Доживеав наркоза бркајќи ајкула: Авантурите на Слободанка Јакимовска, првата жена професионален нуркач

Таа е првата жена која влезе во подводната пештера Врело на Матка, првата жена професионален нуркач кај нас. Слободанка Јакимовска Јосифовиќ (44) за себе си вели дека е горда Скопјанка, вљубена во Водно, Матка, Западна Македонија и Демир Каписката клисура. Од Свети Наум, преку повеќе грчки острови, до Дубаи, Мајами, Малдиви, Сејшели со делфини и на Тајланд со ајкули, нуркањето за оваа храбра жена нема граници. Вели дека кога е во вода и таа се чувствува како риба и заборава на стравот. Најголемата поддршка во нуркачките авантури ѝ се сопругот Ненад, ќерката Матеја (19) и синот Милан (14). Има завршен електротехнички факултет, две магистратури, една на ФЕИТ во Скопје, и уште една во Солун, на „Шефилд“.  До лани беше дел од менаџерските тимови на Vip, сега A1, и на Македонски Телеком, а последнава година работи самостојно, како советник за проекти. Слободанка одблизу нѐ внесе во нејзината нуркачка приказна, за која може филм да се сними.

* Кога за прв пат почувствувавте интерес и страст кон нуркањето?

- На веќе поодминати години, односно 35. Бевме на семејно патување во Египет, и меѓу останатите екскурзии имаше возење со брод по Црвено Море и try scuba, за оние кои сакаат. Јас се пријавив, и посакав наместо два зарони што ни беа во пакетот, да направам и трет. Се вљубив во мирот под вода, во рибите како на филмот Finding Nemo, во дијапазонот бои на разни корали, едноставно како да си дел од една друга животна димензија, нечовечка, туку подводна. Со текот на времето, посетувајќи разни нуркачки локации, на големи длабочини е како да си во вселената, ама тоа е сосема друга димензија, тешко се опишува, само се доживува. Имам инаку книга за запишување на секј зарон, дајвбук, се практикува во нуркањето заради искуство да се води евиденција. Многу ретко тоа нуркачите го прават, но јас имам и водам евиденција сѐ уште. Ова го спомнувам дека таму има дел каде што треба да го опишеш заронот, меѓу другото. И јас многу често, од воодушевување пишувам само woooooow, од што нема зборови да се опише навистина. Инаку, Црвеното море беше втор мој обид во нуркањето, првпат пробав во Малезија на еден остров Ланкави, каде што бев на патување со мојот сопруг. Имаше екскурзија Baby sharks feeding & try scuba. Знаев дека има ајкули, на истото место беше и давањето храна и нуркањето, но ме предизвика адреналинот кај другите нуркачи и решив да пробам. Како и сите почетници, се мачев со опремата, маската, дишењето, ама кога потонав во синото, а внатре шарено во сите бои и со сите корали и риби, заборавив на маката и дишев и пливав уживајќи. Така решив, јас со ова ќе се занимавам, морам, ова е тоа што го сакам. Си дојдовме дома, се распрашав дали некој држи часови по нуркање во Македонија и се изненадив дека има повеќе нуркачки клубови. Јас го одбрав Спелео Нуркачкиот Клуб Врело, и почнав со обука во 2010 година. Така започна мојата нуркачка авантура, прерасна во пасија и денес не можам да го замислам животот без нуркањето.

* Вие сте првата жена што влезе во подводната пештера Врело на Матка, а и прва жена профисонален нуркач во Македонија. Каде се обучувавте, како се одвива таа обука, колку трае?

