Екстравагантен луксуз на македонски начин: Катерина Здравеска Николоска искрено за нејзината пасија - готвењето

Добивај вести на Viber

Она што е поразлично, поинтересно и необично веднаш паѓа во очи. Така пребарувајќи низ Инстаграм наидовме на профил кој ни го одвлече вниманието веднаш. Личноста која стои зад оваа шаренолика Инста страница споделува навистина интересни и поучни објави. Несекојдневни и не типични јадења за нашето поднебје, сервирани во екстравагантни сервиси за јадење кои секогаш се стокмени како во најелитните ресторани во светот. Катерина Здравеска Николоска е мајка на три дечиња, сопруга и директор на производствена компанија која и покрај многубројните обврски наоѓа секогаш време, како што вели таа, за нејзината нова пасија, готвењето.

„Отсекогаш сум сакала разновидни јадења и така сум истражувала различни култури. Особено ме привлекува медитеранската кујна, а посебен акцент ставам на француската и на италијанската кујна. Готвејќи ги овие јадења, јас ги оживувам моите претходни патувања и постојано дома си го создавам чувството дека сум некаде на некое живописно место“, вели Катерина за Женски магазин и споделува од каде црпи идеи за рецепти: 

„ Имам повеќе пристапи. Некогаш само ќе видам фотографија на убаво јадење и ќе ми дојде идеја за комбинациите, некогаш адаптирам класични рецепти, а некогаш пак шетајќи се низ пазарче, наоѓам сезонски намирници кои ме инспирираат да креирам нешто ново. Тоа ново не мора да значи дека измислувам сосема нов рецепт, туку едноставно правам нова комбинација на тоа што го има на располагање“, открива таа. 

* За изработка на некои од рецептите се познава/гледа дека се потребни рекивизит кои можеби потешко се наоѓаат кај нас или некои воопшто ги нема. Каде ги набавувате истите?

„ Откако почувствуав дека готвењето и аранжирањето ми стануваат голема пасија, јас почнав да се опремувам со потребниот алат, но и знаење. Сите реквизити ми се купени во Скопје, повеќето од нив во специјализирани продавници, а и намирниците исто така. На пример чоколадото и брашното ги купувам секогаш од иста продавница, а специфичните производи во @delicatessentinex

Истото важи и за новите вештини и знаења. Голем број од новите техники и рецепти ги изучив од извонредниот шеф Марк, кој што живее во Скопје и несебично го сподели своето искуство и знаење со мене.  Се‘ она што може да ви притреба дополнително може да се научи онлајн (на пример часови за француски колачи), а истото важи и за по некој додаток ако ви недостасува“, вели Катерина. 

Интересно кај неа е тоа што таа немала отсекогаш љубов кон готвењето, започнала да готви за време на карантинот, тогаш ѝ се појавила голема желба да ја совлада и оваа вештината.

„ Јас долго време не пројавував интерес дека би можела да готвам, иако сите во моето семејство се големи гурмани. 

Минатата пролет кога останавме сите дома, кај мене се појави голема желба да ја совладам и вештината на готвење. Јас сум личност која е динамична,  која сака предизвици, да учи и да се развива, А тогаш се појави вистинскиот момент. 

Неколку месеци подоцна на мојот пат за личен развој кај мене созреа идејата, ова мое искуство што го открив, и го унапредив, да го зачинам со инспирација и на други жени како мене. Така решив да отворам форма преку која ќе го споделувам. На мојот роденден го објавив профилот @lilys.daughter.kitchen, а неколку месеци подоцна и мојот вебсајт www.lilysdaughter.co каде што се објавуват моите рецепти и идеи за сервирање“, сподели Катерина.  

Доколку детално го разгледате нејзиниот Инстаграм профил, ќе забележите различни видови на сервиси-сетови чинии, кои таа ги користи кога декорира храна, или кога ја поставува масата за ручек за семејството, за пријатели, или за празници и посебни прилики.

„Декорирањето сум го правела и порано. Сум го научила од мојата мајка Лилјана, чии што трпези се секогаш прекрасно декорирани. Испирирана од неа, на мојот профил му дадов име @lilys.daughter.kitchen 

Имам седум сета чинии за различни пригоди и комбинации, а еден од нив е 30 години стар. Како што споменав, тоа е моето хоби и моја страст, и му посветувам посебно внимание“, открива Кате. 

* Ви помагаат ли децата во подготовката на јадењата-специјалитетите?

„Кога имаме можност заедно ги набавуваме состојките и одиме на пазар, за да ја развијат љубовта кон природни и свежи намирнци. Секое од моите деца има своја омилена тезга на пазарче. Исто така тие понекогаш сакаат да помогнат во подготовките, меѓутоа најверојатно како и сите деца повеќе уживаат да седнат на веќе подготвена маса (се смее). Најинтересен дел е кој ќе ја собира масата и исчисти кујната, после прекрасниот оброк“, открива таа и за себе вели дека е личност која својата среќа и исполнетост ја наоѓа во малите нешта, а сонува за големи. 

Како директор на прозиводствена компанија, сопруга и мајка на три деца од различна возраст (13,10, 2 години), Катерина вели дека научила на секојдневните обврски да гледа како на задоволства. 

* Како балансирате работа и приватен живот?

„Кој знае и дали балансирам воопшто, туку влегувам од улога во улога со голема страст и љубов кон животот, и секојдневието какво што доаѓа. Станувам многу рано, имам своја рутина пред изгрејсонце, потоа дозволувам да ме понесе денот, притоа најважното од се е дека јас постојано работам на себе и на мојот развој како личност.  Научив на  моите секојдневни обврски да гледам и да им пристапувам како на задоволства“, искрена е Катерина. 


* Интересен ви е целиот дизајн на куќата, и дворот, цвеќињата, каминот, базенот. Дали ви се оствари желбата да имате куќа каква ште замислувавте од секогаш?

„Токму така. Иако тоа не беше нималку лесен процес, заедно со сопругот успеавме да го реализираме и сега да му се радуваме. Сопругот е задолжен за дворот и цвеќињата, и може да се рече дека тоа е неговото домашно хоби. Ние тука ја црпиме енергијата за да може да одговориме на сите наши улоги“, вели Кате и за крај на оваа наше интервју откри дека покрај секојдневните обврски, на крајот од денот ѝ останува време само за една чаша добро вино. 


Наталија Миланова

Фото: Приватна архива