Политичка, бизнис, културна, спортска или модна елита, тука или во Давос, секогаш има лице на ангел, а душа на ѓавол. Некогаш е на продажба, а некогаш и да сакате, не можете да ја купите.
Вистинска, измислена или вештачка, заслужена или озлогласена, секогаш ќе ја следат аплаузи и свирежи, позитивни или негативни коментари, задоволување или избегнување на правдата.
Наследството, врските, пријателствата и моќта прават чуда, парите отвараат и железна врата, никој не прашува за чиста совест или образ, чувствата се излишни, влогот и животниот стил се премногу големи за можен неуспех.
Елитата понекогаш сака да биде славна, а понекогаш анонимна, транспарентна или молчалива, да ги канат или да кани, да прифаќа или да отфрла, да се фали или да презира, да ве третира како нешто, а често и како ништо.
Зависно од денот, ве познава или не ве препознава, ве памти или ве заборава, ретко вели здраво, а уште поретко фала.
Груба или пријателски расположена, ќе ве изненади или ќе ве разочара, ќе и се додворувате или ќе ја избегавате.
Така е тоа во светот и кај нас. Сите сакаат на врвот, никој не сака на дно, сите сакаат да стигнат до крај, никој не сака да биде на почеток, секој сака да има, отколку да нема, секој сака да има повеќе пријатели од непријатели, секој сака да тера мода иако нема вкус, сите би да бидат млади отколку стари, со пари отколку со ум..
Сите сакаат да стигнат побрзо и полесно до целта, отколку побавно и потешко, да траат со години, отколку со мигови, да бидат бесмртни и со лошо отколку смртни со добро...
Славниот сака да биде пославен, богатиот-побогат, убавиот-поубав,никој не прашува за цена, сите прифаќаат ризици, сѐ се менува, само интересот останува ист.
Лејла Сабит