Еминентните македонски мажи одбраа: Нивните мајки, сопруги и ќерки се „жени на годината“ за сите времиња
Кои се „жени на годината“ во животите на македонските мажи?
Од жени до жените
и за жените, ако се прашуваме ние, за „Жена на годината“ би избрале не една,
туку сите оние жени кои успеаја да ја преживеат и оваа 2022 година која помина во знакот на економско, физичко и психичко насилство кон жените,
фемициди, дискриминации.
Самохрани мајки оставени на улица, родовата
нееднаквост сѐ уште продира длабоко во секоја нишка од општеството, жени
оставени на маргините на преживувањето... Но, овде се и оние жени кои покажаа и докажаа дека жената има моќ да го менува светот, кои гласно и храбро се бореа и се борат за женските права, кои ќе останат запишани во историјата по бројните успеси во спортот, културата, уметноста, политиката, жените претпримачки и на високи лидерски позиции и секако, домаќинките, жените посветени на семејството и децата.
Но, како мажите ја
доживуваат жената, што и која според нив е храбра жена, успешна жена. Всушност,
што за нив претставува жената?!
Во документарец насловен „What is a women?“, авторот, колумнист и коментатор Мет Валш, го
пропатува светот да добие одговор на прашањето „Што е жена?“.
Навидум едноставно прашање, но, одговор не доби. Иронично, изненадувачи,
дотолку фрустрирачки е да не знаеме да дадеме одговор на прашање кое носи цела
една суштина во него.
Мајки, баби,
сестри, колешки, пријателки – впрочем животот ти го дала жена, те донела на
овој свет, а ти и не си свесен за нејзината големина. Епа, свесни ли сме?!
По случаен избор, одбравме мажи од најразлични професии, обидувајќе се да дознаеме како македонските мажи ја перцепираат жената и кога би имале моќ, која би ја ставиле на пиедесталот „Жена на годината“.
За актерот Висар Вишка – жената претставува живот. Љубов. Мартир. Атлас кој го држи светот на плеќи.
фото:instagram/visarvishka
Тој вели дека таканаречените златни пропорции по што се мери
убавината се одамна отфрлени.
- Убавината секогаш доаѓа одвнатре и се манифестира
и физички. Дури најголемите физички промени кај луѓето се случуваат на пубертет
кога најмногу се менува или поточно кажано се дефинира, развива карактерот, што
не престанува ни до старост. Затоа имаме “убаво остарени луѓе” затоа што
внатрешно убаво остареле. Тоа е фасцинантно.
За актерот успешна е онаа жена која што не се предава на нормите на
околината и храбро си го живее својот сон. Без разлика дали е претприемач или
мајка посветена на семејството.
- Исто како и кај мажите, како и кај себе, успех
е да останеш свој и да бидеш среќен и задоволен со тоа што го имаш во овој свет
со лажни вредности и лажни соништа и лажно среќни луѓе кои се напаст поради
технологијата последниве 10-20 години.
Актерот вели дека не би одбрал една „Жена на годината“. Ниту 5 ниту
10, како што се почесто гледаме како се прогласуваат, вели тој и дополнува дека би прогласил жена на денот
но се плаши дека пак би изоставил многу жени. Што ги познава и не ги познава.
- Мене лично ми се важни жените од мојот живот, од мајка, жена, сестри па се до најмалата жена, мојата ќерка Хана (на албански името Хана значи месечина).
фото:instagram/visarvishka
- А жена борец за мене, покрај мајка ми, е баба ми, нејзината мајка…Вера Игнатченко.
За љубовта кон дедо ми ја оставила Украина, му родила 6
деца, 5 ќерки и еден син, станала вдовица набргу после тоа, и сама во туѓа
земја и околина ги пораснала и школувала сите деца. Околината подбуцната од
удбашките оџи ја малтретирале зошто ги школувала ќерките, затоа што според нив
тоа било против исламот. Но таа работејќи се и сешто, сама се спротиставила на
сите и успеала сите да ги порасне во школувани и самостојни интелектуалци. Пред
да почине, кажа дека е горда со мојот успех. Дека нејзиниот внук станал познат
и успешен. Такви се и другите нејзини внуци. Таа е за мене жена херој - заклучува актерот.
