Двете чуда на Св.Василиј Острошки: За многу години денешниот празник!

Црквата денес го празнува споменот на големиот чудотворец, светиот Василиј Острошки и Тврдошки.

Црквата денес го празнува споменот на големиот чудотворец, светиот Василиј Острошки и Тврдошки. Љубовта и молитвената блискост на овој светител ја почувствувале многу луѓе, како од Македонија, така и од повеќето земји од Балканот, но и светот. Во прилог пренесуваме две чуда кои се случиле по молитвеното застапништво на св. Василиј Острошки. 

+ + + 

Се викам Теодора Босиочиќ, имам брат кој се вика Давид, мајка Тамара и татко Борко. Многу го сакам моето семејство, а особено родителите кои уште како малечка ме научија да Го љубам и почитувам Бога, нашата православна вера и Црква, но и да ги почитувам другите религии и народи. Уште додека сум била во стомакот на мама, сум била во Израел, на местото каде се родил Исус Христос. Моите родители граделе, и сè уште градат црковни објекти, а за сиот труд во 1992 година татко ми добил орден од Патријархот Павле. Последните седум години живееме во Велика Британија, и секоја недела одиме в црква, а после Литургијата заедно со брат ми остануваме во неделното верско училиште. Толку за нас. Сакам нешто да кажам за мојата љубов кон св. Василиј Острошки, но и за неговата љубов кон мене. Пред една година се разболев и лекарите рекоа дека мора да ми се изврши некаква сложена операција на срцето. Моите родители не можеа, и не сакаа да веруваат дека тоа е вистина. После три лекарски прегледи во три независни болници дијагнозата беше потврдена; и на самиот ден кога беше закажана операцијата, дијагнозата беше потврдена. И само што моите родители се потпишаа на дозволата за операција на моето срце, еден непознат лекар дојде во болничката соба и побара од моите родители да ме прегледа. Тие се согласија. За време на прегледот, моите родители беа вознемирени и исплашени, а татко ми ја држеше иконата на св. Василиј Острошки, велејќи ми: „Гледаш ли кој те гледа?“ Токму во тој момент, новодојдениот и непознат лекар ни ја соопшти Божјата волја: нема потреба за операција. Болеста на срцето исчезнала за еден момент! Сите беа шокирани, и лекарите, и моите родители! Лекарските истражувања продолжија, но оттогаш сите резултати беа исти – немаше потреба за хирушка интервенција на моето срце! И тогаш, но и сега, јас верувам дека сум во Божјите раце, и верувам дека св. Василиј ставил рака на моето срце, и уште еднаш ја покажал Божјата љубов и моќ. Да се молиме на св. Василиј и на сите светители Бог секогаш да биде со нас! 

+ + + 

Јеромонахот Исаија опишува како, на почетокот од 2002 година, св. Василиј исцелил некое дете од немост: Додека стоев покрај кивотот со моштите, во манастирот дојде една мајка, Ружица, од Даниловград, и ми раскажа дека нејзиниот син Лука не зборува веќе три и пол години. Детето имаше шест години. Му прочитав кратка молитва за здравје, и го помазав со масло од кандилото над кивотот. Тоа се случи претпладнето. Попладнето го видов како трча, вика и зборува. Утредента му реков: „Ајде да ти прочитам уште една молитва“, а штом завршив, Лука ми рече: „Ајде, повторно намачкај ме со она масло од кандилото.“ 

Слава на Бога и на свети Василиј! 

од книгата „Нови чуда на свети Василиј Острошки“

Извор: православие.мк