Дишев со помош на машина, ме спасија волјата за живот и стручноста на тимот на Инфективната клиника – Режисерот Димитар Сеизов за борбата со короната

По седум недели борба со короната, познатиот режисер Димитар Сеизов-Дики од „Moonlight produkcija“ е на домашно лекување. Најтешките денови од неговиот живот испонети со неизвесност, искушенија и борба за живот веќе се минато.

 -Беше страшно, но сѐ помина. Следува период на рехабилитација на умот, телото и белите дробови, вежби за проодување. Најстрашно беше првите две недели недели, поточно првите 10 дена кога сатурацијата на кислород ми беше многу ниска, околу 60, а треба да е над 90. Тогаш немате кислород во телото, не треба да појаснувам што значи тоа. Ме ставија на машина која дише за мене. Требаше само да го следам нејзиниот ритам, колку што е возможно во таа состојба – вели Сеизов на почетокот од разговорот и појаснува дека докторите дополнително се соочувале со тешкотии да најдат соодветна терапија,за да почнат да ги ослободуваат белите дробови кои биле целосно зафатени.


-Во тој период,имав  борба сам со себе, многу халуцинации. Но, имав некои свои мотиви и случки кои ме одржаа во добро расположение. Ме мотивираа, ми ја зацврстија волјата за живот. Ме натераа да не се предавам, да завршам одредени ветувања. Сето тоа ме врати во живот. После таа бура, беше критично уште една недела, но работата магично почна да се поправа во сите насоки. Секој ден беше сѐ подобро и подобро. Не се тоа некакви големи поместувања, но беа многу значајни и за мене психилошки и за докторите, бидејки беше знак дека ќе се опоравувам – посочува Димитар.

За состојбата на умот и телото во првите 10 дена, вели дека не може да се најдат соодветни зборови таа да се опише.


-Патот кон неповрат, никој не може да го опише. Едноставно тонеш во далбочини со кои не се ни бориш, те преземаат, а ти тонеш. Вакциниран сум со две дози, Синофарм. Ревакцинацијата беше на 10 јуни 2021. Без оглед на вакцината, односот кон состојбата, животот и пријателите, работата, домашните, опкружувањето, секогаш ми беше според протоколот. Ни во еден момент немаше ситуација да се заразам, иако сум бил во присуство на заразени и сум имал близок контакт со нив. Единствено во тоа ми помогна и со гаранција можам да потврдам, е што носев маска нон- стоп. Апелирам до сите да ги следат протоколите и да носат маска. Секогаш со луѓето одржував растојание од два метра, а дезинфициенти имав во сите џебови. Можеби звучи како да сум бил хипокондар, но не! Животот може да биде во некоја нормала, и во кафана и во ресторан и на сите пропратни концерти, доживувања, ако се следат протоколите. Тогаш сум сигурен дека никој нема да се доведе во ситуација да биде загрозен – вели режисерот.


Сепак, едно мало невнимание, било кобно за него и за неговата фамилија. Останатите членови од неговото семејство, за среќа, имале полесна форма на корона.

-Членовите од моето семејство се вакцинирани исто така, со две дози со Спутник В. Во однос на тоа дали вакцината што ја примив помогнала или не, не би знаел ништо да кажам. Докторите сигурно имаат повеќе сознанија. Но, според мене во мојот случај била „ќорак“. Сепак, најголем придонес за моето оздравување имаше медицинскиот тим од Инфективна клиника. Би сакал јавно да им се заблагодарам и да ги спомнам докторите Катерина Спасовска и Илир  Демири како и на останатите доктори. 

Главната сестра Гордана Спасовска, медицинските сестри Кики Николовска, Изабела Радовска, Анастасија Темелковска, Мелек Абдулаи, Валјета Зенели, Арнела Пулиќ, медицинските браќа Дарко Петрескии и Нуредин Елез, болничарката-Ивана Ивановска, физиотерапевтот Велимир Тричковски. Секако и останатите од персоналот. Но, овие имиња се вредни да се споменуваат секогаш и секаде   Овие луѓе посебно би ги истакнал од целиот персонал бидејќи покажаа и некои возвишени чувства и однос на емпатија над професионализмот, над сѐ што е опишано како човечност - истакнува тој.


Дики е многу благодарен на пријателите, другарите и на сите кои секојдневно му давале љубов и поддршка.

-Секојдневно ме бодреа и ми „здодеваа “ со пораки на оптимизам. Денис Јанкуловски „Космонаутко“од Институтот за јавно здравје, секој ден во 5.30 ми испраќаше видео пораки со свои отпеани песни, за да ја направи целата трагедија весела –завршува тој.


Соња Алексоска Неделковска