Доволна ни е само насмевка за гостите: Скопски угостител вработува лица со Даунов синдром
Скопскиот кафе-бар и ресторан „Ревија“ објави хуман оглас, за вработување на лица со Даунов синдром и попреченост.
“ Трудот, желбата и волјата за работа не познаваат разлики. Нашиот тим има потреба од амбициозна личност, а насмевката, желба за работа и позитивна енергија се нашите критериуми“ , се вели во огласот кој деновиве излезе на нивната Фејсбук страница.
„До сега, на огласот ни се јавија само неколкумина, и за жал само еден од нив е од Скопје, а искрено, очекувавме поголем одзив. За лицата кои се од други градови е помалку изводливо да дојдат на разговор, затоа ги охрабруваме сите кои сметаат дека се пронаоѓаат, да ни се јават“, ни изјави Емануел Рудниковски, сопственикот на кафулето.
Рудников вели дека нема одредено работно место за овие лица, а фирмата ќе им понуди редовно вработување со платени придонеси. „Не би било во ред да бараме конкретна задача од нив. Ако некој смета дека е талентиран во кујна, нека работи во кујна, ако некој е добар со луѓе, нека работи само тоа, да им се насмевнува на гостите, да им рече едно „добар ден“, да ги сместува под чадор ако заврне“, додаде тој.
Идејата за овој хуман гест, раскажува Рудниковски е негова. Лицата со Даунов синдорм според него се заборавени од надлежните и на нив најмалку им се помага.
„Што ќе се случи со тие луѓе кога родителите веќе нема да им бидат живи, кој ќе се грижи за нив? И јас сум дете од сиромашно семејство, како помлад не сум имал многу, знам како е тоа да сакаш да излезеш со другарите, а да немаш пари за едно кафе да се напиеш“, ни раскажа Рудниковски. Тој вели дека локалот за сега е во можност да вработи три до пет лица, а и претходно учествувале во хумани акции и донации во соработка со Црвен крст.
Рудников со боксерот Михаил Поповиќ, за кој во кафе-ресторанот обезбедил соодветна исхрана пред натпреварот во Рим
Последната хумана мисија на барот е помошта за боксерот Михаил Поповиќ, кој вчера замина на светско првенство во Рим.
„Место да ги намалиме цените на пијалоците и да смислуваме акции, гостите ќе платат полна цена, и ќе имаме можност да ги платиме и лицата со попреченост кои би работеле кај нас. Да можеме, би дале и повеќе“, додаде Рудниковски.
М.Џаровска