Дури и со мојата удобност во фустани, со плетенки и црвен кармин, јас отсекогаш сум бил овој човек: Актерот Лео Поповиќ за борбата која ја водел во себе, а сега ја води со сите околу него

„Транс момчето, транс актерот, транс ова, транс она. Јас сум Лео Долорес Поповиќ, актер и музичар, со кариерни и лични достигнувања далеку поголеми од мојот родов идентитет“

За себе ќе каже дека е Џејмс Дин во грешно тело, вечно дете, драма принц кој од километар може да чуе ако кажеш нешто квирфобично - Лео Поповиќ од Скопје, има 27 години, завршил средно музичко образование и е дипломиран актер од Факултетот за Драмски Уметности. Покрај тоа што е актер и музичар, вели дека е пијан поет и бунтовник кој буквално секогаш, ќе најде причина.

Во месецот на Гордоста, кој ги слави правата на ЛГБТИ+ заедницата, разговараме со Лео Поповиќ кој македонската јавност го запозна како првиот транс актер во земјава, иако тој се идентификува како родово неутрален, што сепак спаѓа под амбрела терминот транс. Тој храбро и гласно реши да зборува во името на сите оние кои се плашат да проговорат, и покрај тоа што се соочува со непријатности и вели дека секој ден е борба. Истата борба која ја водел во себе, само сега ја води со сите околу него. Смета дека неговото аутирање е мал чекор напред, за можеби сто години од сега, другите да гледаат на тоа како комплетно ослободување од товарот.

Какво детство имаше девојчето Долорес, а кои и какви се Вашите први сеќавања кога во Вас се раѓа момчето Лео? 

- Сѐ би дал да можам да кажам дека Долорес имаше нормално детство. Покажував знаци на емоционална нестабилност и класични симптоми на дете кое е очигледно на спектарот на аутистични нарушувања уште во првите неколку години од животот, што во типично балканско семејство во 90-тите се прекрстува во “болна потреба за внимание, драматизирање и ниска интелигенција“. Моите први сеќавање, а и први обиди за комуницирање дека нешто едноставно не е во ред со мене беа препишани на потребата да се биде различен. Мало дете го нема потребниот вокабулар да објасни трансородовост и толкава внатрешна борба. Во мојата глава, претставувајќи се со машко име во 4-то одделение, носењето на “машка облека“ (колку и да сега не верувам во тоа дека облеката има род), и константите кратки сценарија кои ги пишував каде се ставав себеси во улога на девојче кое е “undercover” маскирано како момче во мистери трилери, ми се чинеа сосема нормални. Потребата да се БИДЕ маж беше огромен фактор во тоа да сфатам на неполни 6 години дека сакам да се бавам со актерство. Се чинеше како единствениот начин да “бидам нешто што реално не сум“. Немам конкретни сеќавања, само една магла на константен глас кој велеше „не припаѓаш овде“ секој пат кога ќе се најдев во просторија полна девојчиња. Можеби ќе звучи смешно, но Лео се јави во првиот момент кога го видов Леонардо ДиКаприо во Титаник и си помислив „Сакам вака да изгледам кога ќе пораснам.“

Можете ли да ни го опишете моментот кога самите себеси си признавте дека сакате да транзитирате од жена во маж? 

- Интересно ми е како луѓе го прашуваат тоа очекувајќи конкретен одговор. А всушност процесот е повеќе налик „Дали? Не. Дали? Не. Ама дали можеби-? НЕ! Не се глупирај, ќе ти се смеат. Тоа што го чувствуваш ти не е трансродовост, туку само си збунета.“
Ако баш морам да одвојам точен момент, тоа би бил моментот кога облеков џемпер и почнав да плачам на глас поради тоа што имам гради. Не секое трансродово лице искусува дисфорија, но сѐ уште не бев свесен за тоа и имав многу шаблонска замисла за тоа што значи да си транс. Сѐ додека не ми се случи тоа, сам себе си велев дека не припаѓам во таа заедница, дека транс луѓето знаат уште од раѓање и дека сѐ би било полесно ако едноставно решам да молчам. Сега полека сфаќам дека дури и како дете, дури и со мојата удобност во фустани, со плетенки и црвен кармин, јас отсекогаш сум бил овој човек. Важно да се напомене исто така дека социјалното транзитирање, односно декларирањето на себеси како транс е многу поразлично од медицинското транзитирање.

Во една трансфобична и хомофобична, мала земја како нашава, Вие јавно се деклариравте како трансродов маж. Колку храброст Ви беше потребна да се одлучите на тој чекор, со што сѐ моравте да се соочите и се соочувате откако се одлучивте гласно да зборувате за тоа?

