(ГАЛЕРИЈА) Владо Георгиев, Лозано, Самарџиќ направија џумбуш на свадба во Скопје

Црногорскиот кантавтор Владо Георгоев прв започна па пее, а по него и другите негови колеги. На свадбата на менаџерот Кристијан Стефановски од продукција „Прагма“ и неговата сопруга Ана Стојковска на гости беше речиси целата балканска и македонска естрада со која соработува. За одличната забава на свадбата беше задолжена групата „Балкан бенд“ која успешно ги следеше сите пејачи.

„Сега ќе им најавам на надлежните од хотелот дека ќе запалам цигара, а тие нека ме казнат. Кристијан, нема веќе патувања, конечно се скраси со вистинската девојка. Што ќе правиш сега? Ќе бркаш работа“, рече Владо Георгиев на одличен македонски. Георгиев ја испеа "Anđelе“ и уште неколку негови хитови во кои уживаа гостите.

„Пред неколку години, кога бев во Скопје на концерт со Оливер Драгојевиќ, заедно ја запеавме „Елено ќерко“. Тогаш, не ни помислував дека ќе имам ќерка по име Елена. Вечерва ќе ја пеам таа песна за мојата Елена“, додаде Георгиев. 

За одличната забава на свадбата беше задолжена групата „Балкан бенд“ која успешно ги следеше сите пејачи

По него, микрофонот го зема Жељко Самарџиќ. Насмеан и секогаш расположен за пеење, тој порача: „Све је моје твоје“, „Дајте неку лошу’, „Девет хиљада“. Самарџиќ направи фантастична забава, ништо помалку од она што од него се очекува.

Лозано со„ Километри“ и со „Јако, јако“ беше следен. Хитовите кои за него ги напиша Лазар Цветкоски се химна на сите генерации, што најдобро се покажа во една поинтимна атмосфера како свадба. Лозано стандардно растури. 

Кралицата на фолк- музиката Виолета Томовка не разнежи со „Молитва“, а во дует со Благоја Грујовски ја пееше „За многу години Македонци“. Благоја и Виолета на вистински начин ги развеселија гостите. 

Драган Вучиќ не врати назад во времето на неговата  група „Кода“ со „Ника Ника“, но и неговиот хит „Ќе те збарам“. 

Времеплов имавме и со Јован Јованов, близок пријател и соработник на младоженецот. Јован, кој за свадбата дојде специјално од Канада, ја испеа „Магија“, првиот хит од групата „Магија“, со неговата добро поната кореографија. Гостите скокаа враќајќи се во деведесетите.

Елвир Мекиќ исто така беше гостин на свадбата. Тој од Сареаво дојде со неговата атрактивна сопруга Лејла. За почеток, Мекиќ испеа хитови на Дино Мерлин, а потоа во дует со Јован, нивниот стар хит „Итно ми требаш“. 

Забавата заврши со Васка Јанковска и „Едерлези“, насловната тема  од филмот „Дом за бесење“. М.Џ.