Ги обожавам македонските сирења и ајварот: Шеф Армандо Кодиспоти од Италија за македонската и италијанската кујна
Неделата на италијанската кујна во светот, во Македонија беше одбележана со низа настани во организација на Амбасадата на Италија во Скопје и Канцeларијата ИТА - Агенцијата за промоција и интернационализација на италијанските компании.
Ѕвезда на овогодинешното кулинарско уживање беше одликуваниот шеф од Италија, Армандо Кодиспоти. Препуштени на рацете на врвниот готвач со богато искуство во повеќе италијански ресторани, како и ресторани со една и две Мишелин ѕвезди, присутните уживаа во необичните специјалитети на Италијанецот, а тој несебично сподели дел од својата кулинарска уметност за Женски Магазин.
* Како Ви се допаѓа Македонија, дали прв пат доаѓате тука, што Ви остави најголем впечаток?
- Прв пат доаѓам во Македонија, и најмногу ми се допаѓа љубопитноста на луѓето кон кујната воопшто, како и желбата за постојано усовршување.
* Дали прошетавте, дали пробавте некое македонско јадење? Што најмногу Ви се допадна?
- Немав можност да прошетам, но успеав да пробам неколку македонски јадења. Најмногу ми се допаднаа вашите сирења и ајварот. Ми се допадна и лебот, посебно начинот на кој се подготвува.
* Кое е Ваше омилено јадење за готвење, а кое за јадење?
- Мое омилено јадење се њоки од син компир во сос од бел тартуф. Од сите јадења, најмногу уживам во подготвувањето на риба, во сите варијанти. Рибата бара посебен начин на припрема, треба да биде совршено зготвена, на начин што ќе овозможи да биде мека, и истовремено да се задржат сите хранливи состојки.
* Вие сте шеф со долго искуство низ многу европски градови. Може ли да ни раскажете нешто повеќе околу тоа? Каде Ви се допадна најмногу? Во кој европски град би останале засекогаш?
- Од европските градови во кои работев најмногу ми се допадна Лондон, каде го стекнав и моето менаџерско искуство и образование. Ми помогна да развијам сопствен вкус и начин на работа.
Би останал да живеам засекогаш во Италија. Италија има своја посебна привлечност, посебно Јужна Италија, и во моментов размислувам таму да направам база, од каде би патувал насекаде низ светот.
* Што имаше посебно во Вашите специјалитети кои им ги приготвивте на македонските гости по повод Италијанската недела?
- Пред македонските гости се претставив со рецепти приготвени со модерни техники, и со „супер-производи“ како оризот акуерело, кој е посебно софистицирана врста на ориз со висока нутритивна вредност. Исто така го претставив белиот тартуф, како автентична италијанска состојка.
* Дали научивте да приготвите некое македонско јадење?
- Не, но добив на подарок книга со традиционални рецепти од македонската кујна, што внимателно ќе ја прочитам, со цел да научам некоја техника на приготвување или некој македонски вкус кој би го споил со италијанските рецепти.
* Ваши идни планови?
- Наскоро планирам отварање на два ресторани, еден во Бејрут, другиот во Италија. Отварањето ќе биде речиси истовремено што за мене е голем професионален предизвик. Ќе се претставиме со мешавина од неколку кујни: со мене ќе работат и други готвачи, од Јапонија, Либан и Индонезија. Заедно создаваме кујна што во моментов не може да се дефинира... Ве поканувам да дојдете во мојот ресторан и да пробате.
Даница Караташова
Фото: Маја Јаневска-Илиева