Додека сите бараат модели за настава: Градинката „Мајски Цвет“ од Битола одржува час во природа

И додека дел од родителите, воспитувачите, надлежните, граѓаните дебатираат за започувањето на работата на градинките, ЈОУДГ„Мајски Цвет“ од Битола по само неколку дена од повторното започнување со работа и згрижување на дечињата, најмалите ги однесоа во природа.


Имено, дечињата заедно со воспитувачките и негувателките, со организиран превоз вчера се искачиле на убавиот Пелистер. Таму, ги пречекале планинари кои ги запознале најмалите подетално со природата која што ја нуди планината.

На својата фејсбук страница Детската градинката „Мајски Цвет“ од Битола споделија видео од нивните активности и фотографии од пристигнувањето на дечињата.


„ Денес се качивме на 1187м н.в. и го посетивме адреналинскиот детски парк на Голема ливада, кој неодамна е поставен од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион,а потпомогнат од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција. Поттикнавме чувство на љубов кај децата кон планината. Среќата и радоста бескрајна. Голема благодарност до спасувачкиот тим на ПСК Пелистер за нашата безбедност. Незаборавен ден“,, објавија од ЈОУДГ„Мајски Цвет“ Битола.

Во коментари родителите ја поддржаа оваа иницијатива на градинката.


Фото: Фејсбук

Галерија: