(ФОТО) Охриѓани плаќаат смештај во Охрид, бегаат по камповите од преполниот град

Охриѓаните на кои им пречи метежот оваа година плаќаат сместување во околните кампови, и покрај тоа што имаат свои станови во Охрид.  Поради големата фреквенција на луѓе низ Охрид, и превентивна заштита од пренесување на вирусот Ковид 19, дел од мештаните, особено оние кои живеат во центарот на Охрид, бегаат во помирните делови на камповите, најмногу во Љубаништа.  

"Живееме во центарот на Охрид, и уште од пред неколку месеци знаевме дека ќе има голема гужва летово во градот. Затоа, од мај си имаме резервирано бунгалов овде во Љубаништа. Плаќаме 1.500 денари на ден за бунгалов со четири кревети и ќе останеме овде додека не помине хаосот во Охрид. Знаеме каков е нашиот народ, препораките за заштита не ги почитуваат сите, затоа тука, ем сме на самата плажа, и е многу помирно и посигурно, и децата уживаат. Дома сме, а како да сме на одмор. Обично одиме во Грција или Албанија, и парите што би ги потрошиле за на море, ги дадовме дома", ни изјави охриѓанка која со сопругот и со децата е сместена во помирниот дел на кампот, делот кој е поблиску до Свети Наум. Во кампот, имаше и други охриѓани кои го сториле истото.   

Годинава, иако градот е полн, на улиците поретко може да се слушне познатото охридско нудење на сместување: "Смештај да н' требит?". Голем дел од охриѓани годинава се откажаа од издавање соби, исто така поради заштита од вирусот.

"Делот од куќата што секоја година е полн со туристи, ми седи празен. Примив само една госпоѓа од Скопје којашто ја познавам долго, и со години ми доаѓа на почетокот од јули. До крајот на сезоната, ниту јас, ниту дел од моите комшии нема да издаваме соби. Да сме здрави и живи, догодина", ни изјави една охриѓанка која живее во центарот на градот. 

(М.Џ.)