(ФОТО) Маја Саздановска се преполови: Вежбам четири пати во неделата, алиштата сведочат дека сум на добар пат

Маја Саздановска на вистински начин ги искористи пандемијата и социјалната дистанца кои ги наметна коронавирусот. Пејачката со карактеристичен вокал која работи како организатор во Националната опера и балет видно ослабе и интензивно му се посвети на вежбањето во домашни услови. Маја е една од оние жени кои секогаш гордо ги носела своите облини и на вистински начин ги истакнувала. Мајка е на осумгодишната Срна, и последниве години живее прилично динамичен живот. Освен ангажманите во Операта, Маја ја следи Калиопи и нејзината екипа на сите настапи низ регионот како придружен вокал.

„Веројатно минатата година ќе ја паметам по сите предизвици и препреки, не велам дека за сите не беше тешка, но за динамичен човек како мене, кој немаше слободен викенд работа и патувања, дефинитивно годината дојде како голем шок. Но, седнав, размислував и решив вишокот на слободно време да го посветам на своето семејство и на себеси. Фала богу на телефоните и другарите кои неизмерно ги сакам, што сите бевме присутни на каков и да е начин низ цело ова патешествие. Јас не знам колку не мотивациони цитати, пораки и мисли сме споделиле меѓу себе, потврдувајќи си дека сме тука еден за друг, и давајќи си ја целата поддршка за другиот, мноооогу хумор и секако многу љубов“, ни раскажа Маја за почетоците на својата трансформација.

Од сите стари навики, и она што бил животот пред пандемијата, ѝ останала како недокажана приказна нејзината страст кон вежбањето. Предходно функционирала во сала, и тоа вели дека супер ѝ одело, но наеднш останала само опцијата за вежбање од дома.

„Тука ми беше малку потешко. На почеток сама, со дотогаш стекнатото знаење, ја одржував  желбата, сè додека еден ден не наидов на едно стори на Инстаграм од Елена Бубало каде што имаше повик за предавање за исхрана. Бидејќи тоа мене отсекогаш многу ме интересирало, се пријавив да го ислушам предавањето. И како плус на тоа договоривме дека може и да се вежба со групите кои вежбаат онлајн, па така почнавме во април минатата година. Резултатите се веќе поприлично видливи, но бројките не ги знам. Јас сум тип кој многу ретко се мери на вага, но алиштата веќе сведочат дека сум на добар пат“, додава Маја.

Начинот на исхрана, е лично нејзин избор, кој не се води според ниеден конкретен начин, туку сублимација на сето предходно знаење и многу читање. Најважното е што сето тоа Маја го адаптирала на потребите на сопственото тело и динамиката на нејзиниот живот.

„Да не бидам сфатена погрешно, рестрикциите постојат, јас веќе повеке од 2 години не јадам бело брашно, шеќер скроб, внесот на јаглени хидрати е намен на минимум но се трудам да поставам некој баланс на својот организам“, вели Саздановска и додава оти мотивацијата за вежбање освен на својата упорност и изджливост, дефинитивно би сакала да ѝ посвети и на Елена Бубало.

„ Во принцип јас сакам креативен пристав, променлив и секогаш иновативен од страна на тренерот, и покрај сите предизвици на вежбањето без физичко присуство и фрустрациите кои тоа ги предизвикува за двете страни, ние имаме супер дружба, еден час посветен целосно на себе, дисциплина, зајакнување на карактерот, мотивација од групата и огромна и несебична поддршка од Елена. Ете, тоа е она што мене ме  мотивира четири пати во неделата, и ништо друго не е битно, само да се биде во можност за вежбање. Колку и да е тешко, таа наоѓа начин како да допре до секој од нас, и да не помрдне секој час сèпонапред и понапред. И секако не е фер да лажам- надворешниот изглед нè мотивира дополнително“, ни раскажа Маја.

За крај, таа вели дека освен упорноста за намалување на тежината и добрата форма во која сака да остане, си посакува малку повеќе среќа за неа и за нејзините најблиски, многу здравје и желба  сево ова со вирусот да остане само едно сеќавање.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива