(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КОКИНО) Убавините на Македонија: Изгрејсонце на кралскиот трон

Магијата и мистичноста на Кокино е убаво да се доживее и преку ден и навечер, набљудуваќи ги ѕвездите.

Кокино е популарно место за посета, во текот на целата година, а има и зошто. Мегалитската опсерваторија се наоѓа во атарот на општина Старо Наогоричане. Оддалечена е околу 35 километери од Куманово, и 75 од Скопје. Таа е поставена на врвот „Татиќев камен“. Името го добила по блиското село со исто име. 

Ова место има чудесна моќ, велат оние кои барем еднаш го посетиле. Во Кокино е лоцирана централната позиција за набљудување на небесните тела, и тоа е едно од најпривлечните нешта на Кокино. 

Со седумте маркери кои се изработени во вертикалните карпи се означувале местата на изгрејување на сонцето и на месечината. Кокино е богато и необично и поради камените седишта кои се наречени тронови. 

Затоа, кога ќе зачекорите на ова место се чувствувата како да сте дел од некое кралство. „Кралските“ седишта се издлабени во карпа и поставени се во правецот север-југ. Ако одите во Кокино наутро, и ако седнете на кралските тронови, ќе ја имате таа привилегија да почувствувате како ве огрева првиот утрински зрак. 

На лето, појдете рано наутро за да го доживеете ова неповторливо искуство.

Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика.

Според наодите на археолозите, на наоѓалиштето Кокино, всушност, немало живеалишта туку дека опсерваторијата била и светилиште, а во процепите на карпите се ставале предмети наменети за нивните божества. 

Целата приказна за ова кралско место е филмска. Сосема случајно, опсерваторијата во 2001 година ја открил Јовица Станковски, а кн крајот на 2001 година биле започнати истражувањата од страна на Народниот музеј во Куманово. 

Сосема оправдано, во 2005 година, НАСА го стави Кокино на четвртото местоп на листата на најстари и најважни астрономски опсевратории на светот. 

М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски