Една е мајка

Добивај вести на Viber

Среќен роденден чудо мое.

Кога имав 10 години, бивајќи дебело ненаситно буце, опседнато со сладолед, без да ја прашам, и земав од чантата пари. Појма немам колкава беше вредноста, немав представа што значи пари на тие години. Само и ги дадов на продавачката и и реков сладолед за сите пари. Женава бледо ме погледна, ми наполни две кеси сладолед, ние имавме четири врсти, вие деца денес растете со избори. Ние знаевме само млечен и овошен, топката со играчка и корнет. Јас и цело мое маало се почастивме со сладолед со заработката на мајка ми.  Моментот кога дозна, и кога ме зема од улица за да ме однесе дома, е веројатно првиот момент кога јас дознав што значи вистинска болка. Јас бев и се уште сум огромно гушкало, нонстоп бев во нејзини раце. Сега стоев во ќош од лифтот, таа стоеше потпрена на страна, со очи полни солзи. Не ми викна, не ме удри, не ме искара. Само не ме гушна дента. Како не ме утепа од ќотек, сто пати полесно ќе ми беше. Вака срцето ми се распори на милион делови, гледајќи ја како ја повредив, како ја боли, и колку се разочара од мене, се претворив во безначајна прашина. Тоа е првото мое сеќавање на вистинска болка. И тоа беше прв и единствен пат јас да земам нешто од неа без да ја прашам.

Пред 21 година, на мои 13, ја имав првата кавга со неа. Воопшто не се сеќавам зошто беше, не знам ни дали е важно, сигурно била некоја глупост околу пристап до интернет или излегување. Станав тинејџер, цел свет ми беше крив што сум жива. Знам дека бев убедена дека бев јас во право, и дека треба да биде по мое, овен сум во хороскоп, во превод сега и одма. И пак таа проклета болка, кога ја гледам дека не е добро, дека не е среќна и дека сум ја разочарала. Ама пусти инат, лута бев, нема смирување. Во тој период на гости беше сестрата на татко ми, не живееше во земјава, имав солиден однос со неа, знаеше со тинејџери, беше професорка. Веќе една недела не разговарав со мајка ми, јас бев во право и готово. Тетка ми влезе во соба, ме натера да и раскажам што се случило и единствено на што се вистински сеќавам, точно, е нејзиниот совет.

Ивана, во животов ќе имаш многу другарки околу тебе. Од нив вистински вредни, ако имаш среќа, ќе бидат само две. Но единствената другарка, која никогаш нема да те повреди и ќе те научи многу повеќе од тоа што знаеш, е твојата мајка. Се додека таа е твој пријател, со кој што ќе можеш се да разговараш, се да и кажеш, да побараш совет, да одиш на кафе или ручек со неа, се ќе е полесно. Сите проблеми ќе бидат лесно решливи, сите таги ќе изчезнат побрзо и нема да остават трага, таа нема да дозволи.

Ја послушав. Наведнав глава и и се смирив. Еве ме на 34 години, после поминати брда и долини, јас и таа се уште одиме на ручек заедно. Се до овој момент, јас можам на неа да и кажам се, можам да побарам совет, можам да ја прашам во кој правец да одам, без да ме осуди, без да ме нападне, без да ме искара. Само ако види дека треба, да ме гушне, да ми каже колку е горда на мене, и да ми каже дека се ќе помине.

Имавме и ние периоди на тешки емоции, имавме и ние падови кои менуваат цели животи, ни требаше многу време и многу солзи да научиме како една со друга и најважно една без друга. Свесна е дека сум нејзина, но не ме поседува. Јас ја учам неа и таа мене, што е безусловна љубов, што е вистинска вредност, и што е право на избор. Знае дека треба да ме пушти, дека треба да имам свое семејство, во кое таа ќе има почесно место, тоа јас ќе се потрудам. Секогаш била и секогаш ќе биде моја една и единствена муза и инспирација, заради силата која ја носи во себе, и љубовта која несебично ја дели со сите во нејзиниот живот.

Среќен Роденден моја една и единствена. Ти посакувам секој ден да ти е нов, да го сочуваш духот кој го носиш, да имаш уште повеќе храброст за да го направиш твоето секојдневие баш онака како што го заслужуваш. И никогаш да не се плашиш да започнеш одново, да бидеш вечно млада во духот, како што заслужуваш.

Јас сум Ивана Кнез, Мајки, чувајте ги вашите деца како пријатели пред се. Не ги врзувајте, дајте им крила од челик, кажете им колку е важна љубовта и чувството дека каде и да одиш, по кој пат и да тргнеш, ќе имаш каде да се вратиш. Само така вистински се расте, со таа бесценета безусловна љубов.


Се читаме следната недела.

П.С. Прелепотици, денес мајките под рака и однесете ги на ручек. Нека секој ден биде нивни роденден, заслужуваат. Прошетајте ги низ парк, одете во кино. И тие сакаат да се дружат со вас.