Еротски приказни: ПОВТОРНО ЖИВА

Добивај вести на Viber

Ги отворив очите. Со погледот прошарав лево-десно. Се чувствував како да сум лебдела над креветот и секаде околу мене летаат бели облаци. Ми се вртеше во главата. И како да се разбудив од длабок сон. А во сонот убава жена со плави очи, постојано беше со мене. Можеби беше Богородица или некој нејзин ангел. Се обидов да ги придвижам нозете и рацете, но не можев да ги мрднам. Ги затворив очите.

  Слушав некои шепотења, гласови. Ја помрднав главата. „Повторно се буди“, слушнав гласови. Не знаев ни која сум, ни каде сум. До мене допираше познат глас. Зборуваше дека кога сме биле в продавница, едно девојче плачело да ѝ купат родителите фустан, а јас сум ѝ викнала да е послушна и сум ја скубнала за коса и сум ѝ удрила два шамари. Многу сум била храбра и силна.

  Гласот почна да плаче. Влегоа луѓе во бели мантили, а гласот зборуваше плачејќи: „Се разбуди од кома моето девојче додека и раскажував случки од детството“. Лекарите ме гледаа и едниот кажа: „Добро е, се освести, Дора“.

  Ги гледав зачудено. „Нѐ гледаш?“, праша едниот. Климнав со главата и ги затворив очите. „Добро е, се разбуди“, слушнав од далеку.

  Едниот лекар почна да разговара со мене. „Кои се овие?“, ме праша. Го раздвижив јазикот, меѓутоа не успеав да го помрднам и климнав со главата. „Мајка ти и татко ти?“, почна да ми објаснува и продолжи: „Дора, јас се викам Андреј. Од твојата држава сум. Овде сум на специјализација. Ги препозна твоите родители, нели? А оваа која е? Сестра ти, близначката Исидора? Чудно ти е што ги гледаш? Ти си во болница. Беше во кома три недели. Веќе неколку дена се будиш полека. Доживеа сообраќајка со мотор. Ти ја опериравме главата и можам да кажам дека штом се освести од кома, да се надеваме на подобро“.„Јас во кома?“, си помислив во себе, но лекарот продолжи: „Сега одмарај. Пак ќе те посетиме“.

  Дојде медицинската сестра и ми стави инјекција. Ме завртија полека и ми рекоа дека не смеам да ги движам рацете и нозете бидејќи и тие ми се оперирани.

  Дента бев сонлива и спиев. Другиот ден, кога се разбудив, појасно гледав и разбирав сè, меѓутоа не можев да зборувам. Утрото, мајка ми и Исидора не беа тука. Татко ми седеше со мене и ми ја галеше раката. Очите му беа пропаднати и солзливи. По очите ме позна дека барам одговори и кусо ми кажа: „Дора, со твоето момче Кримо сте имале тешка сообраќајка со мотор. Ти едвај преживеа, а Кримо...“ и тука замолче.

  Се сетив. Кримо беше моето момче. Неповрзани нешта ми шетаа во главата. Кримо. Немо во тишина, солзите ми се сливаа низ лицето. Татко ми ми ги бришеше солзите и издивнуваше. Подоцна, дојдоа мајка ми и Исидора.

  Влезе лекарот Андреј. Моите го чекаа нестрпливо и го прашуваа за мене. Андреј им одговори: „Сега е најважно тоа што се разбуди од кома. Рехабилитацијата ќе трае подолго и има проблеми и со говорот. Центарот на говор е повреден, му треба време за да се санира и да почне да зборува. За операциите на скршениците на рацете и на нозете треба уште некое време за да заздрават. Сега е најбитно да почне со опоравување за да може да си заминете дома“.

  Деновите поминуваа и јас од ден на ден се чувствував сè подобра. За околу петнаесет дена почнав да јадам и да ме седнуваат в постела. Физикална терапија ми правеа в кревет и ми ги масираа рацете и нозете. Само што не можев да зборувам. За дваесет дена си заминавме дома и нашата амбасада за карти ни помогна и за сè што ќе им се обратевме.

  Сите беа загрижени и постојано се јавуваа и кај моите родители и кај Исидора и имаа желба да помогнат. Ме негуваа и од ден на ден се чувствував подобро. Цел хаосен мозаик в глава почна да ми се склопува. Со Кримо кога сме се возеле, кочниците се расипале и Кримо не можел да закочи. Удрил во дрво. Тој починал на лице место додека јас сум летнала и директно по 10 метри летање сум паднала на асфалт.

  Сузи, Ен, Том и Роби кои возеа зад нас веднаш повикале брза помош и се обиделе да го реанимираат Кримо. Во меѓувреме, му јавиле на Сем и дошол и мајсторот што го поправаше моторот да помогнат, но за сè било предоцна. Сум имала среќа ако не сум летнала и јас ќе загинев. А Кримо пребрзо возел. Мајсторот го предупредил, но така требало да биде.

  На сите им беше многу тешко што се случи оваа трагедија. Смртта на Кримо длабоко ги вознемири и во едно беа сигурни дека ваква љубов никогаш не виделе и дека секогаш завршува трагично.

  Јас не можев да се помирам. Физички се опоравував, но психички срцето ми крвавеше. Можеби и затоа немав желба да зборувам. Го изгубив Кримо, јас едвај преживеав, се чувствував изгубено, исплашено и бесцелно.

  Почнав да посетувам и психијатар. На една сеанса психијатарот ми кажа: „Дора, сите се трудат за твоето успешно опоравување, меѓутоа мораш да се потрудиш и ти. Ако не прозборуваш за некое време, многу ќе изгубиш. Не ќе можеш да продолжиш да студираш, а тебе многу ти значи тоа да бидеш лекар. Посвети се на медицината. Сфати дека Кримо веќе не постои, а и тој би сакал да си среќна. Мораш да продолжиш да живееш. Доколку не прозборуваш, ќе ги разочараш твоите родители, Исидора и пријателите. Почни да вежбаш со гласови. Ако не се обидеш, нема да добиеш ништо“.

  Зборовите длабоко ме вознемирија. Почнав да размислувам. Некогаш мал разговор ќе те освести. Да пробам вежбав дома со Исидора, посетував логопед. Од почеток ми беше сеедно, но почнав полека да испуштам гласови и добив желба за зборување. Излегов и од тој превез. Поминаа две години.

  Се запишав на медицина повторно кај нас. Исидора ме носеше на факултет. Професорите беа коректни и честопати за да се искажам полагав написмено. Завршив факултет. Станав лекар. Одам на работа, денот ми е исполнет, се опоравив и зборувам. Излегов од пеколот. Исидора се омажи и има дете. И јас се радувам со него.

  Во секој живот луѓето доаѓаат, некои остануваат, некои заминуваат. Меѓутоа, кога и да помислам за минатото, за Кримо, сфаќам дека среќата е релативна, животот е автопат и од која страна и да излезеш, од таму ќе продолжиш да се движиш.

СТУДЕНТКА