Денот на независноста

Славиме ден на љубов, а кога ќе се завртам околу се’ помалку љубов гледам. Стануваме завидливи, пресметливи, груби и лоши. И тоа не само кон другите, туку и кон сами себе. Ете, славиме ден на мајките, кога безглаво трчаме по цвеќиња кои ќе свенат за ден-два и со кои ќе свене и нашата моментална посветеност и пак ќе се вратиме на рутински прашања “како си”, без да го чуеме одговорот. Истиот ден е посветен и на жената, кога по продавниците се купува ко да ќе е утредента судниот ден, а во сето тоа лудило најмалку има почит и вредност кон жената која сака внимание секој божји ден (впрочем како и секое живо битие на планетава). Славиме се’ што може да ни притекне, помпезно и со страст која не знаеме да ја пренесеме во реалниот живот. Оти толку не’ бива да сме посветени на идеали или луѓе. Сакаме драма која најмалку има врска со постојаност во она во што веруваме или го љубиме.

Одамна ништо не славам. Некои ми се лутат, некои ме разбираат. Најчесто ми се лутат кога не честитам верски празници, иако низ годиниве се обидував да објаснам дека моите 3 збора не вредат ништо, ако не го практикувам она што ќе го напишам. И повеќе сакам да го живеам она што е во склад со мојата природа отколку да се распишувам за тоа. Поважно ми е да знаете дека сум тука за да помогнам колку можам и како можам, отколку да ви редам зборови. Не сакам никакви адети, ама баш никакви. Особено не оние кои се врзани со умрените. Не одам во цркви, не сум по оние 40 дена, нема ништо поневажно за мене да раздавам за душа на оние кои ми биле блиски и кои ги нема повеќе. Учена сум да почитувам луѓе дур се тука на земјава, дур дишат и кои ќе можат да ме чујат кога ќе им кажам колку ги сакам и колку ми се важни. Откако ќе заминат физички, остануваат во мене и повторно се живи со секој мој здив.

Овој понеделник е неработен. Славиме ден на независноста. Не сум во Грција за да прославам, не сум замината никаде, еве ме, седам во Жапон и пишувам. И не само што пишувам, туку и се прашувам колку сме сите ние доволно независни во оваа држава за да го славиме овој ден. Не, нема да навлегувам во политика и да се бавам со неа, туку ќе се задржам на микро светот во сите нас. Колкумина од нас/вас се чувствуваат навистина независни во животот кој го живеат тука и сега?

Колкумина од вас се будат наутро со насмевка и си велат дека денешниот ден ќе е добар ден за да бидат свои и среќни?

Воспитуваме деца да почитуваат правила уште од мали, им го крадеме детството со “немој”, “што ќе речат другите”, “не трчај, не викај”...или во превод, колку ги оставаме да бидат деца и да уживаат во тоа? Ги правиме зависни од туѓото мислење, време и ставови.За жал, децата впиваат и одраснуваат во личности кои се оптеретени на многу нивоа. Мислењето на околината е императив за сопствената среќа и успех. Наместо да уживаат во она што се и да живеат онака како што сакаат, нашите деца стануваат возрасни кои се оптеретени да бидат успешни во очите на оние кои ништо не им значат во животот.

Живееме животи во кои слободата и независноста се само флоскули кои сакаме да ги вергламе, за да се тешиме дека живееме по свое. Мразам да робувам на нештата. Затоа не носам накит, не се оптеретувам кој што мисли за мене додека ме гледа сама во кафеана или седната некаде кај што пишувам. Не сакам да чувствувам одговорност кон ништо што е материјално. Не влегувам во односи со луѓе во кои не сум своја и во кои мојата независност и слобода ќе бидат предмет на муабет и доведени на ниво проблем.

Независноста се заработува исто како и платата. И бара голема жртва, во смисол да отстапите чекор лево или десно од патеката која некој ја изодел пред вас. Нема поголема храброст од тоа човек да одлучи своеволно да е слободен и независен. Оти тоа бара да бидете немилосрдни кон себе и своите демони. Тоа бара да го завртите грбот на лошите односи со луѓето околу вас, да закопате наводни пријателства, да оставите брачни партнери ако не ви е убаво и да престанете да ги користите децата како штит од носење одлуки за кои треба јајца (поубаво звучи по прилепски, ама ај). Независноста ја губиме попатно, прилагодувајќи се кон некои работи за кои ни е незгодно или срам да изреагираме.

