Ги молам да не ги хранат животните, тие ми бараат легитимација: Фоторепортажа од скопската Зоолошка (ФОТО)

Апаките Фелиција, Кенди и Бренди се првите домаќини кои нè пречекаа во Скопската зоолошка градина, во популарното „Бејби Зу“, кое во моментов не е отворено за посетители.

-Децата едвај чекаат да се отвори, а и ние. Во моментов, сите мали животни се на топло, на различни страни, и овој дел повторно ќе функционира од средината на март“, ни раскажа Тина Мицковска, лице за односи со јавноста во Зоолошката.

Тина беше наш водич во текот на фоторепортажата и прошетката низ живеалиштата на животните. Таа ја знае секоја приказна, за секој жител посебно, на секое од животните му обрнува посебно внимание. Тина има неисцрпна енергија, и никогаш не престана да се бори за она што најмногу ѝ пречи заедно со нејзините колеги, опоменувањето на посетителите да не ги хранат и да не ги вознемируваат животните.


-Жал ми е, дојдовте баш во ден кога има најнекултурна публика. Кога ќе ги опоменам со убаво дека хранењето е забрането, некои луѓе разбираат, некои се доста дрски. Ми бараат легитимација за да им докажам дека работам овде“, се пожали нашата домаќинка.

Лут беше и популарниот едукатор Војо Иванов, кој е инаку многу трпелив и позитивен. Го сретнавме кај фламингата, а со него се дружевме и кај пингвините. 


„За џабе им зборуваш на некои луѓе дека постои граница до каде може да се отиде. Ако има јаже кое е наменето како ограда и не смее да се премине, тие го прескокнуваат за да им се доближат на животните. Замислете, пред малку еден човек плукаше на тигарот и се обиде да го прска со вода“, ни ракажа Војо.

Сепак, Тина дополнително не извести дека викендов, инспекторите казниле 37 посетители за хранење и вознемирување животни. „Секако, бројот на несовесни конечно е намален откако имаше најава дека ќе има инспекција“, раскажа таа.


Војо ни дозволи на кратко да ги поздравиме пингвините и фламингата.

-Штом се зголемат и ноќните температури ќе бидат надвор пуштени фламингата, а пингвините кога ќе имаме секојдневни температури над 20 степени. Сепак се тоа пингвини кои доаѓаат од Јужна Америка и топли краишта“, најави Тина уште една убава вест, особено за најмладите.

Во Зоолошката, која е нашата најпосетувана институција интензивно се работи на новитети и на подобрување на условите за животните. Но, она што ни падна во очи е живеалиштето на мечките, кое не е сменето, па дури и буди носталгија по времето од детството на повозрасните.


-Штом отпатуваат две од мечките во резервар ќе почне да се реновира живеалиштето и конечно после толку години ќе добијат нов поубав и поголем дом“, е уште една најава од нашата домаќинка.

Прошетката потоа нè одведе кај слониците Дуња и Даела. Забележавме интересен феномен кај Дуња, постарата слоница. Растена во циркуз, нејзина задача била да свири хармоника. Секогаш кога ќе види дека ѝ се доближуваат луѓе, Дуња ја мрда сурлата лево и десно, мислејќи дека е време за свирење. Навиката од поранешната дресура таа не ја загубила. Двете слоници се од циркус, целиот свој живот го поминале низ Шведска, Норвешка, Германија и биле заедно.


При крајот на нашата посета на Зоолошката, го поздравивме и славниот Коко, шимпанзото кој по десет години лечење од депресија во Холандија, во 2019 година се врати дома во Скопје.


Домаќините нè предупредија дека Коко може да се налути, и силно да тропне на стаклото што би можело да нè исплаши. Напротив, тој беше многу расположен и позираше.

Закажавме следна средба со Тина, Војо и нивните колеги наскоро, веќе на средината на март. Тогаш, освен што ќе има повеќе животни надвор, ќе има уште еден убав повод, отварањето на Дино паркот.



Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски