Донаторска недела (10-17.11.2022) по повод Светскиот ден на предвременото породување: „Родителската прегратка: Моќна терапија“

Добивај вести на Viber

По повод Светскиот ден на предвременото породување 17. ноември (WPD- World Prematurity Day), организацијата Лулка на чело со д-р Денис Ал Калили, претседателот на организацијата, одржа средба каде претстави низа активности и настани во пресрет на овој ден и се обврзува, како и досега, да помага на предвреме родените бебиња и деца и нивните семејства.

Светскиот ден на предвременото породување е со цел да се подигне јавната свест за предвременото породување и да се посочи вниманието кон овој важен јавно здравствен проблем.

Една од целите на Лулка годинава е и да се обезбедат финансиски средства за осовременување и подобрување на третманот на овие бебиња преку донирање на опрема и потрошен материјал онаму каде е најпотребно и преку обука на персоналот, да се обезбедат непречено одржување на групи за поддршка на семејствата кои имаат предвреме родено бебе или дете и за трудниците кои имаат ризична бременост, како и да се поттикне дебата за превенција на предвременото породување и за подобрување на процесот на следење на развојот кај овие бебиња и деца.

Повеќе од 100 организации од целиот свет, меѓу кои и организацијата Лулка од Македонија, ги здружуваат силите и заедно, во синхронизирана акција и под заеднички слоган, го одбележуваат овој ден. Оваа година слоганот е „Родителската прегратка: Моќна терапија“

Лулка како здружение за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца и веќе 10 години го организира и одбележува Светскиот ден на предвременото породување 17. Ноември во Македонија.

 А за време на донаторската недела (10-17.11.2022) здружението ве поканува со Вашата донација да ги поддржите напорите да влијаат на состојбата на предвреме родените бебиња, на квалитетот на лекувањето и негата и на целокупната добросостојба на семејствата кои се засегнати од предвременото породување.  

Вашата донација може да ја реализирате на нашата сметка

„Здружение Лулка Скопје – Донации“

отворена за Донаторската недела:

Ж-ска број: 300000004904647

Македонија во последните неколку години успеа да ја намали и одржи ниската стапка на смртност кај најкритичните, најмали предвреме родени бебиња. Како директна последица на постојано унапредување на условите и модернизација, од 2016 до 2021 година смртноста кај предвреме родените бебиња е намалена од 25% на 8%, со тенденција овој процент и понатаму да паѓа (извор: МЗ). Со зголемување на бројот на преживеани предвреме родени бебиња и деца, полека се наметнува прашањето за следење на развојот на предвреме родените деца во првите години од животот, водење на евиденција, лесен пристап до задолжителните прегледи, третмани и услуги.

Бројот на предвремени породувања од година во година постојано расте, и глобално и кај нас во Македонија. Процентот на предвремени породувања од вкупниот број на раѓања варира во различни региони и држави во светот и се движи од 5% во развиените Европски земји до 18% во земјите во развој. Со се поголемиот број на прематурни новородени, се наметнува и потребата за отворање на дискусија за навремена детекција на ризичните бремености и превенција на предвременото породување. Силната поврзаност на демографските, социо-економски фактори со предвременото породување, овозможува со едноставни и релативно евтини превентивни мерки да се намали товарот од предвременото породување, во споредба со интензивното лекување и третман на овие бебиња, кое е една од најскапите услуги во здравствениот систем насекаде во светот.  

Донаторската недела (10-17.11.2022г.) во тек на која, со директна покана до стопанските субјекти и до семејствата кои се соочиле со прематуритетот, очекуваме да обезбедиме финансиски средства, со кои во следниот период директно би помогнале во постигнување на горенаведените цели. Овие средства ќе овозможат континуирано одржување на средбите за поддршка на трудници со ризична бременост и на семејства со предвреме родено бебе или дете. Средствата ќе бидат искористени и за донација на современи средства за лекување и нега, како и за обука на медицинскиот персонал кој работи директно со критичните мали и болни бебиња - велат од здружението.

Намена на средствата од Донаторска недела:

Редовни средби за поддршка на семејствата кои имаат ризична бременост, предвреме родено бебе или дете

Организацијата Лулка во изминатите 14 месеци веќе има реализирано 14. Средби за поддршка на семејствата со предвреме родено бебе или дете.

Со средствата кои ќе ги донирате:

·  ќе продолжиме со реализација на овие средби за поддршка,

·  ќе обезбедиме подобра промоција и поголем опфат на засегнатите семејства,

·  ќе обезбедиме експерти од различни области на развојот на овие бебиња и деца,

·  ќе обезбедиме континуирана комуникација, споделување на искуствата, запознавање и вмрежување на родителите,  

·  подобрување на капацитетот на семејствата за справување со психолошките потешкотии на кои се изложени како резултат на ризична бременост и/или предвремено породување.

-  Донација на опрема и потрошен материјал

Донацијата ќе биде наменета и за помош и поддршка на одделите каде се следат ризичните бремености, и каде се раѓаат и лекуваат предвреме родените бебиња.При избор и процена на потребите, одлучувачки ќе бидат современите методи на лекување и нега:

·  неинвазивна вентилација,

·  исхрана со мајчино млеко и колострум,

·  отворање на одделенијата за неонатална интензивна нега за семејствата,

·  кенгурирање и нега со контакт кожа на кожа,

·  доење на предвреме родените бебиња,

·  централен мониторинг,

·  воведување на дигитална евиденција итн.

Едукација и обука на здравствени професионалци

Организирање на предавања и практични обуки за доктори и сестри на тема:

·  Детекција на ризични бремености и превенција на предвременото породување,

·  Современа нега и лекување на предвреме родените бебиња,

·  Следење на развојот на децата кои се предвреме родени,

·  Подобрување на вештините за комуникација со родителите и семејството.

Со овие едукативни активности ќе бидат опфатени:

·  докторите и сестрите кои работат во областа на гинекологија и акушерство, педијатрија, неонатологија и неонатална интензивна нега,

·  матичните гинеколози-акушери и педијатри, докторите по семејна медицина,

·  специјалистите од придружни гранки како детска хирургија, неврохирургија, анестезиологија, дерматологија, офталмологија, оториноларингологија, инфективни болести, радиологија,

·  специјализанти, студенти итн.