Една супа и три зеленчуци, ова е основниот концепт на здравите Јапонци: Интервју со Атуши Кобајаши, личниот готвач на јапонскиот амбасадор во Македонија

Добивај вести на Viber

Неговите специјалитети ги пробале туристи од многу земји, додека крстарел со брод низ светот. Сепак, од сите кујни, најмногу ја сака својата, јапонската, и вели дека е до толку специфична што не може да ја спореди со ниту една друга. Атуши Кобајаши е професионален јапонски готвач кој во Македонија е дојден како личен готвач на јапонскиот амбасадор Хиронори Савада. Кобајаши ни подготви вкусен лосос со ориз и поховани стапчиња од лосос со традиционален јапонски сос во во ресторанот Фор, во Парк хотел и спа каде што најчесто готви за амбасадорот и за гостите. Задоволен од нашите реакции за неговата умешност во кујната, Кобајаши беше расположен за муабет специјалитетите со кои многу се гордее. 

* Некои луѓе од рана возраст сонуваат и знаат дека ќе станат доктори, професори, актери, готвачи. Кога вие знаевте дека готвењето ќе стане вашиот професионален пат?

- Точно како и луѓето кои ги споменавте, и јас цел живот сонував да станам готвач. Таа желба најпрво ми се роди на мои 10-11 години.

* Дали сте првпат во Македонија, и што точно ве донесе овде?

- Како готвач на јапонската амбасада јас работев и претходно во други земји, а овде сум дојден како личен готвач на јапонскиот амбасадор. 

* Од кој дел на Јапонија доаѓате, каде сте роден?  Можете ли да ни кажете повеќе за вашиот град?

-Ј ас сум од префектурата Нагано. Роден сум во Уеда Сити. Живеам во Томи Сити.

* Како се запознавте со Амбасадорот?

- Регистриран сум во Меѓународната асоцијација за угостителство и конференциски услуги како официјален готвач за престој. Во април 2021 година, по завршувањето на мојот мандат како официјален готвач во резиденцијата во Амбасадата на Јапонија во Казахстан, се запознав со амбасадорот Савада, од Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија.

* Која е омилената храна на амбасадорот? Дали сака да експериментира со храна или претпочита веќе познати вкусови?

- За ручек му подготвувам квадратни оброци, додека за вечера лесни оброци без јаглени хидрати. Јаде скоро сè, не е пребирлив во јадењето.  Тој претпочита јапонска храна со лесен вкус.

* Кој рецепт на вас ви е омилен за подготовка?

-Со исклучок на официјалните вечери, обично планирам менија за ручек главно со јадења од месо и менија за вечера главно со јадења од риба.

* Кои се главните состојки во јапонската традиционална кујна, дали е тоа многу риба и ориз?

- Мислам дека варира од регион до регион низ цела Јапонија. Оризот е основна храна во цела Јапонија, но има разлика помеѓу крајбрежните и планинските области и помеѓу урбаните и руралните области.

Сепак, она што може да се види во Јапонија како целина е важноста што им се дава на сезонските состојки. Пролетните производи се достапни на пролет, летните производи на лето, и широк спектар на сезонски производи ја красат трпезариската маса.

* Кој рецепт е специфичен за вашиот регион?

- Јас сум родум од префектурата Нагано,  а тој дел е познат по костени и грозје меѓудругото, и познато е по едно јадење наречено Ојаки, тоа се оризови тортици. А, уште едно познато јадење е Нозалана, тоа е всушност туршија, односно конзервиран зеленчук, Нозала. Тоа е зеленчук што го има само во Јапонија?

* Во колку земји имате работено пред да дојдете во Македонија, и за која кујна и култура би можеле да кажете дека е најблиска до вашата?

- Имам работено во Казахстан, во Франција, и исто така со брод кој крстари низ целиот свет. На тоа патување видов доста земји и пробав доста јадења. Меѓутоа, јапонската кујна е до толку уникатна и би можело да се каже дека со ниту една друга кујна на светот може да се спореди.

* Со оглед на ова, како вие лично се снаоѓате за храна овде, дали ги јадете исклучиво вашите традиционални јадења ? Има ли некое македонско јадење кое воопшто не ви се допаѓа и не е по ваш вкус?

- За себеси најчесто подготвувам лесна храна, најчесо е тоа во јапонски стил, тоа се некои секојдневни лесни јадења како ориз, паста, кари, но не индиско кари, туку јапонско кари. Што се однесува до тоа дали има јадење од македонската кујна кое не ми се допаѓа, не можам сè уште да одговорам, затоа што уште ги немам пробано сите јадења.

* Дали балансираните оброци и дисциплината се причина што Јапонците изгледаат толку здрави?

- Иако може да има индивидуални разлики, мислам дека тоа е затоа што луѓето уживаат во јадењето врз основа на основниот концепт на „една супа и еден зеленчук“ или „една супа и три зеленчуци“.

* Дали брзата храна зазема повеќе простор во секојдневниот живот во Јапонија?

- Мислам дека бројот на ресторани за брза храна значително се зголеми во текот на изминатите 20 години. Всушност, мислам дека има повеќе ресторани во Јапонија отколку на кое било друго место во светот, иако има многу различни видови. Мислам дека секој човек во секојдневниот живот користи ресторани и брза храна според сопствениот начин на живот.

* Успеавте ли да најдете макар и мала сличност помеѓу македонската и јапонската кујна и култура воопшто?

- За жал, немав многу можност да ја запознаам македонската кујна, но имав можност да пробам некои јадења, како на пример грав, овде во хотелот „Парк“. Гравот ми беше вкусен, но не можам да направам никаква паралела со јапонската кујна затоа што постојат суштински разлики во храната.

* Што ве релаксира кога немате ангажман со готвењето, што правите овде во слободното време? 

- Многу сакам да пешачам, така што пешачењето најмногу ме релаксира, а во слободните денови, со колега од Амбасадата заедно тренираме бокс.

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровск