ЕКСКЛУЗИВНО-Навивајте за нас, а во финалето ќе пееме и за вас: Српските евровизиски претставнички Hurricane со порака до Македонците

Екипата на Женски магазин ги контактираше евровизиските претставнички на Србија, групата Hurricane, кои од екс Ју републиките, единствени се пласираа во големото финале на Евровизија што се одржува во Ротердам, Холандија.

Тие ја „опустошија“ сцената во „Ахој Арената“ со настапот во втората полуфинална вечер. Ивана, Ксенија и Сања ја освоија европската публика со својата песна Loco, loco, одличната интерпретација и атрактивниот изглед. Нивниот настап досега има над два милиони прегледи, многу повеќе од останатите учесници. Во изјавата за нашиот сајт велат дека се пресреќни што влегле во финалето.

- Се надевавме и успеавме во тоа. Не само ние три, туку и целиот тим кој е со нас и се труди да го дадеме максимумот. Жал ни е што во финалето со нас, нема да пеат претставниците на земјите од регионот. Според нас тие имаа одлични настапи и песни и добро ги претставија своите земји. Многу им сме благодарни на сите Македонци, за поддршката и пораките кои ги добиваме. Утре во финалето ќе настапиме под број 8. Навивајте и гласајте за нас, а ние ќе пееме и за вас. Поздрав од Ротердам до сите– ни изјавија девојките.

Инаку, автори на музиката и аранжманот на Локо, Локо се нашиот Дарко Димитров и Немања Антониќ.

Настапот на Ураганките е најкоментиран и на социјалните мрежи. Позитивни коментари пристигнуваат и од останатите земји на поранешна Југославија.

Дали ќе успеат да ја донесат повторно Евровизија во Србија, ќе видиме во утрешното финале во кое ќе настапат 26 земји.


С.А.Н