ги прочитав со тоа што одвојував по десеттина минути на ден за читање. Од една страна ме релаксираше, а од друга страна многу ми помогна да осознаам некои работи за бебињата и децата, кои никогаш не би ми паднале на памет. Моментално ја читам " The Whole-Brain Child: 12 Revolutionary Strategies to Nurture Your Child's Developing Mind". Дефинитивно кај мене се покажа успешно правилото "читај секој ден, па макар и 10 минути пред спиење". 


*Анастасија Илиевска – новинар и водител*