(ГАЛЕРИЈА) Модна ноќ на невести во „Мериот“: Луксузна свадба во Скопје
Венчаниците на дизајнерките беа шик, разголените гради на манекенките предизвикаа шок, дотераните гости се туркаа како на премиера и разговараа со вино, коктели и шампањ вечерва на 8. Модна ноќ на невести во хотелот „Мериот“, во организација на Моден викенд - Скопје.
Пред вечерашните ревии со раскошните и класичните венчаници од ателјето „Al Aparel“ на Наташа Карчева, бутикот за венчаници „Лебед", косовскиот бренд „Menakon Creations“, ателјето „Anna Bora“ и на „МCouture“, идните невести во шоурумот во текот на денот, имаа прилика одблизу да ги разгледаат колекциите, како и да „грабнат“ понуда со големи попусти од изложувачите.
Тешко е да се зборува за тренд кај венчалните фустани и свечените тоалети. Модата кај венчаниците се сведува на деталите и дезените на ткаенините, побавно се трансформираат кројките и боите, постои движење во однос на чистење на формите и софистицираност на изработката, сѐ повеќе се бараат лесни материјали, но и квалитетни.
Удобноста во носењето на венчаницата и должината на венчалниот фустан се исто така важни за невестата, а манекенките признаваат дека носењето на венчаници на писта е најодговорна и најтешка работа, можни се неочекувани сопнувања.
Л.С.
Фото: Вангел Тануровски