Драгана Д. Чифлиганец на кафе во „Бела“: Ако сакате да имате убави усни, зборувајте љубезно и со почит
Таа е една од најпознатите деловни жени во нашата држава. За себе вели дека е постојано во трка со времето и дека секојдневно ѝ остануваат неколку нереализирани желби и планови, но дека благодарение на енергијата и љубовта од нејзините близнаци заборава на тоа.
Драгана Д. Чифлиганец, извршен директор во „Адора инженеринг“ е жена која секогаш е добро облечена, внимава на деталите, го претпочита спортско - елегантниот стил и важно ѝ е облеката да е од убав матријал, кој одлично се комбинира со убава чанта, добри чевли или марама.
Во рубриката „На кафе во Бела“, откри дел од своите секојдневни рутини и навики, но и што ја прави среќна.
* Кои се вашите дневни рутини и навики?
- Ги сакам утрата, бидејќи тие секогаш носат нови можности, нов почеток, нов предизвик за успех. Утрата носат мир, бидејќи рано станувам, тоа е период од денот кога може многу да си продуктивен, но секако се и различни во зависност од тоа дали одам на пат или пак сум во Скопје. Кога бев сама утрата можев да ги планирам, но сега кога ги имам близнаците секој ден ми започнува со нивните рутини. Гушкање, подготвување на млеко, па трчање по нив за да појадуваат и веќе кога ќе стигнам на работа околу 9 часот, за мене е веќе ден. Градежништвото е бизнис во кој многу рано се почнува со работа, па веќе сум навикната, во изминатите 15 години рано да станувам. Во однос на другиот дел од денот, имам едно тефтерче без кое не можам, иако денеска се може да се запише во мобилен, се уште претпочитам, да си имам роковник со сите состаноци и обврски што следуваат. Во моментов работам на два проекта во Грција, на Халкидики и во Тасос, еднаш неделно најчесто патувам, тогаш гледам да сум со полна агенда, за да се вратам што побрзо во Скопје. Да си мајка значи треба да си многу добро организиран и затоа гледам да направам некој баланс. Два до три пати вежбање, едукација и гледам барем еднаш неделно да седнам со пријателите на ручек. Секако приоритете се менуваат и во овој момент децата се тие на кои што им посветувам најмногу време, се трудам кога сум со нив да бидам со нив вистински, без мобилен телефон, колку што е можно. Знам дека 24 часа ми се малку да ги исполнам сите желби, обврски, да најдам доволно време за себе, но свесна сум дека понекогаш треба да го намалам темпото за да уживам во денот, независно каков и да е.
* Која е тајната на Вашиот младешки изглед?
- Среќна жена е убава жена. Среќата ние си ја креираме, јас сум човек што се радувам на мали нешта и во секое лошо барам добро. Научив, дека со годините не треба да се нервирам за глупости, иако тоа секогаш не ми успева. Воедно, баланс мора да се има во животот, треба од сè по малку, не мора 100% здрава храна да се конзумира, но треба да се знае дека телото пати и треба ние сами секој ден да го негуваме. Отсекогаш сум била спортски активна, порано трчав, сега одам на кикбокс или пак возам велосипд, понекогаш пливам, но мислам дека мора да се најде време за спорт. Спортот освен за изглед, побитно е што дава повеќе сила и внатрешен мир.
Знаете како велат, ако сакате да имате убави усни, зборувајте љубезно и со почит, ако сакате да имате убава коса, дозволете им на децата да си играат и да ја вртат низ нивните прсти, како што тоа го прави еден од близнаците пред заспивање. За да бидеш сигурен, стабилен, секогаш треба да бидеш со отворен ум за нови знаења, да се надградуваш, а тоа значи дека никогаш нема да бидеш сам и гордо ќе чекориш со знаењето што го поседуваш. Јас и ден денес, иако сум доктор на правни науки, одам на различни едукации, учењето поточно надградувњето ме прави среќна. А ако сакате да имате добра линија, поделете ја храната со другите, со сиромашните, значи биди хуман, имај добро срце и убава мисла и убавиот и младешки, не само надворешен изглед, туку и дух, секогаш ќе ве следи.
* Како се релаксирате, што Ве опушта и што Ве прави среќна?
- Спортот, воопшто, трчањето, во последно време боксувањето, кое одлично ме релаксира, опушта, ме ослободува, ме полни со позитивна енергија, а во исто време ме челичи. Обожувам да возам велосипед, очигледно желбата за возење и за постојана работа ни се во крвта на целото семејство. Тоа сум им го пренела и на децата. Не треба да ме чуди што децата, на три години знаат да возат без помошни тркала. Иако, се лутат понекогаш кога заминувам на пат, на работа, затоа што памалку време во денот ќе бидам со нив, радоста и спокојот кога ќе си легнеме да се успиеме, дали јас нив или тие мене, е незаменливо и тоа ме прави среќна. Воедно пријателите за мене се важен дел од животот и покрај сите обврски наоѓам време да се дружам. Тоа што не успеав да научам е како да се опуштам пред ТВ, да гледам филм, да медитирам, за некој ден ќе наполнам 37 години, но таа лекција се уште ја немам научено.
* Кој моден стил најмногу Ви прилега, што најчесто носите?
- Според тоа како е исполнет мојот ден, изглед, карактер, мислам дека лесно може да се препознае дека спортско-елегантниот, е мојот стил на облекување. Сакам во облеката убаво и удобно да се чувствувам, да сум своја и различна. Луѓето, најчесто мислат, претпоставуваат или очекуваат да носам скапа облека (да, имам и таква), но не секогаш е така, знам да си купам и обично парче, важно е само да е од убав матријал, кое одлично се комбинира со убава чанта, добри чевли или марама. Воедно, зависи има моменти и настани кои бараат да си скоцкан и секако дека тоа и го правам. Јас сепак сум од оние луѓе кое веруваат дека добриот стил не се однесува само на надворешниот изглед, туку и на внатрешната убавина, харизмата, енергијата која ја поседувате, но која и ја емитирате и која ја чувствуваат другите луѓе, сакале ние или не.
фото: Марко Маркоски
Колекција: Bruklin & Lure - Spring Limited 21'