Ако не ми се бендисува како ме ишишале, кажувам без око да ми трепне и не си одам дур не си се бендисам. Мајка ми цел живот отпосле се кае што се потстрижила вака или онака, а не го кажува тоа на фризерката. Зошто? Па не е непристојно да искажам незадоволство од нешто, особено ако тоа нешто после ме мачи со денови. Не може продавачката во продавница да ме убеди да си купам нешто што не ми стои убаво, оти ќе ми е безвезе да кажам НЕ.

Да, тргнете баш од таквите тривијални работи. Колку сме робови на ваквите постапки. Кога сте вратиле храна во кафеана оти ви донеле нешто што не сте го нарачале и се присилувате да го јадете на сила? Ако сум рекла дека не сакам во салатата краставица, нема да ги боцкам сите краставици и да ги ловам околу за да ги тргнам. Враќам и кажувам дека нарачав без ова или она. Истото важи за сите сегменти во живеачката. Памтам дека во Битола имаше обичај за одење по комшии на кафе. Јас пусти див чоек, едвај знам кои ми се комшии во зградата. Баба ми беше забезекната дека немам навика да викам комшивка на кафе или јас да одам. И не можев да објаснам дека оние ретки мигови на сама со себе не можам и не сакам да ги арчам околу. Не ми е грижа дали мислат дека сум арогантна или чудна...а можеби и луда. Тука сум ако треба нешто, ама не го давам моето слободно време кое ми е светост.

Не останувам со маж со кој не сум среќна и своја. Не постои “во името на” кај мене. И не сакам да сум ничие “во името на”. Оти во името на ова или она, не сакам да бидам длабоко незадоволна и не сакам никој да е несреќен покрај мене.

Не знам за вас, ама јас го имам само овој живот. Не се каам и не жалам за ништо. Си ја сакам независноста која не се мери со неработен ден, туку со мир во душава. Впрочем, таа е најважното нешто за кое мора да се грижите, не само заради себе туку и заради вашите деца кои ќе станат она што го гледаат кај вас. Да сте ми живи и здрави, слободни во себе и независни.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa


Одамна не носам накит,
ниту шапки,
не носам високи потпетици,
ниту часовник носам.
Очите ми се единствен украс,
црвена ја бојосав косата,
често боса шетам дур ми ѕемнат прстите на нозете,
а со времето расчистивме дека не си се допаѓаме.
Одамна не зборувам многу,
ниту гледам телевизија,
не читам весници,
ниту пак сакам да прераскажувам шеги.
Се’ што имам да кажам во погледот носам,
луѓето ги гледам за да ги видам,
читам меѓу редови туѓи мисли,
ја зборувам вистината и тогаш кога ми носи бол.
Одамна го заклучив срцето,
како модерна блиндор врата со четири вртења на клучот,
одамна насмевката ја ставам наутро и ја вадам навечер
како секојдневен ритуал на шминкање,
одамна плачам во себе, небаре брана кај грлото имам ставено,
одамна не знам што со сите овие чувства,
во кој подрум да ги ставам,
за случајно да не затребаат.
Одамна, но толку многу одамна
што веќе не знам ни дали сум сонувала,
паметам дека имав крила, со меки, нежни пердуви,
на допир воздушести, како облаците да ти легнале на дланка,
како кога од милост душата ти се распаѓа,
мирисаа на чисто, на безгрешност и љубов,
но, тоа беше толку одамна,
што навистина не сум сигурна дали воопшто ги имав.
Одамна плешките ме болат,
ми крварат на исто место,
ми пулсираат раните,
душата чиниш низ нив ми излегува,
и некогаш,
кога успевам да заспијам,
има утра кога ми мириса на детство,
утра во кои на перницата
ми спијат бели пердуви. Top of Form

Доколку ја пропуштивте, прочитајте ја и претходната колумна на Ана Бунтеска насловена „Соголи се“