Ексклузивно за Женски магазин, интервју со една од најпознатите хрватски клапи, клапа Интраде

Добивај вести на Viber

Со пеење на македонски песни, измешани со хрватските, го започнавме интервјуто со една од најпознатите хрватски клапи, Клапа Интраде и нивниот вокал Томислав Бралиќ, во Будимпешта. Кога им кажав дека сум Хрватица родена и израсната  во Битола, веднаш започнаа да ја пеат Битола мој роден крај. Зборувавме за Тоше, за неговите песни, останатите препознатливи македонски песни и идејата да се организира една турнеја во Македонија.

„Ние сме желни за малку музика, се надевам и нашата публика која на овој концерт дојде од сите краеви“, ни истакна Бралиќ на самиот почеток. А публиката доаѓаше од повеќе градови во Унгарија, но и околните држави, за да уживаат во скоро двочасовниот концерт на својата омилена клапа. Од основањето па се до денес, клапата Интраде, со многубројните успешни настапи низ светот, се потврди како една од најпопуларните вокални состави. Убавината на далматинското клапско пеење, членовите на Интраде со голем ентузијазам ја пренесуваат и надвор од границите на Хрватска, гостувајќи во бројни држави.

Клапа е име за состав најчесто од 4 до 8 членови кои изведуваат песни, тригласно, четиригласно, карактеристична за Далмација. Ако било каде во Хрватска го споменете ова име, повеќето ќе препознаат за што се работи, состав од неколку далматински изведувачи кои пеат обично со придружба на инструменти или без. Овај вид на музички состав се поврзува со морето, летото, сонцето, виното и пеењето покрај море. Денес овој начин на пеење не е само традиционален феномен, туку има нов идентитет кој поминал низ музички процеси од традициски до модерни и од локални до глобални.

За нашите читатели ни објаснија што значи клапското пеење, карактеристично во Далмација, Хрватска.

Клапското пеење е препознаено и од светските музички авторитети во културата, па така е на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

Но да почнеме од почеток.

Колку Ви недостигаа настапите во живо, после скоро две годишната пауза, заради светската пандемија?

Т.Б.- Се ни недостига. Бевме отсечени од светот, нашата работна маса е публиката, ние не можеме ништо без сцената, без публиката, без луѓе. Не затекна нешто што никој не можеше да го очекува, ама еве јас се надевам дека до следното лето ова се ќе помине, дека заедно сите ќе го стекнеме тој имунитет и дека ќе се движиме кон нови животни победи.

Интервјуто го започнавме со Битола мој роден крај, што е прекрасно чувство кога не сте во својата држава, да чуете како некој зборува, а посебно кога некој пее на македонски. Како ја знаете оваа песна?

Т.Б.- Ах како може да не ја знаеме, таа песна е една од нашите омилени македонски. Каде и да настапуваме низ светот, доколку некаде има Македонци во публиката, сите ја знаат оваа песна. Покрај неа ја обожаваме Јовано Јованке, песните на Тоше, кој навистина беше легендарен музичар, кој во сите свои песни ја ставаше својата душа. Нам омилена ни е неговата изведба на Зајди зајди.

За брзо фановите на оваа група можат да го очекуваат новиот албум.

„Многу создадовме за овој период, а добивме и одлични песни од композиторите“, истакна Бралиќ.

Т.Б.- Во овие две години бидејќи не настапувавме, го снимавме нашиот нов албум. Ние не сакаме премногу да експериментираме, повторно соработуваме со нашите препознатливи автори на песни со кои и досега работевме, како Винко Барчот, Анте Сикириќ, Давор Јурага. Добивме и една песна од сега покојниот Рајко Дујмиќ, кој твореше за Нови Фосили, чест ни е што неговата сопруга во тие негови 10 необјавени песни, најде една за нас. Ние таа песна ја прифативме, ќе ја снимиме.

Периодов освен во Будимпешта, настапуваа во Сплит, Загреб, Задар, Шибеник.

По повод 35 години успешна кариера, промовираа и монографија.

Т.Б.-Во сите овие години снимивме многу материјал. Многу од тоа што сакавме да го раскажеме се наоѓа во книгата. Многу фотографии, настани, концерти. Се она што ние го доживеавме, има интересни работи.Знаете кога 35 години, 8, 9, луѓе постојано се заедно и се дружат, тогаш ние сме повеќе како семејство, кое се нарекува клапа Интраде. Мислам дека време беше да објавиме книга за нас и се надевам ќе им се допадне на публиката. Некои луѓе ќе се смеат додека читаат, некои и ќе заплачат. 

Публиката на концертот во Будимпешта пееше заедно со клапата од самиот почеток до крајот на концертот, па ги враќаа повеќе пати на бис, членовите на клапа Интраде.

Концертот беше во организација на центарот за културна, информативна и издавачка дејност, Кроатика, со чија организација одбележаа 20 години постоење. За Женски магазин директорот на Кроатика, Чаба Хорват, ни изјави:

Ч.Х.- Со овој концерт ги заокружуваме активностите кои беа во рамките на одбележување 20 години Кроатика и 30 години Хрватски Гласник. Концертот требаше да се одржи упте минатата година, но заради пандемијата моравме да одложиме. Нашата главна цел во нашиот центар е зачувуање на хрватскиот јазик, идентитет и национална свест, па така во текот на целата година имаме активности во тие рамки. Со овој концерт се заблагодаруваме на сите партнери, читатели на Хрватскиот гласник, поддржувачи сите овие години.

*Томислав Бралиќ, Амбасадорот на Хрватска во Унгарија, Младен Андрлиќ и првиот секретар во Амбасадата, Марина Сикора

Неда Маретиќ