Добар маркетиншки трик или? Васил Гарванлиев со круната од огледала на отварањето на Евровизија

Големите сцени, посебно музичките бараат ексцентричност, различност, новост, интересни изгледи, некогаш и шокирачки моменти, гламур, може и сосема едноставни појавувања...скоро се‘ што привлекува внимание. Тоа го нарекуваат меѓудругото шоу бизнис. Греми наградите, Ем Ти Ви музичките награди се преполни со разноразни изданија на изведувачите и секој од нив гледа да ги собере погледите и да добие на значење. Со тоа се промовира и себе си, работата, музиката, ставовите, маркетиншките потези... Вкус или невкус, па тоа секогаш ќе го има! Публиката во принцип не сака досадни нешта...

Со години Евровизија е место за еден голем сценско- костимографски перформанс. Што се‘ не поминало на сцената. На изведувачите им се остава простор да изгледаат како што замислиле, а со изгледот, песната, настапот и шармот (доколку се поклопат коцките), тогаш имате скоро целосен пакет. Дали настанот е геј, политичка или едноставно забава на љубов е помалку важно. Целта е песната да допре до што поголем број, а телевизиски настапот да биде сведен до перфекција. Три минути се во прашање на сцена, треба да сте глупави да не знаете да ги искористите со такво светло, камери, првокласна техника и технологија и секако аудиториум од 200 милиони гледачи ширум светот.

Низ годините Македонија на изборот имаше секакви изданија, од бледи, скоро неприметени, до навистина блескави, цела Европа да зборува. Да не зборуваме за скандалите на домашните избори.

За годинешниот преставник Васил Гарванлиев уште не заминат во Ротердам каде утре ќе пее на првата полуфинална вечер со песната Here i stand се крена не прашина, туку торнадо. И во очите на повеќето тој беше прогласен за виновник по сите основи. Ние во овој текст нема да навлегуваме во тоа. Но тоа придонесе кај толпата повторно да дадат негативна конотација на неговиот изглед кој го презентираше вчера на тиркизниот килим на отварањето на Евровизија. 

Носеше круна со огледала и долг елек до земја. Дали ги видовте другите преставници? Овој изглед Васил нема да го носи на сцената при изведба на песната, туку ќе биде облечен во елегантен костум и маичка со огледалца, а има и марама. 

А, ќе видите многу, многу различност како дел од најголемото музичко шоу на планетата. Но, ајде да видиме која песна и перформанс ќе ви се допадне оти пред се‘ песната е примарна, таа е носечката, со неа се натпреварува секој учесник за земјата која ја претставува. 

Првото полуфинале е закажано за утре (вторник), а Васил настапува под реден број 6. Второто полуфинале е на 18 мај (четврток), а големото финале во сабота на 20 мај.

Дали ќе се пласира нашиот преставник во големот финале останува да видиме...


Р.Ж.М

Фото: Фејсбук профил на Васил Гарванлиев