(ФОТО) Нежен и енергичен: Ерос Рамацоти ја расплака и разигра публиката во Скопје
Долгоочекуваниот концерт на италијанската ѕвезда Ерос Рамацоти, кој вечерва се одржа во „А1 арената“ беше вистински мелем за уши и очи за присутните.
Пејачот со светска кариера ѝ понуди на публиката во Скопје двочасовно уживање со песните од својот нов албум, но никако не ги изостави и своите најголеми хитови кои беа испеани во еден глас со фановите.
Музиката компатибилна со неверојатно добрите визуелни ефекти, направија емоциите кои ги пренесува Ерос преку своите песни, да се почувствуваат на најдобар можен начин.
- Здраво Скопје, како сте? Фала ви што дојдовте, уживајте во забавата- порача харизматичниот музичар на македонски јазик.
На баладите публиката плачеше, додека пак на брзите песни танцуваше заедно со енергичниот Рамацоти. На трибините меѓу фановите беше присутен и претседателот Стево Пендаровски со сопругата, додека пак во партер во концертот уживаше и музичарот Влатко Стефановски.
Препознатлив по својот едноставен стил, Ерос во текот на концертот промени неколку аутфити, но тоа беше речиси и незабележително, бидејќи преовладуваше неговата омилена црна боја.
Покажа дека е виртуоз на гитара, а со неговиот одличен бенд, пренесоа и многу важна порака за присутните, односно дека заедно може да придонесеме да нема пластика во океаните, како и дека мора да придонесеме во намалувањето на загадувањето на воздухот што го дишеме.
Нежен и со прекрасна комуникација со публиката, Ерос беше вратен и на бис, и уживаше до самиот крај на прекрасниот концерт, дел од неговата светска турнеја.
Д.Караташова
Фото: Вангел Тануровски