(ГАЛЕРИЈА) Живејте здраво и умерено: Милица и Томе прославија 70 години брак
Пред многубројните пријатели и роднини, а во организација на најблиското семејство, брачниот пар од Битола, Милица (93) и Томе (96) Мицевски, прославија 70 години брачен живот.
На прославата која беше одржана во Премиер центар, беа повторно прочитани брачните завети, а на истата и претходеа сите обичаи карактеристични за една венчавка, од земањето на невестата, украсениот автомобил со свадбени декорации, свадбеното танго, до фрлање на бидермаерот во ресторанот.
Томе бил познат правичен професор, како што раскажуваат битолчани, по математика во гимназијата Јосип Броз Тито. Милица била, исто така, просветен работник, па така и се запознале. Во периодот кога тој бил директор во гимназијата во Кавадарци одлучил да ја побара Милица за жена.
„Живејте здраво и умерено“, советува Томе, а за нивната љубов вели дека во овие години уште повеќе си требаат еден на друг.
И двајцата споделија совет до младите: Ако постои вистинска љубов, тоа е најголемото богатство, чувајте ја.
Брачниот пар Мицевски имаат син, ќерка, внуци и правнуци, па најголемото богатство е овој значаен момент, нивната дијамантска свадба да ја одбележат со своите најмили.
Неда Маретиќ
* Преземањето фотографии без дозвола од редакцијата соодветно ќе се санкционира. Преземањето на авторски содржини е дозволено само делумно со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира.