Детски канал од утре на МТВ

Од утре започнува емитувањето на Детски канал - МРТ 5 како нов ТВ програмски сервис од јавен интерес. Следејќи го мислењето и реакциите на јавноста, во МРТ е препознаена потребата од специјализирани програми со содржини за деца и млади, што е и основа за креирањето на програмската шема на новиот Детски канал. 

-Содржините ќе бидат најразновидни, и едукативни и забавни, наменети за сите возрасти, од најмлади до 18 години. Во рамки на новиот канал ќе се емитува и ТВ училница, проектот за неформално образование, кој веќе три недели се прикажува на МТВ, откако со мерките за спречување на ширењето на коронавирусот се затворени училиштата и градинките – вели Розета Арсова, уредник на програмата за деца и млади во МТВ.


Јунаци од најпопуларните анимирани серии, ликови од најубавите бајки, сказни и басни, потсетување на народните приказни, многу играње и пеење и по малку и учење, ова е најавата на содржините на Детскиот канал -МРТ5.

-Македонската телевизија има обврска, но во актуелниов момент и засилена свесност за потребата да се реализира овој проект, на кој веќе подолго време работевме. Условите се специфични, децата се дома со семејствата, презаситени се од дневноинформативните програми на кои се изложени и навистина им треба содржина, која ќе ги ублажи можните последици од новонастанатите околности врз нивниот психолошки развој –вели Арсова. 


Овој нов предизвик за МРТ всушност претставува континуитет на улогата и влијанието што го има Образовната програма на МТВ во формирањето на личноста на децата и младите и во градењето на нивниот критериум за вистинските вредности.  Гледачите кои ги следат програмите на МРТ преку кабелските оператори А1 и Телекабел, ќе можат да го следат новиот Детски канал -  МРТ 5,  откако ќе ги прескенираат своите ТВ приемници или Сет-топ бокс уредите.

Јасна Франговска


Мајка одбива децата да примат вакцина против коронавирус: И покрај пандемијата