Гарванлиев и на Прочка, дали можеме да ти простиме?

На Прочка, ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците, евровизискиот претставник Васил Гарванлиев со неговото интервју кое кружи на социјалните мрежи, наместо мир и спокој во душите, внесе гнев и разочарување. Не‘ стави во дилема да изустиме „Господе прости му, не знае што зборува“. Но, дали ние можеме да му простиме?

·Да почнеме од почеток. Македонската радио телевизија како апсолутен владател за изборот на песна за Евровизија, повторно му даде шанаса на Васил Гарванлиев да не претставува на изборот. Може да им се прости, бидејќи не е прв пат група луѓе ангажирани во овој проект, контролирани од генералниот директор, да ни го сервираат македонскиот претставник на начин на кој нив им одговара. Не е ни првпат, да се плетат приказни околу изведувачот, за негова наводна блискост со владејачката партија.

Може да се прости што јавниот сервис не забележал дека на официјалниот спот на песната „Here I stand“ во кој се појавува уметничкото дело од поставката во Даутпашиниот амам, боите асоцираа на бугарското знаме.Спорниот кадар ќе биде отстранет од спотот.

И претходно се менувал официјалниот видеозапис на нашиот претставник, поради бурни реакции на граѓаните, предизвикани од политички побуди.

Сега се споделува ТВ-интервју на социјалните мрежи, во кое на прашањето во врска со државјанството на Македонија, Гарванлиев вели дека освен македонски има и бугарски пасош, бидејќи баба му била по потекло од Бугарија и имал далечни роднини таму. Не е ништо спорно.

Во историјата на Евровизија, запишани се учесници кои имале пасош од една земја, а на изборот претставувале друга. Многу претставници го истакнувале своето потекло и ги спомнувале бабите и прабабите. Тоа најчесто бил и најдобриот маркетиншки трик- да ѝ се додворат на земјата од нивната прабаба, надевајќи се и на гласови од тамошната публика или жири.

Но, во историјата на овој избор, запишани се и земји кои го откажале своето учество поради политичката нетрпеливост со некоја од учесничките. Биле дискфилифакувани изведувачи, бидејќи текстот на песната бил со политичка порака и го загрозувал идентитетот на друга земја.

Васил во видеото истакнува дека е роден во Струмица, која како што вели се наоѓа од „другата страна на земјата“.

На прес конференциите пред новинарите во Ротердам, Холандија, пред него ќе стои табличка со North Macedonia. До пред две години на неа пишуваше FYROM.

На која земја мисли Васил? На земјата која му даде шанса по втор пат да биде евровизиски претставник, која му овозможи сам да бира песна, која му го финансираше спотот, која ќе му плати престој во Холандија со сите бенефиции. Или земјата на баба му?

Василе, Струмица е во Македонија, барем за нас кои очекуваме промоција на нашата татковина на најголемиот европски музички настан. Затоа, на овој ден кажи ја јавно или во себе молитвата „Прости ни Боже за се она што намерно или ненамерно сум го направил, а притоа сум му наштетил некому, Прости ми ги сите гревови бидејќи сите ние сме грешни“. Големината на човекот е во простувањето. Само големите луѓе може да простат. Во оваа политичка криза, со Бугарија, не знам колку ќе бидеме големи.

Соња Алексоска Неделковска