- Многу сум горда на себе за подвигот во пештерата на Матка. Пештерата е навистина преубава, остава без здив, со чистата вода, поставеноста на карпите, самите премини, а најмногу од сѐ сувиот дел, салата Пеони, со сталагмити и сталактити. Јас стасав само до салата Пеони, што е околу 130 м хоризонтално од влезот на пештерата. Кога дојдов во Пеони, го извадив регулаторот и дишев воздух, си реков како е можно природава тука кај нас да направила толку многу, а ние да не знаеме. Едноставно необјасниво. Во дајвбукот ми стои поголемо wooooooow, неверојатно и наше, македонско. Секако пештерското нуркање е сосема поинаква категорија од рекретивното нуркање, поради ризиците кои ги носи со себе. Во пештерата инаку имаат влезено повеќе жени нуркачи од повеќе светски експедиции кои доаѓаат да ѝ се воодушевуваат на пештерата, да ја испитуваат и да ја мапираат, или да поставуваат рекорди, бидејќи важи за една од најдлабоките во Европа, но јас сум првата жена Македонка што стаса до салата Пеони. Да кажам дека и машки нема повеќе од една рака да се избројат кои стигнале до таму. Секако голема благодарност до со-нуркачите од СНК Врело кои ми беа поддршка на заронот и на целата логистика.

Рекреативното нуркање пак е поразлично во делот на ризици односно техники за надминување на истите. Е поедноствно од спелеонуркањето, и јас стигнав до нивото дајвмастер во 2019. Почнав во 2010 и го земав првиот сертификат за Open Water Diver по PADI, па како што шетав по разни локации низ светот, гледав убавини, сакав уште и уште. Потоа станав AOWD, Advanced, и можев да нуркам на длабочини до 30 метри. Па посакав и повеќе, не заради длабочината туку заради одредени локации кои беа на подлабоко, на пример потонати бродови, кањони, рифови, па и воден свет. Има некои риби кои живеат само на подлабоко, нормално и тие се предизвик и ако одиш подлабоко ќе може повеќе да им се приближиш, дека инаку како и сите други животни, така и подводниот свет, бегаат од човекот. Вклучувајќи ги и ајкулите. Така станав deep diver, за да можам да нуркам до 40 метри длабочина, и тоа е максималната длабочина кај рекретативното нуркање. Потоа решив да земам и обука за спасување, Rescue Diver, што е една од најинтересните обуки во рекреативното нуркање. Се учат техники за спасување, и на длабочина и на површина, трае неколку дена, но подетално запознава и со ризиците и со начините за нивно надминување, како и како да реагираш и да делуваш во случај на нуркачи кои се испаничени или во неволја. За сите овие години нуркање запознав многу луѓе од целиот свет, секаде различни по боја на кожа, по возраст, по религија, но сите со едно заедничко нешто - тимски играчи. Нема нуркач, барем јас не сум запознала, кој е себичен, бидејќи секогаш мора да знаеш и да бидеш  спремен да му помогнеш на тој или тие кои се во група со тебе на нуркање под вода. Многу голем дух постои кај сите нуркачи и тоа дополнително ми потврдува дека пасијата што ја имам кон нуркањето е оправдана. После обуката за нуркач спасувач продолжив и станав дајв мастер, тоа е како master of science. Инаку со поминување на обуката и сертифицирање како дајв мастер, влегов во групата на професионални нуркачи во рекреативно нуркање од цел свет. Обуката за дајв мастер ја правев во Египет, Дахаб, кај Јордан Топкоски, PADI Course Director, највисокото ниво на професионално достигување, го има тој и е Македонец кој живее и работи во Египет, и јас решив да го искористам тоа дека имаме Македонец кој е Course Director, и отидов во Дахаб. Обуката како обука може да трае од 2 недели до неколку години, зависно колку се трудиш, колку соработуваш и најважно од сѐ, колку го сакаш нуркањето. Јас останав таму еден ипол месец, завршив и дајв мастер, но земав и уште една специјалност во која уживав, side mount, односно нуркање со две или повеќе боци поставени на страна од телото, а не позади на грбот, back mount.  Side mount техника која се применува за нуркање во пештери, како и во кањони, кои се тесни и не може да се помине низ некои пролази со back mount боца.

Неприкосновено уживав и во двете обуки, прво дека Јордан своето искуство несебично ни го пренесе, не' научи на работи и техники кои во книга не се запишани, знаете она што искуството си го носи со себе. А второ во Дахаб, за мене е центарот на светот. Таму само се нурка, нема звуци на модерен свет, туку само звуци на компресори што полнат боци, издишување на регулатори, проверка на резервни.боци, нуркачи, опреми на сите страни, и најважно растеретени луѓе, дека нели сите нуркачи, големи души.

