Германски службеник: Навални прозборе, сака што побрзо да се врати во Русија

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој закрепнува во берлинска болница од труење од нервен агенс, разговарал со германски обвинител за нападот врз него, потенцирајки дека планира да се врати во Русија веднаш штом се опорави, изјави висок германски службеник за безбедност.

Навални беше во вештачка кома во болницата „Шарите“ во Берлин, а кај лекарите постоеле големи стравови за последиците од труењето на неговото тело. Но, неименуван службеник за безбедност изјави дека Навални изгледа ментално чист, пишува Њујорк Тајмс.

„Тој е целосно свесен за неговата состојба, тој е целосно свесен за тоа што се случило и тој е целосно свесен каде се наоѓа“, изјави официјалното лице.

Навални во болницата е под силно полициско обезбедување.

Во разговор со германскиот обвинител, тој одбил да соработува, во врска со руското барање за заедничка истрага со Германија, истакна неименуван германски службеник, додавајќи дека кога ќе се опорави, Навални планирал да се врати во Русија.

"Тој не планира да остане во егзил во Германија. Тој сака да оди дома во Русија и сака да ја продолжи својата мисија", изјави неименуван германски претставник.

Навални прв пат по труењето се појави на Инстаграм во вторникот, наведувајќи дека во понеделникот можел да дише цел ден без апарати за дишење.

„Сè уште не можам да направам скоро ништо, но вчера (понеделник) можев да дишам цел ден“, напиша Навални на својот Инстаграм профил..

„Њујорк Тајмс“ наведува дека руските официјални лица не биле веднаш информирани дека Навални одбил да соработува и тие не реагирале веднаш на веста дека и француската и шведската лабораторија потврдиле дека рускиот опозициски политичар е отруен. Кремљ инсистира на тоа дека нема докази дека Навални бил отруен и изнесе неколку алтернативни теории, вклучувајќи предозирање со лекови и низок шеќер во крвта.

Германската канцеларка Ангела Меркел, која вообичаено разговара со рускиот претседател Владимир Путин по телефон еднаш неделно, не се чула со него откако Навални бил отруен, изјави споменатиот германски функционер.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделникот го откажа состанокот што требаше да го има оваа недела со неговиот германски колега Хајк Маас.

Министерството за надворешни работи на Русија не го спомна труењето на Навални во изјавата, наведувајќи дека откажувањето е поврзано со премногу обврски на Лавров.


Фото: REUTERS/Shamil Zhumatov/File Photo