(ФОТО) Сите сме оставиле солзи во Универзалната сала: Носталгично сеќавање на хитовите од Скопскиот фестивал
Во најбрзо време да се реновира и да се врати Универзалната сала и да се врати Скопскиот фестивал, беше главната порака на носталгичниот настан „50 години од Скопски “, кој се одржа во рамките на „Бела ноќ“.
Хитовите од Скопскиот фестивал се пееја токму пред салата која е најголем чувар на спомените на многу генерации, од 1966 година кога почна да работи, до 2015 година кога се затвори. Приказната за вредностите и на поврзаноста на „Скопски“ и на „Универзална“ низ интересно сценарио ни ја донесоа водителите Елена Митева и Марко Марк.
„Сите сме оставиле солзи во Универзалната сала“, рече Сашо Гигов- Гиш по моќната изведба на „Самовилска свадба“ и „Сѐ што сакав“ од Симеон Гугуловски. Ѓоко Танески не потсети на евровизиската „Јас ја имам силата“ и „Само ти“ од Зоран Милосављевиќ, која одлично му легна. Уште една евровизиска, убавата „Убава моја“ ја испејаа „Ај кју“, но и преработката на „Не заборавај“ од Калиопи.
Назад во златното фестивалско време не врати „Галебе мој“ и легендарната Верица Ристевска. Топлиот пречек на публиката и емотивната реакција на песната која нема кој не ја сака, ја расплакаа Верица. Многу Скопски фестивали не поминале без Драган Мијалковски, па не можеше ни ова сеќавање. Ретка можност и привилегија е да се слуша Мијалковски со „Оди си“ и „Гитаро моја“ во живо. Пејачот кој како од шега земаше награди на многу фестивали во поранешна Југославија ни малку не ја загубил енергичноста и свежината во гласот и во интерпретацијата.
„Што те нема“, е една од најубвите песни на Кире Костов, една од оние на кои „Скопски“ е горд, а секоја нова изведба на овој евергрин од Лидија Кочовска е посебно доживување. Кочовска и овој пат растури, ја донесе баладата од срце и со душа, а публиката не трепна следејќи ја. Лидија не развесели и со „Лиду ду“ од Маја Оџаклиевска. Освежување на вечерта беше Сара Мејс со „Градина од цреши“ која ја испеа со многу емоции во акустична верзија, свиреќи ја на клавијатури. „Ми фали Скопски фестивал“, рече Сара пред да започне со впечатливата „Врне, врне“ од поновото време на „Скопски“, но сепак евергрин.
Вечерта во која сите уживаа заврши со хитот на векот, „Чија си“ и Славе Димитров. Радост беше да се гледа легендарниот Славе на сцената придружуван од сите негови колеги и публиката, заедно во „Чија си“. Сосема спонтано, тој ја покани и својата драга пријателка Блага Петреска која ги бодреше колегите од публиката да им се придружи на сцената. Концертот немаше да биде толку успешен без Биг бендот на сцената и диригентот Љупчо Мирковски и придружните вокали Ана и Сара. Овие музичари, заедно со пејачите и хитовите ни го вратија мирисот на фестивалот и на салата на кои сите со носталгија се сеќаваме.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски