Еротски приказни: ФИС ИЛИ ФИЛИП

Добивај вести на Viber

Филип секогаш делувал смирено и самоуверено, зборувал со умерен глас и наоѓал решение за која било препрека. Но, сега беше бесен, лицето обессилено, очите му беа ококорени и кога ја виде и кога ја разбра целата ситуација со Ема, изусти со грозење: „Ова е навистина крајно нецивилизирано и примитивно. Барем овде, во оваа клиника, не очекував вакви сплетки и вакви насилства. Тој што го прави беззаконието, треба да создава ред.“.

  Потоа, вртеше на мобилниот. Знаев дека ѕвони кај директорот. Промрмори повеќе за себе: „Не смеам без негова дозвола да викам полиција. А Руди изгледа не е овде. Ќе види дека ѕвонам и ќе се јави. Вие не се срамете. Треба да се срами оној перверзен идиот“.

  Наеднаш прекина и ни се обрати со висок тон: „Девојки, овде нека се среди сè. Сликајте сè што може да послужи како доказ и не сум овластен да викам полиција сега, оставаме сè за утре. Сигурно ова не му е првпат на Фис, а нема да му биде ни последен. А ако Фис случајно дојде ноќва, тогаш ќе ме повикате. Кој му дал него право да уценува, да силува жени“.

  Кармен го испрати Филип. Ема заспа, а јас и Кармен влегувавме кај Ема цела ноќ за да провериме како ѝ е. Таа спиеше мирно, меѓутоа одвреме-навреме се будеше панично. Тоа е стравот, создава анксиозност, паника и срцебиење. Сите психопати сакаат своите психозни состојби да ги префрлат кај другите. Ако некој ги прифати, тогаш се посилни, а ако некој се обиде да им се спротивстави, тогаш стануваат слаби.

  Цела ноќ не заспав. Утрото кога зазори, сварив кафе и седнав на терасата. Го набљудував изгрејсонцето. Прекрасно и бајковито. Сончевите зраци продираа низ ретката вегетација и го галеа моето лице. Ме одмори таа глетка, тој чудесен спој на сонцето и на зеленилото, тој чудесен мир и тишина.

  Тропна вратата и се појави Ема. Седна до мене на терасата и гледаше во недоглед. Тивко проговори: „Мери, сама си ветувам дека ќе издржам сè за мојот син“. Почнаа солзи да ѝ се сливаат низ лицето, но таа ги избриша нервозно и ми кажа самоуверено: „Ќе одам кај Кармен и нејзе да ѝ кажам. Ќе бидам добро и ќе бидам силна“.

  Тргна накај вратата, меѓутоа се втурнаа Кармен и Филип. Филип викна: „Руди бил отсутен синоќа, но утрово ми ѕвонеше! Ми рече добро што сме го почекале и тој доаѓа наваму заедно со началникот на полицијата и неколку инспектори!“ И ни се обрати нам трите онака со доза на наредба: „Ќе се изразувате гордо, достоинствено и со самодоверба! Немојте да се збуните на вкрстените прашања од инспекторите!“ Трите потврдивме.

  Влеговме кај Ема и на вратата се појави директорот со началникот и инспекторите. Им покажавме слики од Ема, а таа имаше и на телото модринки и гребнатини. Како доказ ги извадивме алиштата и постелнината на Ема и кога зедоа целосен исказ ја зедоа Ема со нив за да ја прегледа лекар. Директорот ја ослободи од работа овие денови.

  Фис не бил во својата соба и беше недостапен на мобилен. Инспекторите им јавија на полицијата да го бараат бидејќи е опасен и да се издаде потерница по него. Руди Кес беше вчудоневиден. Нормално, Фис му беше десна рака. Имаше голема доверба во него, многу време поминуваа заедно и беше зачуден како можел да не го забележи неговото тешко психичко растројство.

  Ние заминавме на работа. Имавме нови пациенти и многу работа околу нив и малку се смиривме. Дури почнавме да се шегуваме.

  Попладнето се јави Хуго. Му беше сè уште лут на Фис и кога му реков дека тој исчезна, тој промрмори и ме праша што се случило. Потоа, накусо му објаснив за синоќешната случка со Ема. Фис се надоврза дека не е зачуден од Фисовата постапка. Уште како момче бил обвинет за силување и малтретирање на некоја девојка, па за да ја повлече пријавата, неговото семејство ѝ исплатило поголема сума пари и подоцна таа заминала од нивното место на живеење. Рече дека Фис има мрачно минато.

Ми кажа дека е многу навреден од Фис и дека нема намера да му прости. Му кажав дека сега е крајот на неговите злобни постапки и останува полицијата и правосудните органи да го решат проблемот со Фис. Се поздравив со Хуго и го прекинав разговорот бидејќи ме чекаше Кармен за да поделиме терапија на пациентите.

  Попладнето полека поминуваше. За попладневната мала пауза, Филип нè повика со Кармен кај него в канцеларија за да испиеме кафе. Седнавме. На Филип му заѕвони мобилниот. Ја отвори устата и остана со подзината уста, само слушаше. Потоа, викна: „Како?!“ и кажа кусо: „На работа бевме сите тројца цело време. Сигурно прашуваа за мене Кармен и него“.

  Го исклучи телефонот и почна да ни објаснува: „Пред час и пол, Фис се паднал од собата на Ема. Починал на лице место. Телото уште не е тргнато од местото на настанот. Чекаат форензичари да дојдат за да ја утврдат смртта. Се качиле горе кај Ема. Се чуделе како влегол повторно кај неа кога пред зградата имало полиција и биле поставени камери. Повторно се обидел да ја силува. Ја соблекувал, удирал по телото, гребел по лицето и гризел по вратот. Таа го оттурнувала од себе и го удирала по телото. Го искасала за половиот орган многу силно и почнал да крвави. Таа не се сеќава понатаму – била во шок“.

  Го погледнавме уплашено. Нè сфати и ни рече веднаш да отидеме кај Ема. Двете со Кармен едвај се пресоблековме и истрчавме за да видиме како се чувствува Ема.

  Трчајќи стигнавме кај неа, но таа се држеше стабилно. Две полицајки и една психијатарка разговараа со неа. Јас и Кармен спискавме во еден глас и ѝ се фрливме во прегратки. Таа се облекла или ја облекле полицајките и не реагираше. Најверојатно беше во шок. Само повторуваше: „Јас не го турнав Фис низ прозорецот. Немам толкава сила за да турнам некого. Сам падна. Се доближи до прозорецот и се слушна тресок“.

  Нејзиниот глас беше студен и беше одлучен. Ни јас не верував дека таа е толку силна за да го убие Фис, кој беше огромен. Меѓутоа, гледајќи ја неа, знаев дека некого го покрива. Кој?

ПРИЈАТЕЛКИ