- Пред да навлезам во ова, морам да напоменам дека во една држава како нашата наједноставно беше да се искористат зборовите „транс маж“ за да се објасни потребата за традиционално машко име и машки заменки, но јас всушност отворено зборувам насекаде за тоа дека најмногу се идентификувам како родово неутрален, што сепак спаѓа под амбрела терминот транс. Nonbinary transmasculine е термин кој се користи за да се објасни личност кога не се идентификува целосно со хетеронормативната слика за еден цис маж, туку внатрешно чувство кое е „ни ваму ни таму“ но повеќе гравитира кон маженственост. Едноставно кажано, гледај ме како човек, и поарно гледај ме како маж, само не ме гледај како жена. Самото ова им звучи лудо на повеќето цис-хет луѓе кои ќе ги сретнете во Македонија, па собирањето храброст воопшто да се каже на глас дури и сам со себе беше нешто кое буквално ме убиваше со години. Често мислам дека не беше храброст туку огромна лутина која потекнуваше од помислата дека ако можат другите луѓе да се слободни и среќни, што сум јас помалку важен од нив? Зошто милиони млади луѓе да си го одзимаат животот секој ден бидејќи општеството им кажува дека се болни и извитоперени? Најмногу проговорив од потреба да отворам дискусија за нашето право да постоиме, да допрам до луѓе чии деца можеби се плашат да се аутираат, да разбудам емпатија кај тие кои буквално би нѐ обесиле, едноставно да кажам ТУКА СМЕ И НЕ ОДИМЕ НИКАДЕ.

Дали откако јавно проговоривте, на еден начин се „ослободивте“ од товарот? Како влијаеше тоа на Вас од аспект на психичкото здравје? 

- Се ослободив од многу товари, а се здобив со можеби дупло повеќе. Не сакам да бидам филмска инспирација и да дадам лажна слика за тоа како е да си out and proud во државава. Моето аутирање беше малечок чекор напред, за можеби сто години од сега млади луѓе да го гледаат аутирањето како комплетно ослободување од товарот, дури и да стигнеме до момент каде да се биде квир воопшто нема да е товар. Удобно ми е во соба сам со себе, пријатно ми е што кога пружам рака можам да го кажам своето име, но не секогаш, не секаде. Во автобус гледам во под и се надевам дека нема некој да ме препознае. Како индивидуалец сум многу посреќен, како дел од општеството секојдневно се плашам за својот живот.

Започнавте ли, планирате ли да започнете хормонска терапија и операција за промена на полот, подготвен ли сте на таков чекор? 

- Мојата дисфорија и замисла за тоа како сакам да изгледам флуктуира, што е многу нормално и е честа појава кај многу трансродови лица, а е тема на која скоро никој не зборува кај нас. Не секој кој се декларира како трансродово лице чувствува потреба да “пројде“ како цис. Во последно време особено се борам со помислата дека ако не ги направам сите потребни операции и не почнам хормонска терапија, никој никогаш нема да ме гледа така како што сакам. Но сега за сега ми е поважно што гледам во огледалото, а таму гледам човек кој е задоволен од тоа како изгледа. Прашањето дали воопшто планирам, кај мене е опсесивна мисла 24/7 периодов. Времето ќе покаже. Сега за сега сѐ уште се плашам од многубројните ризици, еден од најголемите стравови ми е да го изгубам гласот како музичар, што е честа појава. Допрва треба да се изборам за официјална дијагноза на родова дисфорија, а сѐ до тогаш е период на адаптација.

Вие сте актер, музичар, борец за права, а сепак она што прво им запаѓа на луѓето во очи е трансродов – првиот трансродов актер во државава, првиот трасродов музичар... колку и како влијае тоа на Вашиот живот лично, но и професионално, кога е работата во прашање - сте наидувале ли често на непријатности, пред какви проблеми и предизвици сте соочени како јавно деклариран трансродов маж? 

- Чудно ми е колку луѓе коментираат за тоа дека квир луѓето често толку зборуваат за својот квир идентитет и ориентација, па се чини дека се сведуваме само на тоа дека сме квир, а во мојот случај со моето јавно аутирање, луѓето почнаа да забораваат дека воопшто имам име. Изгуглајте ми го името и видете ги насловите. “Транс момчето, транс актерот, транс ова, транс она.“ Јас сум Лео Долорес Поповиќ, актер и музичар, со кариерни и лични достигнувања далеку поголеми од мојот родов идентитет. Неколку пати западнав во расправија со репортери кои иако им беше кажано многу пати дека сакам да ме пишат како актерот Лео Поповиќ, сепак ме постираа онлајн со наслов “Транс момче проговори за...“ Се чувстувам мало во такви моменти. Ни име, ни презиме, ни назив. Само кликбејт наслов кој ќе привлече внимание, а јас не сум животно во зоолошка кое постои за другите да зјапаат во него. За среќа сега за сега немам приметено било какво лошо влијание врз мојата кариера, баш напротив, вниманието кое го добив со мојата јавна борба доведе до тоа многу луѓе од филмската фела кои не беа запознаени со мене да ме побараат за разноврсни проекти, меѓу кои и филмови и документарци кои се фокусираат на животите на квир луѓето. Непријатностите се на еден огромен спектар, од чудни погледи во продавница од тетката која ги мери компирите, а ме видела на телевизија, до закани по живот во мојот инбокс. Секој ден е борба. Истата борба која ја водев во себе, само сега ја водам со сите околу себе.

