Галичка или холивудска, свадба ко свадба
Еднаш, два пати, три пати...или што ми
требаше.
Во младоста, на зрели години, или во староста.
Од љубов, од инает, заради потомство, да не ве зборат или да не се брука семејството.
Спонтана, планирана, на слепо или договорена.
Скромна, гламурозна, евтина, скапа, во најтесен круг или масовна.
Анонимна, славна, галичка или холивудска.
Како на филм, копирана или озборувана.
Тука, во странство или на егзотичен остров.
Подготовките за свадба траат повеќе од чинот кога велите: Да!
Едно планирате, друго излегува. Трошоците се дуплираат од ден на ден, како и бројот на поканети. А и поп-музиката на крај завршува со фолк.
Колку пари, кој ќе ни свири, во кој ресторан, кои гости, кој ќе ми ја дизајнира венчаницата, кој ќе ме шминка, што да облечам, што да подарам, каде е невестата, каде е младоженецот, каде е кумот, зошто ме седнавте до овие а не до оние, ме жуљаат чевлите, ме стега фустанот, не можам да стојам на нозе, отворете прозор, не се дише, каде со подароците, каде на меден месец, дали планирате бргу деца...?
По свадбата, спомените се побледи и побледи и убавите ги потиснуваат грдите. Откако убаво ќе се наспиете, гледате со розови очила. Ве чекаат брачни обврски, а на незадоволните, навредените и налутените ќе им помине.
Не е се гламур. Дури ни во кралските семејства.
Поздрав до сите младенци!
Лејла Сабит