Елена Пискачева Курт на кафе во „Бела“: За мојот изглед нема случајност или оправдување на моите гени

Добивај вести на Viber

Елена Пискачева Курт е уште една во низата успешни жени од нашата држава. На професионално поле е архитект, а на приватно сопруга и мајка на двајца синови. Нејзината љубовна приказна до најситни детали ни ја раскажаа заедно со сопругот, Неџат Курт пред скоро две годиниа сега Елена дозволи да ја запознаеме како функционира во секојдневниот живот и тоа токму во нејзиниот дом, кој прекрасно го уредила самата.

Здравите навики, вежбањето, грижата за семејството, но и самата себе и секако работата ѝ се едни од основните нешта на кои обрнува особено внимание во текот на денот. Кога е модата во прашање посочи дека во последните 10 години успеала да изгради еден посебен стил кој е претпознатлив само за неа.

Во рубриката „На кафе во Бела“, откри дел од своите секојдневни рутини и навики, но и што е тоа што ја прави среќна. 

* Кои се Вашите дневни рутини и навики?

- Секој ден станувам во 7:00 часот, ги подготвувам моите синови за во училиште и ги испракам. Утринското кафе и половина час тишина ми се веќе рутина. Еден час издвојувам за вежбање, кое веке ми е преминато во навика, и денот може да продолжи. Последнава година и половина, со промените кои настанаа поради пандемијата која е сè уште во тек, се сменија и моите дневни обврски со тоа и рутини. Училиштето ни завршува многу рано, во 12:30, и до тогаш морам да завршам скоро со сите важни обврски кои ги имам за таа работна недела.

Голем дел од денот го поминувам во автомобил бидејќи треба да стасаме на време на сите активности кои моите синови толку сериозно си ги одбраа по нивна желба и одговорно им се посветија. Во тоа ги поддржувам и сум им целосно посветена, иако би сакала да имаат едноставно детство поминато на улица со останати деца.

Поборник сум на домашно зготвен оброк и преку недела мора да сме дома за време на ручек.

Кога имам проекти, и со тоа сите обврски поврзани со работата ми го превземаат скоро цел ден, мојот сопруг ми е голема помош и поддршка. И моите родители се секогаш подготвени да ми помогнат околу децата кога за тоа има потреба. Но, многу често ги зимам моите синови со мене кога одам на терен. 

Во ова модерно време, сè поголеми се очекувањата од една жена да е посветена мајка, добра сопруга, домаќинка и успешна во својата работа. Не е лесно, но својствено за мојот карактер е во ништо да не гледам пречка или проблем, па со леснотија пристапувам кон сите овие барања и досега успевам да завршам сè. Искрено, има денови кога сама си се чудам како успевам.

Викендите се трудиме да ни се активни и забавни. Искачување на Водно, возење велосипеди, одење некаде на викенд, ручек во нашиот омилен ресторан ни стана зедничка навика која нè прави среќни и е време кое исклучително си го посветуваме само ние сами како семејство.

* Која е тајната на Вашиот младешки изглед?

- Многу упорност, голема посветеност и секојдневна неколкудецениска грижа, во вистинска смисла на зборот.  За мојот изглед нема случајност или оправдување на моите гени. Веќе во овие години ги гледам и чувствувам бенефитите на грижата и негата која ја започнав многу млада, од мојата 17 - та година. Тоа подразбира континуирано вежбање низ сите овие години, внимавање на исхрана, масажи на лице и тело и квалитетна козметика. Кога станува збор за нега на мојата кожа и тело сум спартански строга и немам оправдувања. Понекогаш сето ова заморува, ама таа „мрзеливост“ ми трае ден два и пак се враќам кон својата рутина.

* Како се релаксирате, што Ве опушта и Ве прави среќна?

- Како мајка на два, исклучително активни синови, која работи и има секојдневни обврски како и секоја друга мајка и сопруга, ќе бидам сурово директна и нема да дадам клише одговор - „ме релаксира времето поминато со моите синови“.Јас ги обожувам моите синови, да не ме разберете погрешно и тие се постојано со мене, но ќе бидам искрена кога ќе кажам дека се релаксирам кога ќе украдам мигови за себе или неколку часа кога сум сама со мојот сопруг или моите другарки.  Возењето точак ми дава мир и тоа е една од моите омилени навики. Без разлика на обврските кои ги имам, еден час во денот си го посветувам сама на себе, и тоа ме прави смирена и подготвена за сите активности кои ме очекуваат, особено за активностите со моите синови кои ми го пополнуваат скоро цел ден. Дома веќе ме научија, и во тој час никој не ме вознемирува без разлика дали им требам. Се опуштам кога гледам емисии за внатрешен дизајн, тоа ми е пасија. Секоја вечер, јас и мојот сопруг гледаме филм или серија, тоа и двајцата не релаксира и ни стана веќе ритуал без разлика колку сме изморени.  Еднаш неделно се трудиме да одиме сами на вечера или пијалок. Патувањата ме прават исклучително среќна, особено кога нашите синови се со нас. Истражувањето на нови земји и култури со нив е едно поинакво, возбудливо искуство. Сè почесто патувам сама со нив и тоа ми се најубавите доживувања и сеќавања. Веќе имам покрај себе две мали паметни, одговорни момчиња кои ми станаа другари, а тоа е голема среќа.

* Кој е Вашиот рецепт за успех на приватен и професионален план?

- Отворена, искрена комуникација и вистинска заинтересираност за желбите и потребите на мојот сопруг, моите синови и на клиентите со кои работам. Спокојот, сигурноста, исполнетоста и среќата кои го чувствувам веќе со години и истите ги сведочам кај моето семејство ми даваат за право да кажам дека сум успешна на приватен план. Според мене, нема поголемо достигнување за една жена од нејзината умешност  да одржи среќно и сплотено семејство и притоа да биде исполнета и со работата која ја одбрала да ја работи. 

На професионален план гордост и успех за мене се радоста и возбудата на моите клиенти по завршениот проект. Јас не сум архитект кој ја наметнува својата волја и стил на клиентите. Создавам простории кои прилегаат на вкусот, стилот и енергијата на клиентите. Тука гледам голем дел од мојот успех.

* Кој моден стил најдобро Ви прилега, што најчесто носите?

- Мојот стил се менуваше низ годините и последниве 10 години успеав да изградам препознатлив за мене. Би го опишала како лежерен стил со мала доза на провокација. Сакам минимализам и го обожувам монохроматскиот изглед, бирам исклучително квалитетно скроени палта со соодветни панталони. Сè повеќе носам рамни обувки или патики, ги комбинирам со добри фармерки или кратки панталони, моите неизбежни бели памучни маици без ракави, забелезителен накит и сако или козна јакна. Во зима долгите капути и бајкерски чизми ми се неизбезни.

Не правам компромис кога е во прашање квалитетот, секогаш бирам природни материјали и одличен крој, големо внимание придавам на изборот на обувки и чанти.

Нескромно ќе изјавам дека конечно на мои 40 години се чувствувам сигурна во своето тело и успеав да постигнам јас да ја носам гардеробата која ја бирам, а не таа мене.

Модел: Елена Пискачева Курт
Фото: Марко Маркоски

Може да ве интересира:

Елена Бубало Михајловска на кафе во „Бела“: Можеби стилот ми е едноставен, но е мој и само така се чувствувам комотно

Драгана Д. Чифлиганец на кафе во „Бела“: Ако сакате да имате убави усни, зборувајте љубезно и со почит