Докторите ме караат, ама гледам да ми е убаво на душата: Отворено интервју со Миро Масин
Болеста ама ич не ме смени. Можда станав и уште понеодговорен. Тотален хедонист сум и решив да живеам како што ми е убаво. Иначе, кога ќе се разголиш за своите неволји, луѓето сами ти доаѓаат, ти се отвараат. Па дознавам дека вакви случаи веќе има по еден во секоја фамилија. Кога јас се разболев, не донесував некои драстични одлуки.. ништо, само продлжив да си живеам нормално, раскажува Масин
Изложбата „Од кујната на Масин“ е вистински празник за очи. Неговите блескави колорити и впечатливите стилизирани форми кои од прва ги „разбираат“ и уките и неуките, ја направија галеријата „Акантус“ една од пофреквентните точки во градов. Познат е како уметникот кој во една своја фаза беше толку опседнат со мајмуни, коишто не само неуморно ги сликаше, туку и самиот го вкуси мајмунскиот живот влегувајќи во еден кафез во Зоолошката градина во Скопје. Сега Масин е во фаза кога не слика само на платна, туку на сѐ што има површини за сликање вклучувајќи ги и музичките инструменти. Во пријатниот амбиент на галеријата, со насмевка, пијалок в рака и џез музика во позадина, уметникот за „Женски магазин“ отворено зборува за своето секојдневје, својот неуморен боемски дух и за справувањето со болеста.
* Гледајќи го твието обемно творештво имам впечаток
дека имаш многу насликано..
- Воопшто не сум хиперподуктивен, туку кампањски сликар. Стално сум му завидувал на Сергеј Андреевски на пример, или на Гиче (Глигор Чемерски) бог да го прости, кои се познати како сликари кои работат или работеле„ турбо“. Го видов Сергеј пред некој ден, ми вика - сега малку намалив со шетање.. за да се посвети на сликањето. Јас сум, сепак, кампањец. Прво имам идеја за нешто, а потоа замислувам термин за негова реализација, така ми е полесно. Не сум од оние кои по 24 часа мислат само на изложби.
* Колку време ти треба да насликаш некоја слика?
- Па извесно време. Некогаш дваесет минути, некогаш дваесет дена, зависи како ќе тргне..
*Изложбата е продажна. Дали ја направи од практични причини или имаше други мотиви?
- Ми се јавија колешката Дијана Томиќ - Радевска и сопственикот на Галеријата„ Акантус“ и ме поканија да направам изложба. Јас веќе неколку години, мислам уште од 2015 година, не сум имал изложба во Скопје. „Акантус“ се јавија во вистнско време и фино испадна.
* Имаш изложено насликани музички инструменти. Колку музиката ти е важна во животот?
- Првата работа што ја правам отсабајле кога ќе станам е да пуштам музика. Потоа правам козметика - мијам заби, лице, пијам чај кафе, па после може и некоја пијачка. Сепак, секогаш првата работа што ја правам е да пуштам музика. Некако ми е шубе без музика.
* Дали станува збор за отслужени инструмнти или тие сѐ уште се во функција?
- Да, сите се во функција и на нив уште може да се свири. Не се од некои фирми, ама се употребливи. Има контрабас, мандолини, балалајка... Баш сега ми текна дека јас уште во училиште свирев мандолина и дури сум бил на натпревар во Манчестер како претстваник од некогашна Југославија. Па подоцна се фалев наоколу дека сум имал концерт во Манчестер (се смее).
Инаку, сум насликал многу инструменти - два полуконцертни клавири, а дома имам осликано и едно пијано. Музичките инструменти, во случајов ги третирам како скулптури и баш е интересно. Речиси и да не сум работел скулптура освен некои помали формати. А стално ме привлекувала. Со инструментиве си давам каква таква оддишка на душата.
* Масин, како си го поминуваш денот?
- Како што кажав, пуштам музика правам козметика, пијам чај и...тргнува денот. Не излегувам во град откако направија рестрикција за пушењето по кафеани. Сега е поопуштено додуша и поубаво ми е на душата. Ама не излагам многу во град. Кај мене дома стално се вртат луѓе. Сакам да прибирам убави луѓе од разни профили.
Иначе, јас рано станувам и рано легнувам. Станувам со сонцето. Од мал сум ранобудник. Мајка ми вика дека уште како дете кога сме иделе по одмори, јас сум станувал прв додека другите спиеле по шатори. Стално им завидувам на мои колеги и колешки уметници што се будат во дванаесет или еден, па пијат кафенце...
* Живееш во ателјето во Ѓорче Петров. Раскажи ни за твојот дом?
- Имам дворче, а имам куче - црн волчјак, прекрасен и многу умен. Многу сакам животни, птици, канаринци, рибички и многу ги имам сликано. На академијата прво почнав да сликам птици, па после свртев на мајмуни. Последниве години пак им се вратив на птиците.
*Имаше една фаза кога имаше здравствени проблеми. На што те научи тој период? Те смени ли?
- Не ме промени. Јас си терам по старо и тие што ме знаат по градов и пошироко знаат дека е така. Тоа беше само една фаза од мојот живот.
* Сепак, ти ги смени ли таа фаза животните навики, те направи ли поодговорен?
- Не, не не... ама ич не ме смени. Можда уште понеодговорен станав. Види, јас сум пред сѐ дете на хирург. Татко ми беше еден од старите хирурзи - уролог. Тогаш они лечеа или со андол или сечеа. Така и мене ми го извадија тоа лошото и јас одма си продолжив по старо. Тотален хедонист сум. Иначе, кога ќе се разголиш за своите неволји, луѓето сами ти доаѓаат и ти се отвараат. Па дознавам дека вакви случаи веќе има по еден во секоја фамилија. Кога јас се разболев, не донесував некои драстични одлуки... ништо, само продлжив да си живеам нормално. Докторите ме караат, односно се расправаме, ама јас сакам прво да ми убаво на душата.
* Познат си по тоа што воопшто не ти е тешко да се одвоиш од некоја своја слика. Дури паметам дека во една прилика ми кажа - во оваа просторија не е на продажба само мојот задник и мојата душа. Уште ли важи ова?
- Сѐ уште стои тоа. Со тоа што кога имам две дела во ист формат - едното чини 500, другото 1.500 евра. Сликата што ми е подрага секогаш е доста поскапа. Се држам до мафијашкото начело - дека сѐ има цена и може да се купи.
* Дали се случувало да ставиш превисока цена со цел да си задржиш некоја слика?
- И тоа се случувало. Ама и тогаш има муштерии.
* Што е твојата движечка сила? Дали е тоа љубовта?
- Скоро слушнав или прочитав некаде дека љубовта е како автобус. Јас би додал - некогаш касни, ама ќе си дојде и ќе те однесе на најубавото место.
* Не ми личиш на некој на кого му недостига нешто, туку на исполнет човек длабоко во себе мирен и спокоен со она што е..
- Па можеби затоа што не сум поставувал во животот некои високи цели. Стално сум бил најнормален. Кога се зафатив со ликовата уметност - сфатив дека таа ме исполнува. Сега се спремам за голема изложба наесен и ептен ми е убаво кога ќе си се качам во ателје да работам. Треба да прво да си задоволен од себе, па потоа одиш понатаму. Со сликарството не можеш никого да навредиш ниту да повредиш. Некој ќе дојде на изложба некој не. Ќе купи слика или не. Опуштено е.
Мимоза Петревска Георгиева
Фото: Вангел Тануровски