Драган Б. Костиќ доби внук од ќерката, очекува уште едно внуче од синот: Како дедо ќе бидам добар, се плашам и предобар

Драган Б. Костиќ чије обележје се радио емисиите „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“, никогаш нема да го заборави 10 мај, денот кога стана дедо на првиот внук.

Неговата ќерка Елена го роди Андреј, а среќата во семејството Костиќ наскоро ќе се дуплира, затоа што за неколку месеци ќе се роди уште внуче, од синот.  Легендата на македонското радио и ТВ новинарство, на оригинален начин ја опиша својата среќа  на Фејсбук:

-Лесно е да се стане татко. Тешко е да се остане татко. Дедовството зависи од татковското.

Велат....Каков татко, таков син. Авнукот? Незнам. Допрва ќе осознавам. Им благодарам на Елена и на Вангел. За внукот Андреј. Ееееј....станав ДЕДО!“, напиша Драган.

Костиќ за Женски магазин вели дека дедовството го очекувал многу порано.  



-Секое животно раздобје има своја убавина, пријателите ме убедуваа дека дедовството е нешто посебно. Го очекував многу порано, но младите денес како да ги  одолговлекуваат своите природни обврски.И тогаш сè некако доаѓа природно забрзано.На седми, ќерка ми ја озакони врската, а на десетти се породи“, ни раскажа Драган и ги сподели размислувањата каков ќе биде како дедо.

-Како дедо ќе бидам добар, се плашам и предобар.Но, ова ќе ми биде како увертира, како вежба, бидејќи за неколку месеци, очекуваме принова и од син ми.Ако, едвај чекам полна куќа детска врева. Вака останавме само јас и жена ми, и откако си ги прераскажавме сите заеднички спомени, и по два пати, размислуваме дали да го правиме и по трет пат, преправајќи седека ги слушаме по првпат. И ова сега ни дојде како ново поглавје на веќе прочитана книга, ама како нов ремикс, со нови актери во главните улоги. Додека е малечко, не гледам некакви мои можни обврски, но кога ќе почнува да поттрчнува, е тогаш ќе гледам да го ангажирам во мојот тим“, ни раскажа Драган, авторот на радио емисијата „Кавервил“, неговиот најтазе радио проект.

На телевизија, изгледавме вистински легенди и интересни муабети во неговата емисија „Б со точка“, која за жал веќе не се емитува. Драган не се откажува од нови ТВ емиси, а секако ни од радио предизвиците.

-Коронава како и милиони низ светов ме врза во затворен круг на осаменост. Прочитав преку дваесетина книго, испишав стотина страници од разни проекти на кои работам, подготвив педесетина емисии, кои чекаат финализација, (како радио изданија), кога ќе дојде време. ТВ емисии?Има време.Нека се симнат маските, бидејќи не сакам гостите да ми изгледаат како актерите во филмовите за Зоро.Многу цртам што неочекувано повторно ме прави среќен како пред многу години. Ништо особено содржинско, но релаксирачко. И  патем, се вакцинирав“, ни изјави Драган за своето секојдневие во време на пандемијата.


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива