Едвај го вратив синот од Лондон: Марјан Ников за искуството со коронавирусот

По 36 дена, новинарот од Тв Сител, Марјан Ников е среќен што конечно може да го гушне својот 19 годишен син Иван, кој по враќањето од Лондон поминал повеќе од еден месец во самоизолација. Откако на 30 март, тестот кој го направил покажал дека е позитивен на вирусот Ковид- 19, Иван минатата недела направил два последователни теста кои се негативни. Марјан, неговата сопруга Елена и помалиот син Андреј изминатив викенд имаа забава за нив четворица на својата тераса во семејната куќа во Бутел, радосни што семејството повторно е комплетно.

Иван студира односи со јавност на Правниот факултет, и преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус плус“, на 10 март требал да замине на предавања во Лондон и таму да остане десет дена.

„На 10 март сè уште не беше прогласена ниту пандемија ниту вонредна состојба. Пред да тргне синот со групата од Скопје, се распрашував кај пријатели од Лондон, ми рекоа дека таму сè е нормално. Иван стаса во Лондон, се слушнавме, и беше сè во ред, почна да оди на предавањата. Два дена потоа се прогласи пандемијата, и од тогаш на памет ми беше како да ги вратиме дома децата живи и здрави. Не само син ми, туку сите деца заедно, бев во контакт со останатите родители“, раскажа Ников за Женски магазин.

Работите се искомплицирале кога Иван во Лондон се разболел и качил температура, која траела два дена. Другарите од групата му помагале и му носеле овошје, витамини и лекови додека не закрепнал, а му се нашол и Љупчо, пријателот на Марјан од Лондон.

„Се јавував на многу места, се распрашував како е најбезболно групата да се врати дома. Мојата сопруга Ели, почна да ме вика Балтазар, затоа што додека вртев во кризниот штаб, по амбасади, не можев да седам, туку се шетав низ собата како професорот Балтазар. Иван требаше да се врати на 19 март, билетот му беше од Лондон до Охрид, но во меѓувреме го затворија охридскиот аеродром. Едниствена опција ни беше да му купиме карта од Лондон до Софија. Се јавив во нашата амбасада во Лондон, во нашата амбасада во Софија, во нашиот кризен штав и во бугарскиот кризен штаб. Најмногу ни олесни кога Иван ни се јави од Лондон и ни кажа дека успеал да се чекира и оти чека да се качи на авион за Софија. Син ми и колегите од групата имаа среќа што слетаа во Софија на 19 март, неколку часа пред да се затвори аеродромот. Стасаа во две групи, со два лета“, раскажува Ников и додава дека најлошата вест што ја слушнале е дека четворица студенти од Романија со коишто неговиот син и колегите биле во контакт, биле позитивни на вирусот.

„Во Софија ги држеа околу шест часа на аеродромот, четири часа во полициската соба се немаа ни вода напиено“, вели Ников. Во разговорот се вклучи и самиот Иван кој ни раскажа дека моментот кој најмногу ги исплашил бил кога една полициска службеничка во Софија им рекла дека најверојатно ќе мораат да се враќаат назад во Лондон.

Во тој момент, Марјан и родителите на студените од групата се јавиле во бугарскиот кризен штаб, па потоа и во нашиот, и откако полицијата во Софија добила официјален документ, групата студенти излегла од аеродромот.

„Преку Националната агенција од Македонија во саоработка со Националната агенција од Бугарија, заедно со родителите организиравме две такси возила кои ги чекаа децата на аеродромот во Софија. Многу сме благодарни на двете агенции и на таксистите кои стрпливо чекаа околу шест часа, додека децата да се качат во такси. Преку „Еразмус плус“, обезбедивме комбе кое беше паркирано на граничниот премин Деве Баир, а јас и уште еден родител заминавме на граничниот премин да ги пречекаме децата. Таксито ги остави пред бугарската граница, ги преминаа пеш двете граници, а комбето со клучевите внатре ги чекаше на паркинг. Ние стовме оддалечени неколку метри и немавме никаков контакт. Среќа е што едно момче од групата кој има 24 години, и порано го има возено тоа комбе, ги донесе сите од групата, секој на својата адреса. Во меѓувреме, мојата сопруга му го отклучи на Иван на долниот кат од куќата во кој со години не живее никој“, раскажа новинарот за патешествието на својот син.

Уште на 20 март, Ников се јавил кај матичниот лекар на синот и кај својот матичен лекар, барајќи упат да му направат тест на Иван. Првично му рекле дека нема потреба ако нема никакви симптоми и да почекаат некое време.

„На 30 март, со синот, оддалечени на неколку метри еден од друг, со маски и со ракавици заминавме да направиме тест кој излезе дека е позитивен. Откако се вративме дома, нашето секојдневие продолжи како и пред тоа. Му остававме храна на Иван на врата, а се гледавме само ако тој излезе на тераса или на прозор а ние сме долу во дворот, раздалечени.“, раскажува Марјан кој е страстен спортист. Откако со синот Иван и со сопругата на 23 и на 24 февруари истрчале полумаратон во Сплит, тој тренинзите ги продолжил на скопскиот кеј.

„Немав трчано 18 дена. Дента кога дознав дека Иван има два последователни негативни теста, го направив својот личен рекорд во брзина, на 10 километри. Минатиот четврток го направивме првиот тест кој излезе негативен, а на мое инсистирање направивме уште еден во петокот кој исто така беше негативен. Затоа, во саботата прославивме на нашата тераса“, раскажа Ников.

Иван пак вели дека од ова искуство многу научил. „Научив дека човек на сѐ може да се навикне и што побрзо се навикне толку побрзо ќе помине. Научив и самиот да палам оган. На први април, кога се залади, а на долниот кат нема никаково греење, моите ми оставаа дрва пред врата, а јас го палев ќумбето“, вели Иван. „Во моментите на изолација, најмногу ми помогна физичката активност. Вежбав кросфит онлајн со мојот тренер, и татко ми вежба со него. Слушав предвања, читав, гледав многу серии и филмови и комуницирав со роднините и со другарите на социјалните мрежи“, ни раскажа Иван кој е успешен кошакар, а последната година е и успешен кошаркарски судија.

Неговиот брат Андреј, матурант во гимназијата „Орце Николов“ со душа го чекал да оздраве за да можат заедно да играат на „Икс бокс“. И Андреј бил во неколку европски градови и во Лондон преку истата програма како и брат му, но имал среќа што тоа било во февруари.

Само една желба му остана неостварена на Иван од патувањето во Англија. Како навивач на фудбалскиот клуб „Челзи“, на крајот од неговиот претстој, тој требал да оди на натпревар на омилениот клуб, но не успеал.

„Да сме здрави и живи, тоа останува за некоја следна прилика, а би било најдобро ако заминеме сите четворица заедно да го гледаме „Челзи“, вели Ников за крај.

Милица Џаровска