Две години спиев во болници: Искрено интервју со ТВ-презентерката Гордана Ѓорчева
Се борев како лавица за неговиот живот. Направив сè што беше во моја моќ. Мојата совест е комплетно чиста. А, најважно од сè е човек мирно да спие, раскажува познатата ТВ-презентерка
На 19 години го изгуби татка си во сообраќајна несреќа. Втор огромен шок во нејзиниот живот беше смртта на сопругот, актерот Бранко Ѓорчев. Познатата ТВ-презентерка Гордана Ѓорчева на почетокот од годината ни ја отвори душата и искрено проговори за најтешките моменти. За она што досега молчеше, конечно собра сили да го сподели со јавноста.
* Во февруари се навршија пет години од смртта на Вашиот сопруг. Болната реалност може човекот духовно да го скрши, но може да го направи и посилен. Како е со Вас?
- Да, на 24 февруари поминаа точно 5 години. На оваа тема скоро и да не зборувам. Создадов некој одбранбен механизам и не сакам да чепкам таму кај што боли. Знаете, сфатив дека болката е само моја и никој тука не може да ми помогне, освен самата јас. На моите 19 години го изгубив мојот татко во сообраќајна несреќа и некако се навикнав да се борам низ животот. Ова беше мојот втор огромен шок кој многу, многу тешко го поднесувам. Да, буквално ме скрши неговото заминување и мислам дека дури сега после 5 години полека почнувам да си доаѓам на себе. Поминав и сè уште поминувам низ многу тежок период, и емотивно и благодарејќи на балканскиот менталитет и среброљубието на неговите најблиски. Но, не сакам да се навраќам на тоа ни во мислите. Постојано се молам, Господ да ни даде само здравје и на мене и на моето дете. Се борев како лавица за животот на Бранко. Направив сè што беше во моја моќ. Две години буквално спиев во болници и овде и во странство и мојата совест е комплетно чиста. А, најважно од сè е човек мирно да спие.
Пет години по смртта на Бранко сè уште поминува низ многу тежок период, како што вели, благодарејќи на балканскиот менталитет и среброљубието на неговите најблиски
* Се соочивте со пекол кога ќерката порасна и кога со Бранко почнавте вистински да уживате во животот. Кој беше во тие моменти Ваша најголема поддршка? Какви се пријателите во такви исклучително тешки ситуации?
- Во најтешкото бев сосема сама. Зарем мислите дека постои пријателство? Бранко беше исклучително благороден човек кој им помагаше на сите. Но, кога дојде време него да му се помогне, сите буквално се разбегаа, како да беше заразна неговата болест. Неговите и мои најдобри другари Дејан Пројковски и неговата сопруга Билјана Драгичевиќ Пројковска се единствените личности кои беа со нас во најтешките мигови. Тие се единствените кои ги доживувам како брат и сестра, на кои можам да им заѕвонам среде ноќ, да долетаат без да прашаат што треба. Многу е неблагодарно и тажно кога ќе сретнам негови некогаш блиски пријатели кои ја вртат главата настрана кога ќе ме пресретнат. Но, навистина многу работи повеќе не ме допираат. Си велам, тие сме што сме. Ова е Македонија, полна е со злоба, за жал.
Гордана и Бранко со популарната брачна двојка Пројковски, единствените личности кои биле со нив во најтешките мигови
* Спомените имаат моќ да нè исполнат со енергија, да нè водат низ животот, да нè инспирираат и мотивираат да не се откажуваме и кога ни е најтешко. Кои Ви се најдрагите спомени со Бранко?
- Па, јас немам недраги спомени со Бранко. Бранко беше мојата сродна душа. Тој беше човекот што го сакав повеќе од себе. Бранко беше човекот кој ме чуваше како капка на неговата дланка, човекот кој секој слободен миг сакаше да го помине во заеднички прошетки, заеднички викенди, заедничко кафе кое задолжително го пиевме на улица Македонија, човекот кој не знаеше да се налути за ништо, човек со огромно срце. Толку беше голема неговата грижа за мене што и во неговите последни мигови не мислеше на себе. Само ми рече: Не смеев ова да ти го направам. Гордана само продолжи да се смееш, и биди среќна. Затоа што ја имаш најубавата насмевка на светот. Таква најмногу те сакам, среќна и насмеана!
* Дали сега полесно се носите со секојдневните животни предизвици? Дали сега сте похрабра во одлуките?
- Ах, дефинитивно да. Животот е таков, полн со секојдневни предизвици со кои барем досега успешно се справувам. Тешко ми е да чекорам сама низ животот, но ќе издржам. Мајка сум и тоа е мојата најголема одговорност. Секое дете сака да ја гледа својата мајка, пред сè здрава, насмеана и со крената глава. На крајот на краиштата, сфатив дека Господ ни дава толку препреки и тешкотии колку што можеме да издржиме. Се трудам да бидам максимално позитивна, не им правам зло на луѓето и се надевам дека таму некаде некој одозгора ја гледа мојата благородност, па еден ден ќе ми возврати.
* Зрелите години се предност. Тогаш човек расчистува со заблудите и со комплексите. Дали конечно знаете што сакате? Кои се сега Вашите животни исчекувања?
- После сè што ми се случи, дефинитивно знам што сакам и што не сакам. Сакам да бидам опкружена со позитивни личности. Бегам од луѓе коишто знам дека не се искрени и не ми мислат добро. А, имам силна интуиција. Во овој период ми се случуваат позитивни промени во животот. Мојата најпрекрасна ќерка Луција се осамостојува, почнува нов живот со прекрасно воспитано момче и, најискрено, сум фокусирана на нејзината среќа. И секако би сакала да си го прошират семејството, а тоа ќе ме направи најсреќната личност. Затоа што среќата на нашите деца е и наша среќа.
„И покрај сè низ што поминавме двете заедно, ќерка ми Луција се оформи во една исклучително разумна млада личност, која точно знае што сака“
* Кога ја родивте Луција имавте само 21 година. Што е предност, а што мана да се биде млад родител? Има ли меѓу вас тајни и табуа?
- Од денешен аспект си велам како можев толку непромислено да влезам во таква авантура (се смее). Во првите години буквално не се знаеше која е мајката, а кое е детето. Но, од денешен аспект сум пресреќна што имам возрасна ќерка, која ми е вистинска другарка. Успеавме да создадеме пријателски однос и не постои тема на која не би можеле да разговараме. Се сеќавам кога одеше во средно училиште другарките ја прашувале дали сум и постара сестра, и намерно не одев на родителски состаноци да не ѝ биде непријатно. И покрај сè низ што поминавме двете заедно, Луција се оформи во една исклучително разумна млада личност, која точно знае што сака. Знаете, сите ние сме слика на нашите родители, па веројатно од мене научила да биде храбра, со силен карактер, и да не потклекнува на ниту еден проблем во животот, за што секогаш ќе ја има мојата поддршка.
* Со што се занимава Вашата ќерка? Какви се нејзините афинитети?
- Луција во мај наполни 27 години. Успешно го заврши Факултетот за социјална работа и социјална политика и е вработена во Министерството за труд и социјална работа. Среќна сум што го работи тоа што го сака. По природа е многу емотивна, сочувствува со луѓето и во секој момент е подготвена да помогне толку колку што е во нејзина моќ и надлежност. Премногу сака да фотографира, неверојатно е креативна и секое слободно време го поминува со фото апаратот.
„Никогаш не помислив дека телевизијата ќе биде мојата животна определба“
* Презентерската работа не трпи импровизација. Треба да имате правилен изговор и радиофоничен глас и многумина мислат дека тука завршува приказната. Што ја прави толку возбудлива Вашата професија, ако условно кажано, освен информациите кои секој ден се различни, сè друго е некако исто?
- Да. Точно е тоа. Не само во презентерската, туку и во секоја јавна професија, со секое излегување пред камерите, пред сè е потребна огромна концентрација, смиреност, присебност да се биде подготвен буквално на сè. Многумина велат дека е лесно само да се излезе и да се прочита, но не е така едноставно. Сите ние сме луѓе и имаме денови кога не ни е до ништо, кога не сме расположени, кога сме вознемирени од нешто што ни се случило приватно. Но, кога ќе се запалат светлата навистина треба да се заборави на сè и да се даде сè од себе да се изработи денот најпрофесионално. Свесна сум дека јас сум таа којашто влегува во домовите, а секој сака да види пријатен лик и да слушне пријатен глас. Во овие тешки времиња никој не сака намуртени луѓе кои не знаат што зборуваат. Не сакам да звучи како клише, но камерата е вистинска магија. Кога ќе се запали тоа црвено светло и кога ќе светнат рефлекторите секогаш ме обзема некое посебно чувство кое максимално ме исполнува. И доколку се навратам наназад, и повторно да треба да одберам, сигурна сум дека би го работела ова што го работам.
* Дали низ годините сте размислувале за Ваш авторски проект, за некој телевизиски концепт кој би подразбирал поголема слобода во изразувањето?
- Имаше периоди кога имав многу идеи за сопствен проект, емисија, но свесна сум дека секоја емисија е од времен карактер без разлика колку е квалитетна и гледана. Но, од друга страна си велев, ако почнам да правам емисија треба да се откажам од вестите. А вестите се мојата прва љубов, во нив се пронаоѓам и само во нив се чувствувам комплетно своја.
* Кои беа Вашите професионални амбиции кога првпат застанавте пред камерите? Дали воопшто очекувавте дека толку долго ќе останете на екраните?
- Не. Никогаш не помислив дека телевизијата ќе биде мојата животна определба. Се сеќавам тоа беше во почетокот на 1999 година кога се отвори Канал 5 Телевизија. Прочитав дека има конкурс за водители и се пријавив. На почетокот имав обуки за водител, сè до моментот кога еден ден во камцеларија ме повика директорот. Искрено помислив дека ќе ми каже повеќе да не доаѓам и бев преплашена. Но, како што влегов видов срдечно насмеано лице, кое во еден момент стана сериозно и ми рече: Ти Гордана си создадена за вести. Ти ќе читаш вести и ќе бидеш успешен презентер. Памтам дека од самата помисла ми се пресекоа нозете. Уште истиот ден почнавме со интензивни обуки сè до денот кога почнаа НАТО нападите. Знам дека ми се јавија и ми рекоа: Спремај се и доаѓај, почнуваш со вести во живо. И до ден денес јас сум во живо (се смее).
Ѓорге Стојанов