* Колку за една жена е физички тешко и издржливо нуркањето, сте дошле ли до ситуација да сте сакале да се откажете?

- Никогаш да се откажам, не сум ни помислила. Имало ситуации, ама овој спорт бара големо трпение и голема издржливост. А и физичка спремност. Кога ќе си ги наместиш очекувањата дека тоа е тоа, едноставно знаеш дека за да влезеш во вода, треба да се помачиш. Но уживањето под вода е вредно за сите маки пред и после нуркањето. Мора да водиш сметка за опремата, значи после секое нуркање треба грижливо да се испере, односно да се помине со вода за да не се расипе и да ти трае повеќе. Боците кога се полни се тешки, да ги носиш на грб или на страна. Додека да се облечеш и наместиш во опремата ем временски трае ем бара трпение, внимание, и физичка спремност. Но кога ќе влезеш во вода и ќе се нурнеш во длабочина, забораваш на маката, верувајте. После заронот, треба сѐ да средиш и да вратиш на свое место и во првобитна состојба, и тоа бара време, трпение, внимание. Е сега, ќе си признаам, ми помагаат машките понекогаш, најчесто во носењето опрема, каде што треба да се килавиш. Инаку друго сѐ правам сама, како сите. Не сум нешто екстра физички спремна, во споредба со другите жени на моја и слична возраст, но водам сметка за своето физичко здравје. Редовно трчам, понекогаш се качувам на Водно, на Матка, ама не сум планинар, ниту професионален атлетичар, туку така сакам да бидам во природа, и затоа трчам само надвор, не на трака, и пешачам по планинарски патеки, рекретивни. А да, сакам и да пливам. Многу. Можеби и затоа го засакав нуркањето, дека пливав како дете и нуркав на здив. Сѐ уште пливам, ја користам секоја прилика на море, на езеро, на базен, си пливам. Ама и тоа рекреативно.

* Држите ли сега обука?

- Со дајв мастер, јас засега смеам да водам само групи на сертифицирани нуркачи во рекративно нуркање и тоа од било која нуркачка светска организација. Часовите како инструктор ги планирам од летово. Рано лето, бидејќи е ладно на базен, ама за тој што сака не е важно каде. Инаку на лето може и Матка, ама не во пештерата, во Охрид, во Грција, а јас најмногу би сакала да може да органзираме групи кои би ги водела во Дахаб. Црвеното Море сепак е буџетски растеретена дестинација, во смисла дека за релативно малку пари, може да се доживее убвината на нуркачкиот свет, онаму каде нуркачи од цел свет одат да нуркаат, како и за обуки. Кога зборуваме за светски нуркачи, сакам да го споменам според мене најголемиот нуркачки јунак кој го запознав во Дахаб, има исто така нуркачки центар таму и работи, а тоа е Ерик Браун, еден од спасувачите нуркачи на децата кои беа заглавени во пештерата во Тајланд. Одржа и предавање на кое нѐ запозна со сите предизвици и лично ни го пренсе неговото искуство од оваа мисија.

* Каде сѐ сте нуркале, а каде ви е сон-желба во иднина?

- Сон и желба ми е да влезам во клуб 100, тоа е група на нуркачи кои стигнале на длабочина од 100 метри. А каде? Па, се разбира во Дахаб, на 100 метри би сакала нуркам во Blue Hole, полуотворена цилиндрична пештера која настанала со тектонските поместувања. Оваа во Дахаб е за мене предизвик, сакам да дојдам до 100 внатре во Blue hole и да се вратам преку арчот до надворешниот дел на дупката каде што има многу корали и риби. Сакам да дојдам и да го видам изворот Врело во Врело пештерата што е малку подалеку од Пеони, ама сега уште не сум технички спремна за тоа. Ниту за 100 метри. За да нуркам на длабочини поголеми од 40 метри предвидени со рекреативното нуркање, треба да поминам други обуки, техничко нуркање. И тоа неколку. Тоа ми е личен план за наредниот период. Нормално до тогаш, нема да го заборавам рекреативново нуркање, планот за 2020 е веќе спремен.