За Алек Наумовски - еден од сопствениците на модната агенција „Моделс ИН“, жената претставува еден вид хероина, иако често претставена како послаб пол, напротив многу посилна и похрабра се покажала во многу ситуации - вели тој.
фото: Ани и Дими
- Жената во денешно време знае да биде лидер, менаџер, врвен спортист и секако посветен родител. Мајчинството ги облагородува жените на посебен начин и успеваат успешно да балансираат помеѓу семејството и кариерата.
Успешни жени имало и ќе има многу, јас секако би издвоил некои од нив кои посебно ми оставиле голем впечаток. Хеди Ламар - за неа рекле дека била едно од најубавите лица кои се појавиле на филмското платно, но мене посебно ме фасцинира фактот дека била пионер на безжичните комуникации и нејзиниот изум се користи и ден денеска. Наглиот развој на дигиталната комуникација, без патентот од Хеди Ламар, не би бил возможен.
Маргарет Тачер - железната лејди како што ја нарекуваа успеа во нејзините три мандати да ги скрати даноците, да го избалансира буџетот за да создаде поздрава економија и се справи со најголемиот штрајк во историјата на Велика Британија. Потпиша договор со кој ги смири тензиите помеѓу Британија и Ирска, и беше меѓу првите премиери која го прими советскиот лидер Горбачов во својот кабинет.
фото:youtube printscreen
Секако дека и ние имаме жени за восхит и респект. Посебно би ги издвоил Вања Лазарова, најубавиот глас што сум го слушнал и Атина Бојаџи, чија непоколеблива посветеност на големиот спортски подвиг, препливувањето на Ламанш, отсекогаш ме восхитувала.
Наумовски вели дека иако има голем број жени на кои би им дал титула „жена на годината“, сепак ќе се одлучи за неговата мајка.
- Иако сосема различни по сензибилитет и карактер и голем број пати спротиставени мислења, сепак мојата мајка е мојот херој. На само 18 години почнува со работа во нејзината професија како одделенски наставник. Потоа со две деца ги полага испитите за да го заврши своето школување. Грандиозни се нејзините потфати во пожртвуваноста и посветеноста спрема мене и сестра ми, бидејќи татко ми беше долги години во странство. Невиден борец, храбра и решителна во нејзината намера да создаде добри луѓе од нас. Мотото кое го наследив токму од неа е: биди искрен со луѓето и секогаш кажувај ја вистината, нема поблагородно чувство од искрената намера.
За Нумовски и Амал Клуни е жена за восхит, бидејќи го застапува правото и помага на илјадници жени да се изборат со законите кои ги уназадуваат и уништуваат. Амал застапуваше жени кои беа киднапирани, купени, силувани од ИСИС и помага да се практикува правото како елементарна форма во секое оштество. Тој вели дека можеби тешко ни е да ја видиме во вистинско светло заради целиот гламур и сјај кој е присутен во нејзиниот живот, но сепак најважната нејзина особина е сочувствителноста, исто толку силна колку и познавањето на правото, а според Наумовски секако жена за восхит.
фото: Ани и Дими
Тој вели дека она што прво го забележува кај
една жена е нејзината елеганција и манири.
- Секако за да ми биде сликата за
неа комплетна, мора подолго да комуницираме. Уживам во разговори со начитана
личност со широки познавања со која секоја тема е интересна.
Доктор Роберт Стојовски - специјалист за пластична и естетска хирургија вели дека жената е единственото нешто пред кое секој маж клекнува или го губи паметот.
фото:instagram/dr.robertstojovski
- Би било клише ако кажам дека внатрешната убавина е прва онаа која привлекува – таа не е побитна, но сепак надворешната убавина е онаа која ни ги одзема здивот и погледот. Мене ме фасцинираат убави, згодни и реализирани жени.
За доктор Роберт успешна е онаа жена која се чувствува среќна со она што го постигнала на семеен и приватен план и која е задоволна со својот изглед и истиот го негува. Тој додава дека неговата сопруга е неговата „жена на годината“, бидејќи одлично се справува на семеен и приватен план и вели дека не е баш лесно да се живее со него и нивната ќерка Миа, како и зајчето Луна.
фото:instagram/dr.robertstojovskiЉ.И