Додека сме во карантин обичните разговори со учениците се поважни од наставните содржини: Интервју со професор Јасминка Прелевиќ

Добивај вести на Viber

На темата далечинско учење разговаравме и со професорката Јасминка Прелевиќ, која предава Македонски јазик и литература во СОЕУ „Јане Сандански“ во Битола. Таа истакна дека ова е предизвик за сите, како за учениците, така и за професорите, но посочи дека според неа професорите се тие што полесно се прилагодиле.

Во разговорот исто така ни посочи на кој начин им го пренесува знаење на учениците, но каков фидбек добива од нив.

Како се навикнавте на новиот начин работа? Лесно ли беше таблата и кредата да се заменат со компјутери?

- Новиот начин на работа, таблата и кредата да се заменат со електронска комуникација беше и деновиве пред нас сѐ уште е предизвик. Предизвик и за наставникот и за ученикот. Очигледно е дека наставниците брзо се прилагодуваат на новонастанатата ситуација. Љубовта кон професијата е „виновна“ за тоа. Добро е што добивме насоки дека може било кој начин на електронска комуникација да го практикуваме затоа што некои ученици, а и наставници ги немаат подеднакво исти можности. Анкетирањето на учениците покажа дека може да употребуваме е-настава преку фб - групи, вибер - групи, зум, е-пошта и сл. За мојот час, Македонски јазик и литература, практикувам фб - група и наставата на фб - групата изгледа вака: на учениците им праќам материјали според наставната програма, материјалите во овој случај се: веб- страна, извадок од литературна творба, филм, фотографии, пп - презентација и сл. Заедно со материјалите добиваат и насоки за читање и учење, прашања што треба да им помагаат при учењето. Во закажано време за час се одвиваат дискусии - во прво време во коментари на фб-група, а потоа и на зум - платформата. Имам впечаток дека ваквиот начин на комуникација со наставникот или ваквиот вид настава и за учениците е предизвик, па заедно заклучивме дека повеќе обрнуваат внимание на содржините. Активно ги читаат материјалите, коментираат, прашуваат, внимаваат на писменото изразување. Сепак, одвај чекаме да се вратиме во училница зашто и ваквиот начин на работа покажува колку е важна кредата и таблата.

Колку овој принцип на работа допринесува за ефикасна едукација на учениците?

- Времето ќе покаже дали содржините презентирани САМО на овој начин ќе се запомнат и колку биле ефикасни. Од коментарите со учениците и од нивните изработки може да се забележи дека е ефикасно, ама за оние ученици кои се вклучени и сакаат да соработуваат. Кој сака да работи и на ваков или онаков начин ќе работи – тие така коментираат.

Каков е фидбекот од учениците? Има ли интерес за онлајн наставата и колку задолженијата што им ги давате се квалитетно и внимателно обработени?

- Повратна информација колку била добро сработена наставната единица или содржините добивам преку домашните задачи, есеи или пп - презентации што ги изработуваат учениците и ги праќаат електронски или ги објавуваат во фб - групата. Големо изненадување е што доброволно, без да им се даде задача пројавуваат желба да сработат некое интернет истражување или презентација. На прашањето зошто вака не работеле досега - велат дека немаат време кога се на редовна настава, многу часови, многу материјал за учење и сл. Не треба да се занемари фактот дека сега се повеќе дома и насочени кон учењето како што и треба да биде и во нормални услови. Можеби интересот е заради тоа, а можеби затоа што се фокусирани на учењето, а одделени од оние секојдневни активности за кои сметаат во нивна возраст дека се многу важни.

Кој е вашиот став за целокупната ситуација, дали мислите дека оваа година е пропадната?

- Не е учебната година пропадната. Секој наставник вложува голем труд да го предаде она најважното и тие информации да стигнат до секој ученик. Мојот впечаток е дека и учениците се совесни и дека сериозно ја сфатија ситуацијата во која се најдовме сите. Сепак сметам дека не е толку важно во овие вонредни услови да се става акцент на образвните цели на наставата, воспитниот и педагошкиот аспект е многу поважни. И добар збор, совет или обичен разговор за секојдневни теми преку зум се многу поважни во овие моменти отколку реализирање на наставни содржини со кои ни е преоптоварена програмата. 

И.Мисајловска

Може да ве интересира:

Од другата страна на онлајн училницата: Како професорите го прифатија новиот начин на работа?

„Секој се снаоѓа како знае и умее, но секогаш главна цел ни е ученикот“: Интервју со професор Наташа Ацевска

Учењето на далечина треба да биде предизвик во нормално време: Интервју со професор Емилија Величкова