Сум нуркала на многу места, почнав со Охрид и Матка, во Грција сум била секаде по краците, по островите на Јонско море, таму има интересни полу-пештери и прекрасно синило, имам поминато речиси сѐ што може да се види и да се нурка на Халкидики и на островите. Бев во Мајами, тоа ми беше првиот зарон на потонат брод, USS Spiegel Grove со должина од 155 метри, во Дубаи и Фуџеира, таму првпат видов ајкула. На Малдиви, првпат доживеав наркоза затоа што нагло се спуштив од 20 на 30м, дека имаше една леопард ајкула како спие во песокта, и сакав да ја видам и да не ми избега, да побрзам, хахаха. На Сејшели, нуркав со делфини. Во Занзибар, ја доживев најголемата подводна струја, но ги видов сите риби од Finding Nemo, и најмногу ѝ се доближив на мантата (што ги носи другите риби на школо во филмот). На Тајланд, на Фи Фи островот од филмот „Плажа“. Се нурка околу островот и има мали ајкули мали на плитко, во Египет, е веќе тука сум пристрасна, имам повеќе омилени локации, многу спомени, и најубави доживувања. Ќе го издвојам потонатиот брод SS Thistlegorm со должина од 126 метри, невидено доживување со историја но и со многу риби и подводен живот, Кањон, местото што сакам да го нуркам секој ден барем по еднаш и никогаш нема да ми здосади, Абу Хилал, исто кањон, преубав, како да си прво во клисура, видливост огромна, а кога ќе излезеш како да си во аквариум, од сите меурчиња од заостанат воздух околу тебе. Сѐ ми е убаво во Египет, но ете вака да издвојам нешто најсвежо.

Покрај подводната пештера Врело, каде што би сакала да нуркам барем еднаш месечно, на Матка, најубавиот надводен кањон на светот за мене, во Македонија како најубаво нуркачко доживување ќе го издвојам Охрид, најубавото езеро на светот, и изворите на Свети Наум каде што нуркавме на температура од 8 степени, на лето, со мокри одела, но убавината на локацијата, на изворите, и најголемата видливост не ти даваат да мислиш дека ти е ладно, туку само си уживаш.

* Какво е чувството кога сте под морето, што си мислите во тие моменти? Постои ли страв кај вас, што Ве штити од него? 

- Кога сум под вода, не се плашам ама баш од ништо, ниту од подводниот свет, ниту од опасности, ниту од техника, едноставно се опушатам целосно, заборавам на сѐ што ми се случува надвор од вода, и уживам со секоја клетка. Си мислам дека сум риба и пробувам да бидам како рибите, мирни, сталожени, си пафкаат со перките и одат од еден корал на друг. Се дружат и со други риби, и си мислам како сум дел од една таква, безгрижна животинска колонија. Се научив со тек на време да не мислам на дишењето, да се опуштам, и затоа успевам да трошам помалку воздух за да ми трае заронот повеќе. Ако водам група нуркачи, тоа е сосема поинаку. Тогаш мислам 500 на час, техника, примена, сценарија, нормално мислам на групата нуркачи, кој како се движи,кој како дише, дали е опремата наместена како треба, ги набљудувам во очите да не видам знаци на страв, паника, водам сметка кој колку воздух потрошил, дали ќе имаме сите доволно да се вратиме назад, каде сме, како ќе се враќаме, длабочина, управуваање на длабочина, време, пераање, многу работи, но сепак уживам и во тоа.

* Колку најдолго сте биле под вода?

- Најдолго под вода бев со Ане Тошевска, сега во Дахаб, и имав едно преубаво нуркачко искуство. Бевме под вода 97 минути, на максимална длабочина од 20 метри. За ваков долг зарон потребно беше да имаме уште една дополнителна боца, бидејќи една не е доволна, но како професионални нуркачи не беше воопшто проблем. Ане ме водеше на егозтично подводно патување од локација Градина на Јагули, до локација Lighthouse каде што навистина видовме преубави групи на јагули, мали и големи, риби од подводна енциклопедија, многу разни видови на мали полжави (nuddie branch), корали живи и полуживи во разни бои. Сето ова траеше 97 минути, а мене ми се чинеше дека трае само 20 минути. Видливоста беше доволна за да можеме да уживаме во убавите бои, и барем за момент да бидеме дел од светот на рибите.

Милица Џаровска