Еротски приказни: НЕНАДЕЈНА СРЕДБА
Ги отворив очите. Погледнав околу себе. Беше темно. Сите љубовни изливи на плажа биле сон. Мојот неостварен сон, моите неостварени сништа. Ме држи во живот, ми ги раскрилува моите желби. Телото ми беше испотено. Станав, отидов во бањата. Се истуширав и излегов на тераса. Беше ладно и воздухот беше свеж. Таму-ваму светеше по некое куќно светло. Уличните светилки го разбрануваа ноќното темнило. Оваа мирна глетка полека ми го смируваше срцето. Мислев дека некаде сум далеку во некој непознат крај. Влегов внатре и ја оставив вратата од терасата подотворена.
Повторно сум заспала. Ме разбуди милозвучниот глас на маја ми, што ми шепна на уво: „Каролина, твоите омилени бисквити и млекото со какао се на маса. Денес татко ти ќе те однесе на работа“.
Станав, се облеков и отидов в кујна. Моите родители седеа и си разговараа. Кога ги видов, почнав да си плачам. Што од сонот, што од нивната беспрекорна грижа кон мене, што од минатото. Спокојство, мир и почит владееше кај моите родители дома. Мајка ми почна да ме гушка и да ме бакнува. Татко ми ме тешеше: „Продолжуваш понатаму по твојот пат во нов животен период и со повеќе среќа. Сега те оставам на работа и одам кај адвокатот да се договориме како ќе продолжиме“. Тие знаеја дека си ја сакам работата и дека во хотелската кујна се чувствувам среќна.
Тргнавме и по пат татко ми ми рече: „Овие денови ќе средам да полагаш за возачка дозвола. Потребно ти е да возиш и да бидеш независна“. Му потврдив со глава и како некоја кнедла да ми стоеше в грло и готова бев да се расплачам. Го бакнав татко ми и влегов во хотелот.
Отидов во хотелската кујна и сите штом ме видоа прекинаа со разговор. Веднаш се зачудив, но потоа се сетив дека за мене и за Милан зборувале. Се насмеав и ги прашав: „Ајде, раскажете ми што се случува?“
Шефот беше сериозен човек и раскажа сè за расправијата во мојот дом. Другите гледаа во подот. Се зачудив како можеле од збор до збор да дознаат сите за сѐ. За колегите во кујната не беше толку проблем, туку за вработените од целиот хотел. Најстарата куварка, Сена, продолжи да зборува со солзи во очите: „Милан не те заслужува тебе. Сопругот на собарката дошол во хотелот вчера попладне и го натепал Милан и сега е во болница. Директорот од хотелот може да го суспендира од работа. Меѓутоа, на сите најтешко им е тоа што тебе не те испочитува и те направи несреќна. Не сакавме досега да зборуваме за да не се секираш, но љубовта е една работа, а почитта е нешто сосема различно“.
Сена почна да плаче. Неа ѝ се придружија и другите колешки. Јас се воздржував, меѓутоа по извесно време и јас почнав да плачам. Милан ми ги изгуби гордоста и достоинството. Бев многу засрамена. Цело време криев, го величав до небеса мојот непостоечки брак и се фалев непотребно. Всушност, самата се лажев. Сите знаеле за мамењето на Милан, а јас заштитував некого кој не вреди.
Шефот нѐ прекина и ни кажа да започнеме со работа бидејќи плачеме за џабе. Кога почнавме да готвиме, се раздвиживме и разговорот ни се одвиваше со шеги и смеи и веќе ми беше подобро. Попладнето се вратив дома. Во меѓувреме, мајка ми дошла кај мене и викнала сервис за чистење. Кога влегов, куќата светеше. Сè беше на своето место. Само Милан нема да биде овде. Не сакав ни да си признам себеси дека ќе ми недостига.
Мајка ми си отиде. Ме покани да одам кај нив на ручек, но ја одбив затоа што сакав да се видам со Ален преку интернет на камера. Се израдува многу кога ме виде, меѓутоа ми рече дека деновиве бил зафатен. Добиле нови компјутери и ги средувале. Се поздравив со него и се исклучив. Ми се јави татко ми. Ме израдува бидејќи адвокатот веднаш поднел бракоразводна постапка. Ќе биде сè во ред и нема потреба од паника. Легнав за да се одморам и размислував. Повторно сум сама. Бев и останав сама.
Заѕвони телефонот и ме прекина во овие тешки мисли. Се јави другарка ми Теодора, која имаше куќа на езеро и ми беше алиби за средбата со Ален. Со оглед на тоа што беше во тек со настаните, ми предложи да одиме викендот во куќата на езеро. Јас прифатив веднаш и се договоривме да тргнеме в петок. До петок немаше некои настани. Ален беше зафатен и само еднаш ми се јави. Тоа ми беше чудно, но оставив на времето да покаже.
Петокот тргнавме со колата на Теодора. За два часа стигнавме. По пат не разговаравме многу. Имаше убава природа и јас ја набљудував и им се воодушевував на огромните зимзелени дрвца. Стигнавме во убав предел блиску до езерото. Наоколу беа распрснати мали куќички. Куќата на Теодора беше удобна. Внатре имаше голема дневна соба со шанк, кујна и две соби за спиење. На горниот спрат две големи тавански соби, а долу подрум.
Во дневната имаше голем камин. Донесовме дрва и ги запаливме. Ставив чај и извадив од торбата јадење што го подготвив.
Ја наместив масата и седнавме да јадеме. Теодора се одушеви велејќи: „Многу убави јадења и салати си приготвила“. Се израдував дека сѐ ѝ се допадна на Теодора. Почнавме да јадеме и ѝ заѕвони мобилниот. Таа се јави и почна да зборува: „Да, да, само што влеговме и седнавме да ручаме. Ве чекам“. Ја погледнав љубопитно. Таа ми објасни: „Се јавија Душан и Ставре, биле на риболов. Ќе дојдат овде“.
Се зацрвенив. Душан беше нејзиниот партнер и со него се гледаа неофицијално, а Ставре, пак, беше мој соученик и моја прва симпатија. Бев изненадена што се блиски со Душан и што на чуден начин ни се вкрстија патиштата. Не сум го видела Ставре со години. Баш добив желба да го видам.
По извесно време, влегоа и беа многу весели. Се поздравивме и Ставре не го препознав. Тој ме препозна и ми рече: „Ти мора да си убавата Каролина. Сите те симпатизиравме кога бевме тинејџери“.
Седнавме на маса. Теодора донесе уште два прибора за јадење за двајцата. Им стави пијалак и наздравивме. Ставре беше многу згоден. Имаше темносиви очи во кои се криеше некоја тајна и имаше кадрава црна коса. Телото му беше мускулесто. Од прв момент неговите очи ме гледаа. Со Душан и со Теодора беа на иста бранова должина и цело време ми угодуваа. Почнаа да ми ги фалат јадењата. Откако јадевме, ни кажаа дека фатиле две риби сомчиња по околу две кила и утредента да сме ги испечеме. Потоа, седнавме околу каминот. Ноќта почна да паѓа...
ОСАМЕНА
Еротски приказни: РАЗДЕЛБА СО МИЛАН