Дрим биг

Зезнавме со вас деца. Некако попатно не ви кажавме како да сонувате големо а тоа да не вкулучува силикони, богата удаја, или спонзор систем. Некако ни промакна да ви покажеме дека и чудата се можни, не само верски и библиски, туку реално и опипливо, со добро образование, високи амбиции и наивна љубопитност. Не ви докажавме дека се се може, само ако се сака, ако се верува и ако имаш еден тон упорност во себе, основана на домашно воспитување на база на волја, без идеализација, без фрустрации, со многу слобода за изразување на индивидуалност и бескрајна безусловна љубов.

Извинете. Извинете што ве научивме на површни и погрешни вредности, извинете што сакавме да ви го покажеме лажниот лесен пат, кој води кон се, освен кон себе реализација и вистинска среќа. Извинете што не останавме доследни на нашите пропаднати сништа, па целиот наш личен гнев го префрливме на вас. И ви дадовме вештачки свет на измислени ситуации, со вредности мерени во објекти а не чувства, за да и онака тешката младост ви ја направиме неподнослива.

Периодов сум на испит пред самата себе. Со милион и едно прашање за кое си давам секојдневно нови одговори. Мирот го наоѓам во медитација и осамување, потребни се вакви периоди за да се излечи душата од сопствените токсини. Сите промени кои ти следуваат во животот се поврзани во ланец, една карика влече друга, секое твое сработено си се наплатува во даден момент, секоја солза е по цена на следна насмевка, и секој грев си се запишува во кармата што секој од нас ја носи во себе.

Во целиов процес на себе испитување, што е тоа што го сакам за себе во иднина, колку и да е страшно, колку и да е големо и да личи невозможно, си дозволувам да го замислам, да го сонувам. Со цел на реализација без компромис, не по стандарди на Дизни, туку по реални, живот дефинирачки следствени состојби, од мои минати дејствија. И го потенцирам тоа на социјалниве медиуми, за да ви обрнам внимание на нешто што и самата јас го заборавив дека го има, го ставив во фолдер невозможно.

Семејство, што не значи крвно сродство, со ручек во недела, со мирис на топли колачи од цимет низ целата просторија, со односи кои не се совршени се разбира, но се доволни за почит, љубов и разбирање, со партнер кој гледа во истиот правец во кој што гледаш и ти за вашиот живот, со вредности кои подразбираат да имаш, а не да повраќаш, да пробаш, а не да се подуеш. Мигови, кои сами по себе ти стојат запишани во сеќавање и те потсетуваат колку вреди еден заробен момент во времето, како првата вилушка и лажичка со буба мара, како колачите со кикирики на мајка ти, кои еден Божиќ ги нагостија гулабите на тераса, како првата фатена риба со татко ти на пијавица, како првата песна што вујко ти ти ја пушта за да ти покаже што значи музиката, како првиот бакнеж, првото водење љубов, првиот пикник со скромни сендвичи полни со домашни кисели краставички. Вкусови, мириси кои те носат на локации исполнети со бесценети мигови за кои не ти треба социјален лајк, ги чуваш себично за себе, за оние моменти кога цел свет ти се руши над глава, да се потсетиш дека вреди, дека можеш да станеш, дека можеш одново пак.

Марија знам дека можеш пак. Знам дека не беше лесно, нема ни да биде, знам дека секој момент на болка е поголем од предходниот, тлото ти се поместува од чувството на беспомошност, душата ти врие од акумулиран гнев кон судбината. Ама судбината си ти, судбината е во секоја една од нас, секој наш следен чекор ќе го донесе новиот, позитивниот, оној кој конечно ќе не тресне од земја со убавини. Не го барај лекот кај што лежи болеста, оди чекор понапред, како на планина знаеш, секој следен чекор е потежок, ама па затоа погледот од врвот ја оправдува болката. Сама мораш ова, секоја битка за промена е лична, најтешка, но вредат соништата кои ги влечеме уште од деца.

И запамти го ова, нема да е полесно, до тебе е, ти ќе си поинаква. И ти ќе научиш како да го оствариш сето тоа што било невозможно и неизводливо. Дека фениксот од прашина се раѓа, чист, неискварен, и вистински, со прави и трајни вредности за Љубов.

Јас сум Ивана Кнез, знаете што, Животов е прекрасен. И вреди за болката која го прати.

Намасте.

Се читаме следната недела.

П.С. Бастион на најгласно, имавме проклето добра музика некогаш, осврнете се на минатото, само за да можете да продолжите напред, без да се сопнете на истата препрека повторно.