Отворено на социјалните мрежи проговоривте и за неприфаќањето од Вашето семејство, кое било проследено со вербално, но и физичко насилство. Како и со чија поддршка успеавте да се издигнете? Што е она што би посакале да им го порачате на Вашето семејство за да Ве прифатат и сфатат? 

- Првичниот одговор е очекуваното клише: блиските пријатели на кои веќе им имав кажано останаа покрај мене во моменти кога буквално сакав да си го одземам животот. Еден прекрасен човек кој воопшто не ме ни познаваше буквално ме прибра дома кога спиев по каучи. Ниедно дете не заслужува да се прашува зошто мајка му не го сака. Макар ни дете од 27 години кое на другите им се чини како возрасен човек. Главниот пресврт беше кога сфатив дека квир заедницата во Македонија е далеку поголема од тоа што си мислиме, па танцувајќи на журка со куп момци кои носеа бајндери стигнав до раб на солзи зашто конечно се почувстував како да припаѓам некаде. Поддршката која ја добив на социјални мрежи, илјадниците прекрасни пораки, многубројните пријателства кои ги формирав со други квир лица, но апсолутно најважно од сѐ, мојот татко, за кој иако ова беше голем шок и товар, во секој момент ја става мојата среќа во преден план. На останатите членови од моето семејство не би сакал да им порачам апсолутно ништо. Ми требаше време да сфатам дека не е моја работа да молам некој да ме сака и прифати, ниту да се објаснувам, да ги едуцирам и да наоѓам компромис со кој би им „олеснил“ да ме сакаат. Тие што навистина нѐ сакаат ќе нѐ сакаат дури и кога сме различни од нив до степен на тоа да нѐ разбираат како се чувстуваме. Без грам сарказам можам да кажам дека се надевам дека се среќни, но од мене нема ни поздрав да добијат.

Според она што го забележуваме по Вашите постови на Инстаграм, моментално сте среќно вљубен и престојувате во Германија, можете ли да направите паралела колку и како е прифатена ЛГБТ+ заедницата таму наспроти овде во Македонија? 

- Сѐ уште живеам во Скопје, но со престојувањето во Германија цели два месеци колку што можев да си дозволам да паузирам од актерството, сфатив дека би било најубаво ако може сите да купиме карта во еден правец и никогаш повеќе да не се вратиме. Но чувствувам одоговорност да останам тука, да се борам за оние кои ја немаат таа привилегија да зборуваат на глас, да присустувам на настани каде доаѓаат млади луѓе полни страв, но и надеж. Бев на еден од многубројните Прајд паради додека бев таму овој месец, и липтав на глас. Слобода и среќа и насмевки насекаде околу мене, илјадници луѓе кои шират бран на љубов, едвај еден поспан полицаец кој повеќе беше фокусиран на тоа да ги фотографира прекрасните дрег кралици отколку да нѐ штити, бидејќи немаше од кого да нѐ заштити. Не плачев за себе, плачев за децата од македонските села кои би ги загубиле животите доколку се осмелат да бидат тоа што се. Плачев за еден од моите најблиски пријатели кој беше претепан лани веднаш по тогашниот Прајд. Плачев за Долорес.
Во Германија никој нема ни да трепне ако се шеташ во фустан, а кажеш дека користиш машки заменки. Никој не ме погледна попреку ниту еднаш додека се шетав рака под рака со девојка ми, дури ни во селото во кое живее. Нејзините родители ме прифатија како свое дете, баба ѝ прашува за мене без грам осудување. Во легалните разлики и што значи да егзистираш како квир лице во капитализмот таму нема ни да навлегувам. Таму е нормално да живееш наспроти луѓе кои се во истополов брак. Нормално е девојката која те служи пијачка да е транс. Мажите носат кармини, девојките имаат бричени глави и никој никого не мрази. Не велам дека е совршено, но е далеку подобро. Затоа треба да зборуваме гласно за ова, како би стигнале до тој степен макар стотици години од сега.

*Љ.Иванова
фотографии: приватна архива