(ФОТО) ТОП ПЕТ ПЛАЖИ НА ЛЕФКАДА: Зошто не треба да го одминете овој рајски остров

Доколку сте летувале на Лефкада, тогаш сигурно повторно сте посакале да се вратите на истото место бидејќи овој грчки стров е вистински рај на Јонското Море.

Плажите потсетуваат на карипските песоци, а за да ви биде уживањето комплетно, кога ќе патувате на Лефкада, не пропуштајте ги следниве 5 плажи.

Порто Кацики

Порто Кацики се наоѓа на југо-западниот дел од островот и ѝ е доделено „сино знаменце“. Се работи за една од најубавите плажи на островот, но и во Јонското Море. Името Порто Кацики значи „залив на козите“, а тоа се должи на фактот што во минатото само козите можеле да пристапат на овој дел од островот. Денес, плажата е одлично организирана и за да пристапите до неа ќе треба да се симнете по 50 скалила, но сето тоа ќе се исплати кога ќе стапнете на беспрекорно ситната песок и ќе го погледнете морето.

Егремни

Оваа плажа се наоѓа на 30 километри јужно од главниот град, Лефкада, на западниот брег. Плажата е долга неколку километри, прекриена со ситен песок, а во позадината се издигаат стрмни карпи, правејќи еден од најубавите пејзажи на островот. Егремни е единствената плажа на Лефкада којашто е потполно отворена, т.е. нема мали заливчиња. На моменти, ветрот на ова место знае да стане прилично силен, а при таквите услови, брановите можат да достигнат височина и од 3 метри.

Кацима

Плажата Кацима се наоѓа на 14 километри јужно од главниот град, Лефкада, на западниот брег на островот. Се одликува со малку покрупен песок и тиркизно сина боја на водата. Се работи за една од најпопуларните плажи на Лефкада, која има сопствен паркинг, таверни и барови, но и тушеви кои се реткост на другите плажи.

Василики

Плажата во Василики е исклучително пријатна, со кристално чиста вода и преубав поглед. Иако еден дел од плажата ја користат сурфери (за часови, но и за професионално сурфање), другиот дел е идеален за одмор, особено доколку патувате со деца. Дното на морето е послано со мек песок, а можете да одите и преку 10 метри во морето, за длабочината да помине едвај половина метар.

Лимни

Плажата Лимни, која се наоѓа во Никијана е малку поинаква од останатите на Лефкада. Се работи за потивка и помалку посетена плажа, на која можете во целост да се опуштите. Ова место, исто така, е погодно за одмор со деца, а самата плажа е многу блиску до гратчето и сите погодности што тоа им ги нуди на туристите.