(ГАЛЕРИЈА) Црното е вечна класика: Женствени и урбани креации на Моден викенд Скопје

Добивај вести на Viber

Пет уникатни модни ревии го одбележаа вториот ден од Моден викенд Скопје, кој годинава се одржа на нова локација, во Музејот на град Скопје.

Под слоганот „десет години заедно – приказната продолжува“, Моден Викенд Скопје влезе во втората декада од своето постоење. Со промената на локацијата, „Моден викенд“ се приклучи на прославата, на 70-тиот јубилеј на Музејот.

Вчерашниот настан почна во Железничката станица со интересното модно патување на Теа Митровска која прикажа креации инспирирани од времето на поранешна Југославија. Шоуто продолжи во Старата железничка, во Музејот, со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд Jar & Jam.

Своето модно деби го направи младата дизајнерка Мила Спасовска со колекцијата наречена „Текстура на умот“. Урбаниот почеток на Спасовска беше примен со силни аплаузи од публиката.

Црната боја е вечна класика, порача познатата дизајнерка Зана Алију, која прикажа неколку елегантни, уникатни и женствени модели во кои доминираше црната боја. Публиката секогаш добро реагира на моделите на Алиу, а така беше и овој пат.

За крај, на модната писта се одржа заедничкиот перформанс на талентираните учесници од проектот „Нитка“, кои својот дизајн го прикажаа низ различните техники на плетење. Втората вечер од Моден викенд заврши со забава. Настанот продолжува и вечерва, а ќе го затвори ревијата на Олгица Георгиева.

М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски