ЕМОТИВЕН ТАЛОГ

Добивај вести на Viber

На плажа најубаво се гледа вистинското лице на луѓето. Да, токму така, не телото кое е целосно откриено, не облините, исончаните гради и мускули, туку опачината на нашите карактери. И болките што ги криеме зад мускулите...

Во Охрид сме на плажа. Два месеци по примените дози на вакцината против Ковид-19, подготвени за дружење со неколку пријатели со кои не сме се виделе цела година. Понеделник, вторник и среда ни се резервирани за три различни пара, три типично хетерогени двојки со по две деца. Четириесетгодишни луѓе, зрели како тиква, дојдени да уживаат во езерската убавина. Оваа колумна ја посветувам на нивното и наше „уживање“. Се разбира, низ сите прогледи и осуди не се иземам ни себи си и мојот сопруг, кои како две различни личности, различно гледаат на животот. Во оваа моја интимна приказна имињата на ликовите се измислени со цел да ги поштедам од окото на јавноста. Без разлика дали се работи за Петко, Станко или Славчо... сите ние може да се препознаеме во следниве емотивни тензии од Охрид на плажа. Или на која било плажа во светот. Ако ја сменам сценографијата, чувствата и искуствата ќе останат непроменети. Можеби затоа што се работи за вечно неразбраните машко-женски односи, а можеби затоа што човековата природа е универзална на секоја точка во светот. Или можеби затоа што за некои работи предолго молчиме... сè додека брановите не ја прелеат чашата на емоционалната издржливост.


Тања и Дејан живеат во Осло. Пандемијата ги закотви таму, не сме се виделе повеќе од една година. Во меѓувреме добија уште едно дете, поточно бебе. Понеделник е резервиран за нив. Се наоѓаме на едно од моите омилени места – Трпејца, малиот рај на светот. Распослани на една карпа под природна сенка, пред тиркизната вода ги чекаме да стигнат. Првиот поглед очи в очи со нив е како испукан куршум. Испотени и заруменети се симнуваат по скалите во Трпејца. Дејан носи количка за бебето и куп торби со играчки, Тања го носи бебето в раце, додека другото тригодишно дете ја влече надолу по скалите. Видно нервозни стигнуваат до целта како на сто метри со пречки. Дејан ја пцуе Тања што го натерала да носат и количката по скалите на Трпејца, Тања му објаснува дека бебето мора да спие околу пладне и дека нема друг начин кога се на плажа. Има ли смисла да бидеме нервозни на волку убаво место? – ги прашувам, обидувајќи се да ја омекнам тензијата. Во истата секунда добивам напад од мојот сопруг кој ми одговара дека луѓето не се нервозни без причина и дека тензијата ќе ја снема кога „ние жените“ ќе сме научеле да не доаѓаме со цел куфер на плажа! Веднаш сфаќам дека секое понатамошно објаснување ќе се претвори во Ние и Вие филозофија. Тензијата останува да тлее во воздухот, мешајќи се со спокојот на водата. 


Вторник на Горица. Кајче нè чека да се возиме по сината тепсија. Го обожавам овој дел помеѓу карпите на Горица 2 и Горица 3. Мали диви плажички до кои можеш да стигнеш само по вода. Створени за љубовници. Некогаш романтични, сега практични за избегнување гужва во пандемија. Доволни да го спуштиш немирот во нивната сенка и да издишиш. Ина и Бојан стигнале први и нè чекаат за дружба. Децата им се веќе пораснати, но не доволно големи за да може да се грижат сами за себе. Или можеби не е до возраста туку до воспитувањето? До нашата презаштитничка улога што како родители некогаш несвесно ја практикуваме. Неизбежно се отвора муабетот колку слобода им даваме на децата и каде е границата. Се делиме во два табори, како спортски екипи кои крвнички сакаат да се победат едни со други. Јас и Ина сме едниот тим, сопругот и Бојан другиот тим. Жени против мажи. Мајки против татковци. Едни со аргументи кои тежнеат на страната на грижата и безбедноста, други заколнати борци за слобода која понекогаш излегува од контрола. Едни кои мислат дека се одговорни за секоја модрица на своето дете, други кои велат: „Нека се удираат, така растат деца“. И секоја полемика е добра, дури и кога се однесува на банални теми, а во суштина практични животни ситуации, но не и кога станува збор за бунт заради бунт сам по себе. Во одредена фаза во животот се случува стрелите меѓу партнерите да се наострат до тој степен што тешко се наоѓа заеднички именител.


Наеднаш се одзумирам себе си од постоечката ситуација во која се исправаат „криви-дрини“ и забележувам дека веќе не се знае кој што тврди, важно е само да се биде едни против други, односно да се солидаризираш со родот што ти е поблизок. Па, така, како во хор, жените се жалат од своите сопрузи дека не помагаат доволно, мажите се правдаат дека нивниот труд не е препознаен и признаен, децата врескаат, кучињата се тркалаат... сите се во акција освен мирното езеро кое ги вшмукува нашите поплаки за брачниот живот.

Набрзо потоа доаѓа моментот за во вода. Повторно спортски и „фер“, едниот тим оди да плива во длабокото (тоа е тимот сочинет од мажи), другиот тим (сочинет од жени) останува да чува деца и да ги храни. Најтешкиот спорт од сите е да се аплицира средство за сончање на моето дете (се смее).


Кога за момент остануваме сами со Ина, како гром од ведро небо таа ми вели: „Сакам да се разведам“. Без да размислам подлабоко ѝ ја пофаќам репликата и одговарам: „Мажите генерално немаат капацитет како нас, жените, се разбира со ретки исклучоци. И јас сто пати сум помислила како би ми било ако останам сама“. Во истата секунда ми светнуваат две работи. Прво, дека генеразлизирам и стеретипизирам, нешто против што често се борам, и второ, дека релативизирам и зборувам општо за нечиј конкретен проблем што недоволно го знам. Што ако Ина навистина е сериозна во нејзината одлука дека сака да се разведе? Што ако мојата споредба со цел да го олесни кажаното е недоволна емпатија кон нејзината мака? Како на филмска лента в глава ми прелетуваат неколку можни сценарија за нивната брачна ситуација, наместо само да ја прашам што всушност се случува меѓу нив и како таа вистински се чувствува. Погледнувам кон нивното дете што си игра со камчиња на обалата и прв пат немам храброст да ја прашам дали е сериозна. Можеби ова прашање требаше да ѝ го поставам пред десет години кога знаев дека Бојан никогаш нема да се промени. Можеби тогаш не требаше да молчам…


И таман да прозборам, Ина ме пресекува. – „Неговиот шовинизам расте од ден на ден. Мислев дека ќе биде обратно, но, станува само полошо. Преку глава ми е од сите семејни обврски за кои немам трошка помош. Доста ми е од тоа само јас да се жртвувам. Да живеам со константно чувство на вина дека не сум доволно добра мајка како неговата мајка, дека не готвам убаво како што тој сака, да бидам робинка на неговите очкувања…“ Очите ми се полнат со солзи. Не треба да продолжи да ми објаснува за експлоатирачкиот однос на Бојан, за кој тој не е ни свесен, уште помалку за неговите емотивни уцени. Бојан никогаш не успеваше да ја скрие таа примитивна нишка во неговата личност. Порано ја камуфлираше низ хумор, денес станува очигледно дека неговата доминација во бракот фатила цврст корен. Ја гушкам силно и се претворам во рамо за плачење. Јас, Ина и водата ги топиме женските дилеми до каде е границата на слободата. Овој пат не онаа кон децата, ами кон партнерот. 


Среда во Љубаништа. Третиот пар пријатели, Саша и Петар, имаат вила таму, па одиме кај нив „на целодневна“. Ќе ручаме во нивната куќа, па носам риба, модри патлиџани, овчо сирење, куркума, таратур, диња, праски... Летното мезе е најубаво во друштво. Особено кога пријателите не си ги видела пет-шест месеци. Децата се радуваат со купот играчки. Секое своите не ги дава, а туѓите сака да ги земе. Испровоцирани од таа ситуација отвораме муабет за консумеризмот што им го наметнуваме на малите преку светот на играчките. Мојот сопруг е прв во антиконсумеристичките муабети. Секогаш пропагира дека детската игра треба да се состои од помалку, а не од повеќе, за да се развива детската фантазија. Се надоврзува со личен пример како тој како мал си играл со пет количиња и тие му биле сосема доволни. Ваквите крајности ме провоцираат да прашам како би било да ги вратиме навиките на животот пред четириесет години од времето кога тој растел? Му реплицирам дека на татко ми не му треба компјутер за да биде среќен, на пример, за разлика од неговата технолошка рутина на играње видео игри на скоро 43 години! Во одбрана се вклучува и пријателката Саша, одговарајќи дека минимализмот е тешка опција кога си со деца. Таа е една од луѓето кои зборуваа за нула отпад, меѓу првите кои почнаа да рециклираат и да компостираат органски отпад во Скопје уште пред многу години, еко-активистка која денес на плажа е дојдена со полна торба пластични играчки за деца. Јас сум веројатно уште полоша од неа во тој поглед. Играчките не ми се единствената пластика со која ни е преполнет домот.


И додека дебатираме на овие теми, од екологија до фантазија, нејзиниот сопруг Петар прави сериозна дигресија. – „Дечки, психијатарот ми препиша да пијам дијазепам за смирување. Во последно време не можам да спијам. Класична несоница. И не е проблем само спиењето. Често сум раздразлив и нервозен повеќе од што ситуацијата налага. Можеби се должи на пандемијата и променетите животни услови, а можеби е до мене. До тоа што се чувствувам професионално нереализиран во години во кои би требало да го дадам својот максимум и да заработувам. Како програмер, во пандемијава, работам од дома. Но, со двеве деца, од кое едното деветмесечно бебе, нема шанси да работам како што сум работел порано. На моменти е неподносливо“.  Сите до еден се свртуваме кон него. Сите со по некој совет кој е лесно да се даде некому, а тешко да се примени. Жена му престанува да го сецка кромидот за салата. Го прашува зошто ова прв пат го слуша сега, пред сите? Мирисот на модар патлиџан со лукче ми го дразни носот. На повидок е нова ескалација на машко-женските односи. Само езерото е мирно додека го чека златното зајдисонце и нашата нова тура конфликти. Се прашувам колку тајни крие оваа вода. Колку болки останале премолчени?

Среќни сме сите ние што имаме пријатели за заедно да одболуваме. И додека децата копнеат по туѓите играчки, ние се препознаваме во туѓите проблеми. Како огледала едни на други, рефлектирајќи се чистиме од емотивниот талог. 

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој