Детето не смее да биде причина за да се запоставите: Михаела (22) е војник во АРМ и советува како да ослабете после бременост
Михаела Илиоски е 22 годишна мајка на 8 месечниот Исак и сопруга на Филип. Таа е професионален војник во редовите на АРМ во Прилеп. Отсекогаш сакала да носи униформа, за неа истата е моќ, сила и среќа. За неа е задоволство што е жена во редовите на Арм.
Денешната приказна на Михаела, која реши да ја сподели со Женски магазин е инспиративна за многу мајки, посебно за оние кои се борат со вишок килограми после бременост.
„За време на бременоста се здебелив 35кг. Кога останав бремена имав 60, и во текот на последните 4 месеци качив најмногу килограми, односно на крајот од бременоста во деветтиот месец имав 95 кг.“ - Вака оваа млада мајка ја почна приказната, а целата ја читате во редовите подолу.
*Рековте дека сте ослабеле
25 кг. За 8 месеци. Како успеавте ?
-Сега Исак има 8 месеци, откако се породив по само 10 дена почнав со моите омилени активности, планинарење и возење велосипед на планина, исто така почнав и со трчање. Во теретана се вратив пред 2 месеци, исхраната ја сменив детално бидејќи за време на бременоста јадев се и сешто и тоа беше причината поради која што се здебелив толку многу. Сега мојата исхрана е составена од здрави намирници, салати, овошје, житарки и нормално и јас како и сите луѓе некогаш знам да си се почестам со нешто што и не е баш здраво, но секако тоа да биде во ограничени количини.
*Колку внимававте на исхраната за време на бременоста, како се храневте тогаш, како се храните денес?
-За време на бременоста, првите 2 месеци јадев здрава храна како и претходно, ама потоа почнав да јадам доста нездрава храна, пици, сендвичи, засладени сокови, благо и тоа резултираше со зголемување на тежината. Потоа, откако се породив, по 2 месеци почнав полека да си ја регулирам исхраната и сето она нездраво да го сведувам на минимум. Денес се хранам здраво, оброците ми се составени од многу овошје и зеленчук, не јадам бел леб, доколку ми се пие сок си цедам дома природни сокови, најчесто појадувам смути, не јадам благи работи кои во својот состав имаат еден куп шеќери, најчесто во замена за благо јадам темно чоколадо, урми, смокви, мед, агаве, сепак за се има замена.
*Велите дека возите велосипед и планинарите. Колку често?
-Со планински велосипедизам и планинарење се занимавам уште откако се запознав со мојот сопруг Филип, тогаш бевме дечко и девојка и заедно ги правевме тие работи. Тоа е пред околу 4години. Порано, нормално имавме повеќе време за возење и планинарење, па тоа го правевме доста често. Во текот на бременоста често знаевме да појдеме на некои места како Пелистер, и да испешачиме без многу напор, овде кај нас во Прилеп, на Селечка планина и на други места на кои немаше многу напор. Потоа, после породување уште од кога Исак имаше 1,5 месец почнавме да планинариме и него го зедовме со нас. На само 1ипол месец Исак се качи на 1200мнв, па на 2месеци бевме до п.д. Ловечка на Пелистер на 2000мнв, а највисоката точка која што ја имаме искачено заедно со нашиот син Исак е највисокиот врв во Македонија, врвот Голем Кораб 2764мнв.
*Како би ги мотивирале вие мајките кои имаат проблем со килограмите после породување?
-Па најпрво, за намалување на килограмите после породување е многу важно она што го внесуваат. Најбитна е исхраната а потоа и физичката активност. Според мене, не ви е потребна теретана за да намалите некој килограм, важно е да се движите, да внимавате што јадете, да го намалите стресот, повеќе активности (трчање, скокање на јаже, возење велосипед, планинарење..)
*Што би им препорачале?
-На сите мајки кои се мачат да ослабат би им препорачала да не се грижат, килограмите не дошле сами по себе, тие дошле по наша вина. Така, исто по наша “вина“ и треба да си одат. Балансирани оброци, здрави оброци, калориски дефицит и физичка активност. Мора да се грижите за себеси. Најпрво заради вашето здравје а потоа и физичкиот изглед. Во здраво тело живее здрав дух.
*Што, според тебе, е најважното што мајките може и треба да им го понудат на децата и како да не се запостават себеси?
-Најважно на детето е да му дадете љубов, разговор и внимание. Никогаш детето не може да ви биде пречка за да спортувате, не може исто така ниту тоа да е причина поради која што вие сте се поправиле. Детето е најголемата љубов, детето бара многу разговор, многу љубов и многу внимание. Секако дека не треба да се “тресете“ над детето, ако заплаче одма да го кревате во раце, одма да кревате паника ако крене температура или ако му се растече носот, па тоа е дете и треба и да настине, и да плаче, и да се смее, и да се удри, така растат децата. За да не се запоставите себеси, морате детето да го научите да не ве бара само вас, односно од почетокот да го научите да оди кај сите луѓе (од фамилијата или пријатели со кои почесто се гледате). Детето е најголемиот благослов што ни го дава Бог, но тоа не треба да ви биде опсесија, сите ние си ги сакаме своите деца и ги гледаме, ги чуваме, ни се мили и драги и си ги сакаме најмногу, но тоа не може и не смее никако да биде причина за вие да се запоставите. Познавам мајки, кои што не се грижат за себе после пораѓај, велат „Сега сум мајка, родив и сега не ми е гајле каква сум“, тоа според мене е најневкусното нешто што некогаш сум го слушнала. Ти си мајка, ти си жена и треба да се грижиш за себе, за своето здравје, менталното и физичкото. Физичкиот изглед и не е толку важен колку што е важно здравјето. Мајка си, кралица си и треба да си згодна, здрава и привлечна секогаш за својот опруг и треба на своето дете да му бидеш пример за мајка, за жена, за убавица!
*На која дама ѝ се восхитувате и зошто?
-За мене Џенифер Лопез е жена на која ѝ се восхитувам. Најпрво поради нејзината убавина, младешки изглед, одржаност, нејзината форма на телото, ѝ се восхитувам затоа што тренира напорно и изгледа прекрасно.
*Каква според Вас треба да е современата жена?
-Современата жена според мене, треба да е најпрво нашминкана со вокабулар, да биде дотерана со култура и треба да биде со современи гледишта кон светот. Според мене, секоја жена треба да се одржува себе си, да оди на редовни здравствени прегледи, да посетува често стоматолог, рутински годишни прегледи, да чита многу книги, да посетува семинари и обуки од областа што ја работи, да биде секогаш дотерана, нашминкана, средена. И секогаш да се грижи за својот изглед.
Ирена Ставрова