Еротски приказни: ИДИЛАТА ПРОДОЛЖУВА

Како што тече реката незапирливо и си прави свој сопствен пат и пад и се излева и се враќа во коритото така животот создава слични ситуации. Падови, одење низ трње, па враќање проследено со успеси што те поттикнуваат да одиш понатаму. Колкупати почнав од почеток и застанав или паднав, но пак се исправив и добив сила за да чекорам понатаму. Можеби со ситни чекори, меѓутоа, важно е движењето.

  Инструкторската идила што ја започнавме со Далибор не ми личеше на авантура, туку на нешто сосем непознато за мене, нешто поинакво од останатите врски. По таа ноќ со Далибор кога не можевме да си ги сокриеме страстите пред зимскиот пејзаж, продолживме со обуката како ништо да не се случило. Мене со овој настан ми се подигна самодовербата и ми беше важно што некому му бев привлечна.

  До сега бев таа девојка која се трудеше сѐ да зачува и која целата вина за сите неуспеси си ја префрлаше врз себе. Јас бев искрена со чисто срце и душа до оној момент кога сфатив дека вината е кај сите подеднакво. Не може да е моја вина што сите учесници во настаните или биле крајно несериозни и неборбени или така требало да биде. Како врвеа деновите, така се трудев да не се враќам назад во минатото бидејќи освен спомени нема ништо друго.

  Од ден на ден напредував сѐ повеќе со обуката и нормално трудот ми се исплатеше. Положив и бев пресреќна. Моите, исто така, беа горди на мојата истрајност и беа пресреќни што направив нешто корисно за себе.

  Имав работа в банка и случајно налетав на Ставре. Да бев во друга прилика ќе си заминев, но сега јас прва му пријдов и застанав. Тој се зацрвени и почна да ми изразува сочувство за Милан и да ми се правда зошто не ми се јавил. Јас весело, дури и иронично, му кажав дека нема потреба да ми се јавува затоа што тој и не ме заслужува.

  Тој се обиде да ги дигне веѓите, но, јас се сетив на случката кога вечерта во ресторанот го барав и го најдов во бараката зад ресторанот со плава девојка каде што водеа љубов. Му реков на Ставре директно сѐ што ми лежеше на срце и не се каев, туку ми олесни на душата. Не знаеше што да ми каже, се збрка и така си замина.

  Оваа зима долго траеше. Снегот што падна покри сѐ и така стоеше со месеци. Улиците, прекриени со снег, куќите облечени во ново руво, прозорците ишарени од мразот, мразулците што висеа по покривите на куќите, замрзнатите мали езерца формирани од малите вирчиња, побелените дрвја, сѐ беше магично. Белината со сите овие пејзажи, што се надополнуваа како сликарска композиција, претставуваа нешто чисто и убаво – личеа на идилична бајка. Затоа, зимата ми беше омилено годишно време – чувство на нешто ново, убаво, нежно и недопирливо.

  По добивањето на возачка дозвола, Далибор како да пропадна в земја. Така се однесуваа и сите останати пред него. Тоа беше изгледа мој начин на живот. Јас како и со другите не сакав да ѕвонам и со сила да предизвикувам средби. Затоа, му оставив на времето. Кој сака да се јави, ќе се јави, кој има желба да ме побара, ќе ме пронајде. Бев осамена, меѓутоа не бев сама.

  Кога и да имав слободно време, одев до блискиот парк и се шетав. Сакав да се шетам сама, да размислувам за убави настани, да го осетам ладниот воздух на лицето и на носот, да уживам во глетката што предизвикуваше топлина во мојата душа. Сакав да ми се обноват сите клетки, да се препородам и да продолжам да живеам поинаку.

  Беше петок попладне. Едвај чекав да заврши работниот ден и директно отидов во моето сакано катче од паркот. Се занесов од волшебната убавина на овие дела од природата. Птиците летаа од гранка на гранка и весело цвркотеа. И тие како мене се радуваа на оваа величествена убавина.

  Почувствував дека некој ми го прегрна рамото, а неговиот допир ми предизвика треперење на срцето. Го препознав без да се завртам. „Далибор!“, викнав од изненадување без да го видам.

  Моето препознавање предизвика кај него уште поголемо стискање на рамото. „Каролина, како си? Уживаш во паркот?“, ме праша. „Да“, му одговорив со весел глас. Го погледнав во лицето. Целото лице му беше исполнето со радост, а очите му светеа. Разговаравме обични работи.

  Неговата мека и кафена коса и набиени и полни усни ме полудеа додека се правев дека го слушам што зборува. Всушност, сакав беше да му се приближам, да ги притиснам моите усни до неговите и да го вовлечам јазикот во неговата уста. Нашите очи се сретнаа и како да ме прочита што има во мојот ум. Едвај можев да си го сочувам мирот – рацете почнаа да ми се тресат.

  Предложив да се прошетаме низ белата патека. Одевме пополека, а над нас паѓаше снег од снежните гранки. Погледнавме нагоре – тоа беа птиците што весело пееја. „И тие се радуваат за мене“. „Инаку зошто би пееле и би рипале од гранче на гранче на овој студ?“, си помислив во себе.

  Пред да си одиме, Далибор ме праша дали сакам да се видиме утре. Прифатив глумејќи му рамнодушност. Всушност, веднаш сакав сѐ да оставам за да се видиме. Потоа, ми се извини и замина некаде бидејќи имал обврски.

  Се вратив дома крајно возбудена. Како можевме случајно да се видиме баш во паркот каде што се чувствувам најдобро? Зошто Далибор не ми се јави досега и ред други прашања на кои немав одговор.

  Легнав да спијам. Цела ноќ се превртував во креветот и не можев да заспијам. Мислев дека ноќта никогаш нема да помине. Не можев да го извадам од главата. Сепак сум му оставила впечаток на Далибор. Не сум му била само безначајна бројка. Очите ми беа отворени.

  Станав сред ноќ и се релаксирав во топла бања. Мислев што ќе правиме утре навечер. Првенствено, направив список каде ќе го поминам денот за да помине побрзо. Потоа, се навратив на сеќавањата во колата каде што телата сами ни се споија. Во водата го пуштив млазот од тушот, што врнеше врз мене и топлата вода ме смируваше. Фантазирав што би правела со Далибор да сме во кадава заедно. Очите ми се затвораа. Станав од кадата, се избришав со крпата и си отидов да си легнам.

ОСАМЕНА